1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Храната поевтинува, Бектеши очекува пад на инфлацијата

ДТЗ
19 септември 2023

Паѓаат цените на оризот, брашното, лебот, месото, млекото, јогуртот, сирењето... Граѓаните до 30 ноември по замрзнати цени ќе можат да купуваат и кашкавал, јајца, свежо овошје и зеленчук.

https://p.dw.com/p/4WYa2
Крешник Бектеши
Храната поевтинува, Бектеши очекува пад на инфлацијатаФотографија: Wirtschaftsministerium Nord-Mazedonien

Над 500 производи од 25 категории ќе добијат нови пониски цени во наредните денови во маркетите. Владата го прифати предлогот на Министерството за економија за замрзнување на цените на голем дел од основните прехранбени производи, со цел заштита на стандардот на граѓаните. Намалување на цените се очекува веќе од среда (20.09), а маркетите до крајот на неделата се должни на сите производи за кои важи мерката да ги обележат со ознаката „гарантирана цена“. 

Ваквите мерки Бектеши очекува да резултираат со намалување на инфлацијата. Тој верува дека ќе има намалување на инфлацијата и во делот на храната и во вкупната инфлација. Па така според него, над 4 или 5 проценти би паднала инфлацијата до крајот на годината во делот на храната.  

„Нема да биде повисока од 5%“, вели Бектеши. Во моментот инфлацијата е 10 проценти.   

Кои производи поевтинуваат? 

Со одлука на Владата,паѓаат цените на оризот, брашното, белиот и полубелиот леб, пекарските производи, бисквитите, наполитанките, тестенините, месото, колбасите, саламите, паштетите, млекото, јогуртот, павлаката и сирењето. Граѓаните до 30 ноември по замрзнати цени ќе можат да купуваат и кашкавал, јајца, свежо овошје и зеленчук. Поевтинувањето ќе важи за овие производи без оглед дали се од домашно или странско производство. 

Овие производи ќе се продаваат за 10 проценти пониска цена во однос на цената по која што се продавале на 1 август. Кај дел од производите кај кои од август до сега е забележан енормен раст може да има поевтинување и за 30 или 40 проценти, најавува министерот за економија, Крешник Бектеши. 

маркет
Паѓаат цените на оризот, брашното, лебот, месото, млекото, јогуртот, сирењето, овошјето и зеленчукотФотографија: Petr Stojanovski

Обврски за трговците

Трговците на мало имаат обврска во најскор можен рок да ги одбележат сите овие производи со натписот „гарантирана цена“. Дополнително трговците на големо и производителите имаат обврска да снабдуваат најмалку 70 отсто од количините на производите коишто ги снабдувале во август.  

„Во делот на одлуката за акции ќе има одредени измени со цел граѓаните да не се доведуваат во заблуда. Се дозволуваат акции со цени пониски од замрзнатите, а дополнително ќе имаат обврска трговците и супермаркетите ако прават намалување на цени поради истек на рок, тоа да го означат за да им биде јасно на граѓаните за што станува збор“, изјави Бектеши на прес-конференција. 

Се предвидуваат и стоги казни и забрана за вршење на дејноста за оние маркети коишто нема да се придржуваат до мерките за замрзнување на цените. За таа цел ќе се зголемуваат ингеренциите на пазарниот инспекторат. 

Бектеши очекува во наредните денови и други производители и дистрибутери самоволно ќе се пријавуваат за да се приклучат кон оваа мерка. Ако забележат непочитување на мерките, граѓаните се повикуваат да го известат Државниот пазарен инспекторат. Ако тој не постапува и против ДПИ ќе бидат преземени мерки, вели министерот.

Соседите ја копираат мерката

Наспроти укажувањата на експертите дека мерката е потребно да трае подолго од 30 ноември за да ги даде очекуваните резултати, Бектеши е дециден дека се преземаат вистинските чекори. 

„Има и членки на ЕУ кои веќе ги замрзнале цените, а да не зборуваме за земјите од регионот како што е Хрватска. Србија, пак, направи копи-пејст на нашите мерки, што е добро, бидејќи станува збор за мерки кои даваат резултати“, вели министерот за економија.