1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдумот е мамка, целта се избори

10 септември 2022

Во овие тешки месеци што претстојат за тоа како ќе изгледа зимата, вмровскиот штаб и вмровските членови потписите на барањето за референдум треба да ги греат како боринче.

https://p.dw.com/p/4Gf6i
Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Не треба да се биде некој ингениозен аналитичар, длабок и таинствен познавач на внатрешните работи во Внатрешната организација, за работите не ви бидат јасни ако не на прв брз поглед, тогаш сигурно на втор смирен преглед. Најавата на опозицијата за одржување референдум за поништување на Договорот за добрососедство со Бугарија има многу мала врска со темата.

Главната работа што ја сака ВМРО-ДПМНЕ е ако може да испровоцира и одржување предвремени избори на истиот датум. Доколку и тоа не успее, барем два-три месеци да го држи членството и поддржувачите во некаква „младинска работна акција“ и тоа во време кога цела Европа е загрижена како ќе изгледа зимата. И како ќе може да се преживее. Во овие тешки месеци што претстојат, вмровскиот штаб и вмровските членови потписите на  барањето за референдум  треба да ги греат како боринче. Додека не се стопат снеговите. И да ја почнат новата сезона од сапунската опера која трае од 2017 година со еден ист наслов:  Барање предвремени избори.

Речиси уште од првиот ден од изборите во јули 2020 година (на кои СДСМ и коалицијата освоија два пратеника повеќе) ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени избори и неговиот штаб и лидерот ја потрошија речиси целата своја енергија во образложувањето зошто се потребни тие. СДСМ и ДУИ им помогнаа со лошото справување, пред сѐ со корупцијата и промашувањата во првите шест месеци од корона пандемијата. Откако тие теми го стигнаа максималното ниво на искористеност на локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ се врати на старата проверена тема од нивниот наратив – националните предавства и претставувањето себеси како единствен природен застапник и бранител на македонството. Бидејќи мислат дека само тие се повикани како единствените вистински претставници на македонскиот народ, сите други (партии, општествени групи, здруженија) се второстепени, третостепени во скалата која треба да го одредува македонството.

Неумоливи бројки

Токму тоа македонство преку референдумот треба да биде искористено како мамка за конечно Христијан Мицкоски и другите околу него да се обидат да стигнат до целта по која толку многу копнеат. Во овој момент, а и повеќе месеци подоцна, проектот да се стигне до успех на задолжителен референдум изгледа како политичка фатаморгана. Затоа што бројките се неумоливи.

Други колумни од авторот: Што пишува во „Македонскиот синдром“ – тајниот извештај на ЦИА од 1971

Според последното ажурирање на Избирачкиот список, Македонија има 1.824.000 гласачи. Значи, за еден задолжителен референдум да биде успешен треба да излезат 912.000. Во овој момент тоа изгледа како бројка која се граничи со фантазмагорија. Со секои избори во последниве години паѓа бројката на излезени гласачи. Не само што бројот на резидентните жители на Македонија, според последниот попис се намали на 1.836.000, туку и политичката апатија на граѓаните се зголемува од еден циклус во друг. На локалните избори во октомври 2021 излезноста беше 848.000 (или 49 отсто), додека на парламентарните избори во јули 2020 таа изнесуваше 943.000 (или 52 отсто).

Тогаш како да се постигне излезност од 50 отсто плус еден во општество кое е длабоко поделено не само околу Договорот со Бугарија, туку и за стратешките цели на Македонија, па и за руската инвазија на Украина. Сигурно повеќе од половина од избирачите не би изглегле на таков референдум. Мицкоски може да се надева дека вмровските легиони и баталјоните на Левица, здружени во контраофанзива, заедно со помали политички чети, би можеле да дотуркаат до 400-450 илјади излезност. Во најдобар случај. Но тоа е малку, премногу малку за да се покаже силата. Затоа што во овие излезени гласачи на референдумот нема да бидат само вмровските легиони, туку и многу кои имаат предрасуди кон Бугарија и во владејачката партија, кои се исплашени за наводна бугаризација, кои не сакаат Македонија да биде дел од Европската унија, кои се силно проруски ориентирани, кои почнаа одново да се чувствуваат удобно во „српскиот свет“. Со неколку збора – една експлозивна вештачка мешавина, чија детонација, сепак, ќе биде со прилично лимитен одек. И од која потоа гласовите на избори ќе се разлеат на различни политички конта, па дури и на владејачкиот СДСМ.

Дури и самото собирање 150.000 потписи може да се покаже сизифовска работа. Не само поради пословичното неефикасно функционирање на општинските канцеларии на ДИК, туку за да може да ја изведе оваа операција „Референдум“ ВМРО-ДПМНЕ треба да ги однесе на потпишување половина од оние 315.000 луѓе што гласаа за партијата на парламентарните избори во 2020. Тоа не се само членови на партијата, меѓу нив има разни други поддржувачи, кои гласале за ВМРО-ДПМНЕ од свои причини, но тоа не значи автоматски дека секој втор ќе отиде да се потпише на иницијативата.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Опструкции не треба да има

За владејачките СДСМ и ДУИ политички најопортуно, па дури и стратегиски најисплатливо, е да не се обидуваат да ја опструираат иницијативата во Собранието, туку таа да помине легално мазно од неколку причини.

Прво, тоа ќе ја покаже силината на нивниот политички ривал по неговите скромни, па дури и лоши резултати на изборите во август годинава во три општини. Во Маврово-Ростуше вмровскиот кандидат за градоначалник беше победен од оној на СДСМ со разлика 60:35 отсто. Победата за СДСМ е уште поважна што вмровскиот кандидат е и член на раководството на партијата, дел од Извршниот комитет. Во Тетово, Мицкоски очекуваше дека бројот на советниците ќе го зголеми од четири на шест, но партијата едвај успеа да ги сочува и тие четири советници. И покрај сите тиради за сдсмовското национално предавство и криминал и корупција во владините ешалони.

Други колумни од авторот: На острицата на бричот

Второ, доколку ВМРО-ДПМНЕ се мачи при собирањето потписи тоа ќе биде знак дека партијата го достигнала плафонот на локалните избори лани во октомври и дека ќе ѝ треба огромна енергија, знаење и организациска стратегија да го изведе секој втор гласач во подрачаните канцеларии за потпис.

Трето, доколку тоа навистина биде така, СДСМ ќе може да крои стратегии како да го капитализира она што се случи последниве десет месеци – од оставката на Зоран Заев, големата промена во врвот на партијата, доаѓањето на Димитар Ковачевски, новата влада, почнувањето на преговорите со ЕУ, автокефалноста на Македонската православна црква, огромната поддршка од западните центри поради недвосмислената позиција да застане на страната на Украина во војната со Русија.

Четврто, во времето на неверојатната загриженост како ќе изгледа зимата, на граѓаните ќе им треба голема мотивација да одат да се потпишуваат на иницијативата, кога ќе се плашат како ќе изгледа утредента.

Петто, доколку, пак, собирањето на потписите оди со емитирање нова опозициска енергија, тоа ќе значи порака за двата табора. За СДСМ дека нивниот политички противник навистина ја зачувал силата и дека треба да се кројат нови стратегии за изборите кога и да бидат. За ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе биде силен ветар во едрата. Самоувереноста на партијата ќе порасне за уште едно ниво и може да го отвори патот за победа на изборите.

