Охриѓани на протести против бугарскиот клуб „Борис Трети“
7 октомври 2022Бугарскиот клуб кој го носи името на контроверзниот бугарски цар, Борис Трети ја зовре атмосферата во Охрид. Стотици граѓани излегоа на протест чиј почеток беше закажан еден час пред официјалното отворање на бугарскиот клуб. Со транспаренти на кои пишуваше „Со фашисти не се преговара“ тие се собраа спроти клубот кој е сместен во градскиот Амам. Чувани од кордон полицијата, демонстрантите извикуваа пароли против клубот и фрлаа со тврди предмети и јајца кон просториите.
Од Левица повикаа на протест против „уривање на уставниот и државен поредок на Република Македонија и против разгорувањето на национална омраза“, поради отворањето на контроверзното здружение „именувано по фашистичкиот државник, слуга на Хитлер и борец против македонизмот Цар Борис III“.
Протестот доби поддршка и од најголемата опизициска партија, ВМРО-ДПМНЕ. Првиот човек на партијата, Христијан Мицкоски вчера повика на масовност, а Министерството за надворешни работи апелираше на мирен протест.
Според Мицкоски, отворањето на клубот е провокација. „Дека е провокација, не е сомнено. Груба провокација, резултат на тоа што ние како ВМРО го збориме цело време. Не станува збор за процес на интеграција, туку на асимилација, за уништување на македонскиот идентитет. Ова што денеска се случува е шокантно за Македонците, но и Евреите. Тука не гледам никаква потврда Договорот за пријателство да го нарекуваме вака. Тоа што го прави бугарската Влада нема никаква врска со пријателство“, рече вчера Мицкоски.
Законски измени
Бугарски здруженија, кои се оценуваат како провокација, се појавија во неколку македонски градови, а државата засега нема механизам за да го спречи тоа. По промовирањето на културниот клуб „Иван Михајлов“ во Битола, што предизвика лавина реакции во јавноста и кулминираше со подметнат пожар, се појави и новоформирано здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид, а се споменува можноста да никне и клуб Цар Фердинанд во Богданци.
Опозицијата најави дека ќе достави измени и дополнување на законот за регистрација на здруженија на граѓани каде ќе стои еден член дека се забранува основање или формирање на здружение кое според статут или според име ќе има било каква врска со фашистичкиот режим или со Третиот Рајх“.
Министерство за надворешни работи (МНР) во четвртокот, во пресрет на отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид им порача на граѓаните кои ќе одлучат да излезат и да го искажат својот револт, да се однесуваат зрело и достоинствено.
Во Владата пред три дена се одржа конститутивната седница на советодавното тело кое треба да дава мислење околу карактерот на историските личности кои треба да бидат составен дел од името на некое здружение или фондација.За претседавач на телото членовите едногласно го избраа Бобан Петровски од Институтот за историја при Филозофскиот факултет.
Основното јавно обвинителство во Охрид, по допрен глас, оформи предмет и ќе ги истражува наводите за евентуални пропусти при регистрацијата на здружението на граѓани „Цар Борис Трети“ од Охрид. Како што соопшти обвинителството, издадена е наредба до Централниот регистар за обезбедување на целокупната документација поврзана со регистрацијата.
Формирањето на ова здружение предизвика бура негативни коментари во јавноста, а остро реагираа и Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија со порака дека се згрозени и навредени од регистрацијата на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид и од „леснотијата со која во нашата држава се глорифицираат нацизмот и фашизмот“.