1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Борби во Белгород: Единици од Руси во украинската армија

Сергеј Сатановски
24 мај 2023

Според медиумски извештаи, на украинска страна, во т.н. корпус на доброволци, се борат стотици руски државјани. Кои се тие и кои се нивните идеолошки позиции за иднината на Русија?

https://p.dw.com/p/4Rjdx
Рускиот опозиционер Илја Пономарјов (втор од десно) со претставници на легијата „Слобода на Русија“ во Киев
Рускиот опозиционер Илја Пономарјов (втор од десно) со претставници на легијата „Слобода на Русија“ во КиевФотографија: Olexandr Savitski/DW

„Соништата се остваруваат! Сега сум во легијата 'Слобода на Русија'“, изјави поранешниот заменик-шеф на руската државна „Газпромбанк“, Игор Волобујев. На каналот на Легијата на Телеграм има податоци за голем број руски војници кои пребегнале во Украина, па дури и ги кажале своите имиња.

На страната на Киев против Русија не се борат само Украинците, туку и Руси - во „Корпусот на руски доброволци“ и во Легијата „Слобода на Русија“.

Во понеделникот (22.05) борците од овие единици го гранатираа регионот Белгород во Русија. Андриј Јусов од украинската тајна служба на телевизијата „Суспилне“ зборуваше за „операција за ослободување области на регионот Белгород одрежимот на Путин“.

Единици само од Руси

Најдоцна од почетокот на април 2022 година е познато дека постои легија „Слобода на Русија“. Наводно ја сочинувале заробени руски војници кои пребегале на украинска страна, но и доброволци со руски пасоши.

Има околу 500 мажи, вели Илја Пономарјов, поранешен пратеник на руската Дума, кој сега живее во егзил и ја претставува единицата. Во 2014 година тој беше единствениот кој гласаше против анексијата на украинскиот полуостров Крим.

Борецот „Кардинал“ сака национална држава за Русите
Борецот „Кардинал“ сака национална држава за РуситеФотографија: Sergey Satanovsky/DW

Другата единица, „Корпусот на руски доброволци“, беше формирана во август минатата година. Силата на единицата се чува во тајност, но борецот познат како „Кардинал“, чија воена лична карта му беше покажана на ДВ, вели дека тие извршуваат задачи на чета.

Една чета се состои од 30 до 150 војници. Коосновачот на единицата, бизнисменот Денис Капустин, кој го користи псевдонимот Денис Никитин, и е познат од руското деснорадикално опкружување, на крајот на минатата година пријавил дека „Корпусот на руски доброволци“ е активен заедно со украинската армија уште од есента 2022 година.

„Вистинска нација држава“

На социјалните мрежи „Корпусот на руски доброволци“ објави дека сите членови застапуваат десничарски конзервативни ставови. На пример, борецот „Кардинал“ ја гледа идната Русија како „вистинска национална држава на Русите на првичните руски територии - земајќи го предвид територијалниот интегритет на Украина и Белорусија и соседните земји“. Тој нагласува: „Сакаме да изградиме држава за Русите која сака да живее во мир со сите околни народи“.

Членовите на легијата „Слобода на Русија“, пак, не ги искажуваат јавно своите политички ставови. Илја Пономарјов посочува дека во единицата нема доминантна идеологија. Тој вели дека таа е прототип на идната армија на Руската Федерација. Нејзината предност е што таа не се позиционира ниту лево ниту десно, и не е ниту либерална ниту конзервативна. Идејата за спротивставување на агресијата на Русија ги обединила нејзините членови, тврди Пономарјов.

Оштетени куќи во рускиот регион Белгород
Оштетени куќи во рускиот регион БелгородФотографија: AP Photo/picture alliance

Распуштање или зачувување на федерацијата?

„Корпусот на руски доброволци“ припаѓа на „Цивилниот совет“, ново здружение на руски емигранти основано во Варшава. Анастасија Сергеева, која во здружението е одговорна за меѓународни прашања, до неодамна беше на чело на полската фондација „За слободна Русија“.

Таа вели дека во „Цивилниот совет“ има и активисти од конститутивните републики на Руската Федерација и дека тие се залагаат за правото на самоопределување на своите народи. „Цивилниот совет“ на Јутјуб објави видео пораки до Чеченците и Черкезите, во кои ги повикува да се борат за Украина и да се залагаат за независност на своите републики. За да ја финансира работата на „Цивилниот совет“ и обуката на нови борци, Сергеева собира приватни донации.

Претставникот на легијата „Слобода на Русија“, Илја Пономарјов, кон крајот на 2022 година за ДВ изјави дека разговарал за соработка со претставници на различни земји и медиуми. За разлика од „Корпусот на руски доброволци“, кој им дозволува на регионите да се отцепат од Руската Федерација, Легијата вели дека нејзината цел е „да се зачува обединета и неделива Русија во границите од 1991 година“. Сепак, на регионите би требало да им се дадат широки овластувања и да се зачува нивниот етнички идентитет. Легијата исто така собира пари за својата работа - во криптовалути.

Анастасија Сергеева  „Цивилен совет“ на руската опозиција
Анастасија Сергеева од „Цивилниот совет“ на руската опозиција го поддржува правото на народите на самоопределувањеФотографија: Zivilrat der russischen Opposition

Регрутирање на борци

Пред „Корпусот на руски доброволци“ да започне соработка со „Цивилниот совет“, прифаќаше само Руси кои веќе беа во странство. Според нивните сопствени изјави, многу од нив од 2014 година се бореле на страната на Украина во борбите во Донбас како дел од баталјонот на доброволци Азов.

Денес „Цивилниот совет“ е еден вид центар за регрутирање. Според Анастасија Сергеева, сега се примаат и мажи директно од Русија. На веб-страницата на Советот, на потенцијалните доброволци им се нуди да пополнат прашалник во формулар на Гугл или да напишат порака во шифриран поштенски фах на ПротонМејл. „Понатамошната комуникација се одвива преку безбедни системи што ги предлагаме“, објаснува Сергеева, без да навлегува во детали.

Како што нагласува Олексиј Арестович, поранешен советник во украинскиот претседателски кабинет, легијата „Слобода на Русија“ првично ги регрутирала само оние руски воени заробеници кои ги промениле своите ставови. Но сега, како што вели Арестович, и Легијата презема мажи кои сѐ уште се во Русија.

И тука заинтересираните мора прво да испратат своја биографија и копии од цела палета документи, вклучително и личната карта, во поштенски фах на ПротонМејл. Како што објави самата Легија, процесот на прием наводно вклучува полиграфски тест, како и психолошки и други тестови за способност.

Од неуспешниот обид за спојување во август 2022 година, „Корпусот на руски доброволци“ и легијата „Слобода на Русија“ се критички настроени еден кон друг. Сепак, тие избегнуваат тоа да го покажат јавно.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема