Русија сѐ уште живее во сенка на Чеченската војна
30 септември 2019На 30 септември 1999 година руските тенкови влегоа во Чеченија – вторпат во пет години. Ова се смета за почеток на она што се нарекува Втора чеченска војна. Првата траеше од 1994 до 1996 година и заврши со потпишување на мировен договор од тогашниот претседател Борис Елцин и чеченскиот лидер и поранешен советски полковник, Аслан Масхадов. Поранешната советска автономна република и де факто стана полунезависен ентитет, управуван од куп кавгаџиски настроени воени лидери. Формално, регионот остана под руски суверенитет, но реално беше оставен на сопствено уредување. Поголемиот дел Руси ова го сметаа за пораз на нивната држава – всушност тоа и беше.
„Малата победничка војна“ на Путин
Во август 1999 година на сцена стапи Владимир Путин, новопечениот премиер и наследник на Елцин. Млад и енергичен, веднаш започна со жесток речник во однос на Чеченија, особено по серијата мистерозни експлозии во неколку станбени објекти во Москва и Волгодонск во септември. Безбедност по секоја цена и “искоренување на тероризмот“ станаа главен приоритет за Русите. Кога руската војска започна да се движи кон чеченскиот главен град Грозни, луѓето знаеа дека зад оваа офанзива не стои болниот Елцин, туку Путин. Една година подоцна тој стана претседател.
Официјално војната беше наречена „антитерористичка операција“. Требаше да биде кратка и победоносна, не само поради фактот што лидерот на чеченските сили и големиот муфтија Ахмад Кадиров ја смени страната и се согласи на договор со Кремљ. Кадиров загина во експлозија на бомба во 2004 година. Неговиот син Рамзан – најмоќниот муслимански водач во Русија – оттогаш раководи со поранешната територија на бунтовниците како да му е лично наследство.
Во тие бурни времиња пред 20 години, Русите ги заменија своите новостекнати слободи за очигледната сигурност што им ја нуди авторитаризмот на Путин. Кој може да им забележи за тоа? Во пресрет на распадот на Советскиот сојуз, економијата беше втурната во пропаст, а социјалната сигурност разнишана. Кога Путин во 1999 година вети дека „ќе ги следи терористите насекаде“ и дека „бандитите ќе ги ставиме в ќош и ќе ги збришеме“, веднаш поттикна деситици милиони луѓе кои копнееја по силен лидер да им се врати „самопочитта“ кон себе и земјата.
Молк околу Чеченија
Градот Грозни е непрепознатлив во споредба со пустошот од пред 20 години – со челични и стаклени висококатници и модерни автомобили насекаде. Но, повеќе од 80% од богатството во Чеченија е од директни субвенции од сојузниот државен буџет. Во голем дел ова е цената којашто мораше да ја плати Москва за својот „мировен договор“ со Кадиров. Но во јавноста нема дебата на оваа тема. Безбедносната држава на Путин, која се роди по војната од пред дваесет години, ги контролира изборите на секое ниво. Нема независни пратеници кои би покренале истрага за кршење на човековите права во Чеченија и нејзиниот нетранспарентен буџет. Нема независни регионални лидери кои би побарале од Кремљ објаснување зошто нивниот данок се троши насекаде – гувернерите во 80-те региони во Русија се назначени од Путин како резултат на безбедносните закони изгласани за време на војната во 2004 година.
Судовите исто така се под контрола на режимот – во секој случај малкумина меѓу обвинителите или судиите би презеле случај против Кадиров. Таквите тој ги смета за непријатели и тие исчезнуваат или умираат под сомнителни околности, како што на пример во 2006 беше застрелана истражувачката новинарка Ана Полтиковскаја, или активистката за човекови права Наталија Есмерова, убиена во 2009. Обвиненијата и шеријатското право кое неофицијално се практикува во Чеченија ги има во изобилство, но кој ќе го разгледува ова?
Сѐ уште има храбри истражувачки медиуми, како весникот „Новаја Газета“. Во 2017 година тој објави детали за злоупотреба итортура на хомосексуалци под власта на Кадиров. Но,каква е ползата од овие информации ако нема надлежен орган кој ќе го истражи тоа до крај и ќе преземе соодветна акција?
Чеченија на многу начини останува место различно од останатиот дел од Русија – тема која не сака да ја отвори ниту Кремљ ниту слабата опозиција. Ако – и доколку – демократијата се врати во земјата еден ден, ова ќе биде една од најтешките и најболните наследства со коишто ќе треба да се справи наследникот на Путин – не само за да се избегне друга војна.
Во меѓувреме, Русија и самиот Путин се предодредени да живеат во сенка на војната со која многумина се надеваа дека ќе се реши „чеченскиот проблем“.