Нема тука некои посебни филозофии, ниту потреба од длабоки политички анализи. Работите се прилично јасни и едноставни: поплавата од бугарски клубови во Македонија во основа е провокација смислена да го раздразнува македонското ткиво, да ја стави во искушение власта (а и опозицијата), да ги зголеми тензиите во студените односи меѓу двете држави и Софија да претстави уште една своја агенда во Брисел.
Во кои кујни е смислена оваа провокација е важно, но не и пресудно. Јавноста дозна дека најголем дел од основачите на бугарскиот клуб во Битола биле членови на ВМРО-ДПМНЕ, но тоа не значи дека партијата има некаква врска со проектот „Ванчо Михајлов“.
Царот Борис Трети дојде повторно меѓу Македонците откако во април 1941 прва година кусо по окупацијата на бугарските војски се појави во Скопје и беше пречекан со цвеќиња на улиците како некаков ослободител. Барем така се гледа на фотографиите. Тогаш од крајот на Првата светска војна поминаа само 23 години, а еден дел од жителите на Вардарска Македонија мислеа дека дошол крај на србизацијата на населението и дека Македонците ќе можат слободно да си ја изразуваат својата етничка, културна и јазична посебност во некаков вид автономна единица под окупаторските сили. Таа заблуда траеше не повеќе од половина година и разочарувањето дојде кога почна интезивната бугаризација на населението што ја спроведуваше владата во Софија, сојузник на Хитлер и Силите на оската. „Љубовта“ се претвори во гнев, а потоа во востание и борба за слобода.
Македонската јавност никогаш не разбра, и веројатно нема да разбере, зошто Борис Трети, кој одеше многу пати на средби со Адолф Хитлер како верен сојузник на нацистите, има специфично место во бугарската историја. Зошто големи булевари во Софија и Пловдив и улици во многу други бугарски градови го носат неговото име? Дали бугарската нација сака преку имињата на улиците да инсталира амнезија за годините кога неговиот режим беше сојузник на нациститите и фашистите? Дали бугарската историја не го смета тој режим за фашистички од една важна причина – дека во Бугарија повеќепартизмот не беше забранет како во другите квинслиншки држави: НДХ на Анте Павелиќ, Словачка на Тисо, Унгарија на адмиралот Хорти или Романија на диктаторот Антонеску? Дека тоа бил повеќе автократски режим отколку фашистичка диктатура.
Битката за Богдан Филов
Во 2009 година собранието на градот Софија дури донесе одлука да се именува улица според Богдан Филов, премиерот што ја водеше профашистичката влада за време на Втората светска војна. За таа одлука гласаа сите претставници на партиите, освен оние на БСП. Филов, најогнениот приврзаник на фашистите, беше претставен како археолог, интелектуалец, а на трето место како политичар. Градоначалник на Софија тогаш беше Бојко Борисов. Израелската амбасада во Софија веднаш реагираше изразувајќи „шокираност“ од таа одлука – човекот чија влада ги испрати во смрт Евреите од окупираните територии во Вардарска и Егејска Македонија и јужна Србија да добие улица во Софија. Беа депртирани 11.400 Евреи, само седумдесетина од нив преживеаја. По два дена сите партии во парламентот излегоа со декларација со која се осудува одлуката на градските власти, Борисов ја замрзна, а есента, кога веќе беше премиер на Бугарија, неговата партија го поништи тоа решение.
Повеќе од авторот: Огнени кочии
Тоа е амбиентот кој често се појавува во Бугарија. Затоа и во изјавата на службениот министер за надворешни работи, Николај Милков – „Ако името цар Борис Трети е проблем, тогаш гимназијата во Скопје што го носи името на Јосип Броз Тито е многу поголем проблем“ – нема спектакл за бугарската јавност. Толкувањето изгледа едноставно – ако југословенските партизанските војски биле најсилното движење на отпорот во окупирана Европа, секогаш треба да се направи што може и да се помати тоа општо признание на сојузниците. Особено кога тие војски и нивните партизански единици во Македонија се бореа токму против трупите на Борис Трети.
Клубот во Охрид „Цар Борис III“ е второто здружение на 3.500-те Бугари во Македонија. Што значи дека на 1.750 Бугари има по еден клуб. Што е неверојатна густина на организации за вакво почитување и дружење незабележана во Европа. Доколку, пак, се отвори и третиот клуб на Бугарите што треба да го носи името на царот Фердинанд I (бугарскиот владетел за време на Првата светска војна) во Богданци, тогаш на илјада и нешто Бугари во Македонија ќе има по еден клуб. Може да се отворат уште десетина други, да дојде еден клуб на сто души за парадоксот да добие бесмислени размери. И по можност овдешново општество да се вознемирува што е можно повеќе и да се поттикнува на избрзани, невнимателни и потоа запалливи приказни за „ксенофобични постапки“.
Генерално, за Борис Трети овие денови во јавноста се зборува и пишува за неколку работи за него, кои македонската јавност ги знаеше и порано. Но има работи за кои македонската јавност не била заинтересирана, веројатно затоа што и немала зошто. Во овој текст ќе пренесеме некои детали за Борис Трети. Но не од бугарски или македонски историчари, туку од американскиот историчар Маршал Ли Милер. Во 1975 година Маршал Ли Милер ја објави книгата „Бугарија за време на Втората светска војна“, а издавач беше Универзитетот Стенфорд во Калифорнија. Оваa книга исцрпно и неутрално со очите на еден Американец и со документи од многу тајни архиви и лични сведоштва опишува што се случувало во Бугарија од септември 1939 до септември 1944 година.
Односот меѓу Хитлер и царот Борис
На 1 март 1941 Бугарија им се приклучи на Силите на оската, на 6 април Германија ја нападна Југославија и ја распрачи нејзината територија. Териториите што Бугарија ги доби од нацистичка Германија како награда за вклучување во Тројниот пакт беа Вардарска Македонија, Егејска Македонија и Тракија, јужна Србија и дел од Неготин Краина. Бугарските трупи влегоа во Македонија на 19 април 1941 година. Главниот проблем за царот Борис и владата на Филов дојде на 7 декември 1941 година кога Јапонците ја нападнаа американската флота во Перл Харбор. Иако тоа тие не успеаја да го видат. Еве што пишува Ли Милер во својата книга:
„Јапонскиот напад на американската флота во Перл Харбор на 7 декември 1941 година, предизвика изненадувачки мала загриженост во Бугарија. Кога Германија и Италија, гледајќи ги Соединетите Држави како агресор, ѝ објавија војна за поддршка на нивниот сојузник во Оската, Јапонија, бугарската влада претпостави дека треба да се донесе одлука за да се следи примерот. Америка изгледаше далеку и се сметаше дека Велика Британија се соочува со сигурен пораз. Оттука, објавувањето војна на овие земји се сметаше за лесен начин да се задоволи Германија, а не како чекор кон катастрофа. Премиерот Филов се појави пред Народно собрание на 13 декември и изјави дека Бугарија мора да ги исполни своите обврски од Тројниот пакт со објавување војна. Јордан Севов, најблискиот пријател и советник на царот, рече дека одлуката е донесена дури откако германскиот амбасадор имал три средби со царот во еден ден. Романија и Унгарија веќе објавија војна, а на Бугарија ѝ беше кажано дека мора да покаже солидарност со другите држави од Оската“.
Историчарот Ли Милер пишува дека на почетокот од 1942 година малку кој во Бугарија верувал дека објавувањето на војна на САД и Британија може да има повеќе од симболично значење и дека со тоа можат да го избегнат објавувањето војна против Советскиот Сојуз. „Сепак, самиот цар бил толку обесхрабрен за изгледите за успех што на 9 јануари 1942 година, наводно, размислувал да абдицира од својот престол, а на 6 март ја спомнал желбата да се самоубие. Тој бил под притисок и од неговата влијателна сестра Евдокија, која се плашела дека сојузот со Германија ќе доведе до повторување на настаните од Првата светска војна, кога царот Фердинанд бил принуден на егзил. Таа му рече на Борис: ‘До кога ќе останат овие Германци овде! Знам како ќе заврши оваа војна; Никогаш нема да живеам втор егзил’“, пишува Милер.
Повеќе од авторот: Референдумот е мамка, целта се избори
Американскиот историчар го опишува и односот меѓу Хитлер и Борис, особено за време на нивните средби.
„Хитлер имал многу поволно мислење за царот. По посетата на Борис на Германија во март 1942 година, тој извесно време беше омилена тема на разговор во штабот на Хитлер. Способноста и умноста на Борис беа признати од сите во овие дискусии. Меѓутоа, во исто време, Хитлер ја прифатил молбата на царот дека е немоќен да ги преземе мерките што Германија ги побарала. Хитлер една вечер ѝ рекол на својата придружба:
‘Признавам дека кралот на Бугарија е многу интелигентен, дури и лукав човек, но се чини дека не е способен да ја гарантира стабилноста на својот режим. Тој самиот рече дека не може да смени ниту еден министер или да ослободи генерал од командата без да ја загрози неговата круна’.
Ова е изненадувачка изјава. Не само што тоа беше неточна проценка на позицијата на царот, туку беше и спротивно на многуте извештаи на германските разузнавачи дека Борис, всушност, бил неприкосновен лидер на Бугарија. Еден таков извештај за него, иако многу критичен, заклучил:
‘Сето ова покажува такви таленти на државништво и енергија што приговорите, кои секогаш се поставуваат дека тој е либерално наклонет и во крајна анализа, слаб владетел кој знае само да си помогне преку интриги, се спротивставени со фактите’.
И навистина, неколку дена по неговата прва забелешка, Хитлер рече:
‘Ако само [во 1918 година] еден германски принц го имаше печатот на Борис од Бугарија, кој остана на чело на неговата дивизија, изјавувајќи дека не сонува да се повлече ниту еден чекор, ќе бевме поштедени од жален колапс’.
Германскиот министер за пропаганда Јозеф Гебелс на почетокот имаше амбивалентен однос кон царот Борис. На 25 јануари 1942 година, Гебелс во својот дневник напишал дека ‘се вели оти царот игра донекаде дволична игра. Тој е итар, лукав човек, кој, очигледно импресиониран од сериозноста на одбранбените битки на Источниот фронт, бара некоја задна врата низ која на крајот би можел да избега’.
Меѓутоа, два месеци подоцна, по средбата на Борис со Хитлер, Гебелс имал долг разговор со царот и заклучил: ‘Кралот е извонредно шармантен и се врати од кај Фирерот полн со нови идеи и предлози. Борис е страстен приврзаник на генијот на Хитлер како водач; тој навистина гледа на него како на некој вид Божји емисар’.
Повеќе од авторот: Македонскиот руски круг
Иако Борис оставил добар личен впечаток, Хитлер отишол од разговорите во март 1942 година убеден дека Бугарија не е земја на која Германија може целосно да се потпре. Ова не се должи на недостигот на доверба во раководството на земјата, туку на проруските симпатии на бугарскиот народ, кои царот ги опиша во многу детали. Германската пропаганда цела деценија се обидуваше да ја поткопа оваа симпатија кон Русија, а во предвечерието на операцијата ‘Барбароса’ Хитлер дури предложи Бугарија да се префрли од кирилица на латиница за да се намали руското влијание. Германците, исто така, започнаа мала пропагандна кампања за да ги убедат Бугарите дека тие навистина не се Словени и затоа не се етнички поврзани со Русите. Оваа теорија не беше без основа. Традиционалното гледиште е дека мала група туркофонски воини, Бугарите, биле брзо потопени во словенско мнозинство во седмиот век. Која и да е вистината во оваа сложена област, Германците и прогерманските писатели отидоа многу предалеку во тврдењето дека напаѓачите Бугари ги уништиле речиси сите Словени што живееле во денешна Бугарија. Иако пропагандната кампања доби ограничено прифаќање меѓу неколку армиски офицери, генерално таа не направи ништо повеќе од иритација на Советскиот Сојуз и бугарските комунисти“.
Има уште неверојатно многу работи во оваа книга, особено извонредни детали за мистериозната смрт на царот Борис кон крајот на август 1943 година. На 14 август Хитлер го испрати својот личен авион да ги донесе Борис и генералот Михов на еднодневна средба во Растенбург во источна Прусија. Борис следниот ден се врати во Софија со добро здравје и отиде на своите планински куќи и со уште неколкумина се искачи на планината Мусала (2.925 метри), највисоката планина на Балканот. Три дена по оваа планинарска експедиција тој се разболе и по неколку дена умре.
Милер пишува: „Не постои официјален препис од конференцијата во Растенбург, но општите контури на дискусијата може да се соберат заедно од голем број извори. Хитлер ја изрази својата загриженост во врска со италијанската ситуација и побара уверување од царот дека и Бугарија не планира да се оддалечи од кампот на Оската. Второ, тој и Борис разговараа за придонесот што Бугарија ќе може да го даде во воените напори и разговорот за оваа точка, наводно, станал многу жесток. И денес е општо верување во Бугарија дека Хитлер барал царот да испрати трупи на Источниот фронт – барање што Борис го одбил со образложение дека Бугарите никогаш нема да се борат против нивните ослободители“. Така е и денес. Бугарија и Унгарија се единствените земји од НАТО и ЕУ кои не испратија оружје за Украина. А претседателот Румен Радев по никоја цена не сака да се потпише на барањето на деветмина претседатели од источна и централна Европа за членство на Украина во НАТО.