Nordmazedonien Skopje VMRO-DPMNE Partei Hristijan Mickoski
Христијан Мицкоски побара на истиот ден со реферерендум да се организираат и предвремени парламентарни избориФотографија: Petr Stojanovski/DW

Политичка алхемија

Но без оглед на таа можна зголемена самоувереност излезноста од 912.000 на референдумот, за кој опозицијата се залага да биде задолжителен, изгледа како недофатлив хоризонт. За виртуелно да се допре тој хоризонт потребна е некаква политичка алхемија. Дури и волшепство во стилот на Мерлин. Затоа Мицкоски оваа недела на брифинг со новинарите рече дека најдобро би било истиот ден да се организираат и предвремени парламентарни избори. Два дена подоцна, на 8 Септември, тој го прошири барањето со изјавата дека истиот ден треба да се одржат и предвремени претседателски избори. Затоа што ништо не чини во Македонија ако ВМРО-ДПМНЕ не е власт, затоа што тоа е единствен претставник на народот и „на каузата“.

Други колумни од авторот: Македонски „Брегзит“

Во некои моменти Христијан Мицкоски наликува на кралот на џуџињата Торин од трилогијата „Хобит“, според Толкиен, кој е опседнат со заземањето на нивниот град полн со злато Еребор, во кој господари страшниот змеј Смауг и го има во посед најдрагиот камен „аркенстоун“. Торин заборава на ветувањата, на страдањата на другите, на просперитетот на останатите, на мирот, на заканата од црната сила – најважно му е да биде со златото на своите предци. Таа опседнатост преминува нормални граници.

Мицкоски не е крал, ниту пак може да биде, (а најмалку од сѐ е џуџе), но неговата опседнатост со одржување предвремени избори ѝ ја одзема енергијата, стратегијата и идеолошката основа на партијата. Партијата загуби две драгоцени години во туркање на таа агенда од ден во ден, наместо да се концентрира во конципирање на сеопфатна понуда за гласачите за промените што ги нудат. На моменти тоа изгледа како непромислена тврдоглавост. И како отсуство на способност да се види што се случува.

Кога вчера вмровска делегација ја поднесуваше иницијативата во Собранието речиси во исто време  италијанскиот претседател Серџо Матарела на извонреден начин со чисти пораки го пренесе она што го мисли не само Рим, туку и Брисел, Париз и Берлин. Матарела рече дека Скопје во неколку наврати ја потврди искрената поврзаност кон принципите на кои се темели Европа преку храбри и честопати тешки одлуки: „Мислам на Охридскиот рамковен договор, со кој беше изнајдено трајно решение за учество на сите етнички компоненти во животот на државата, мислам на  Преспанскиот договор и договорите постигнати со Бугарија“.

Мицкоски мисли дека тие договори не биле дел од принципите на кои се темели Европа. И тука нема ништо страшно. Како што за Мицкоски и делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ немаше ништо страшно при усвојувањето на резолуцијата за Западен Балкан на Европската народна партија (ЕПП) на конгресот пролетоска во Ротердам во која се бара да се почитува и спроведува Договорот со Бугарија.

Во таа резолуција, за која веројатно гласаа и делегатите од ВМРО-ДПМНЕ, го пишува и ова: „Цврсто веруваме дека добрососедските односи се клучни за решавање на нерешените прашања. Договорот за добрососедски односи со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција беа важни чекори на патот на Северна Македонија кон евроатлантските интеграции, го отворија патот кон нејзиното членство во НАТО во март 2020 година и треба да се почитуваат. Северна Македонија инвестираше значителен политички капитал во проширувањето – вклучително и промена на името... Ги повикуваме двете страни и ЕУ да постигнат взаемно прифатлив патоказ кој може со добра волја да гарантира спроведување на билатералниот договор... Ние цврсто го охрабруваме граѓанското општество и владините институции да преземат соодветни мерки за историско помирување: да се надминат поделбите меѓу различните етнички и национални групи, вклучително и граѓаните со бугарски идентитет и потекло“.

Тоа е таа алхемија – на конгресот на ЕПП ќе гласаш за резолуцијата, а овде три месеци подоцна ќе тргнеш во референдум против наводите во таа резолуција за да ја оствариш неподносливата желба за предвремени избори.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар