Кои производи би можеле да поевтинат за 10%?
14 септември 2023Цените на над 50 основни прехранбени производи, од кои 90 отсто се даночат со ДДВ од 5 отсто, ќе се намалат за минимум 10 отсто од наредната среда. Ваквата најава следи по средбата на министерот за економија Крешник Бектеши со претставници на осум синџири на маркети што се одржа во Министерството за економија на која присуствуваа директорот на Државен пазарен инспекторат Горан Трајковски и претставници на Стопанската комора.
Средбата следи откако надлежните најавија повторно замрзнување на цените на прехранбените производи и нови антикризни мерки, кои треба да го намалат ударот на кризата врз најранливите категории. Пазарниот инспекторат, пак, ќе ги засили контролите на терен и ги повика граѓаните да ги пријават сите неправилности што ќе ги забележат. Дел од маркетите уште во текот на вчерашниот ден (13.09) на социјалните мрежи најавија кратење на дел од цените на производите коишто ги продаваат.
Има простор за намалување на цените
Бектеши вели дека има простор за намалување на цените. Тој најавува одлуката да биде усвоена на владина седница во вторник, по што маркетите ќе ги намалат цените. Очекува нивниот пример да го следат и увозниците и производителите на прехранбени производи.
Детална листа на производите со новите цени се најавува за идната недела, а на неа би можеле да се најдат голем дел од производите коишто се даночат со ДДВ од 5 % како што се месото, компирот, доматите, пиперките, јајцата, кромидот, рибите, гравот, овошјето, брашното, маслото, шеќерот и ред други производи.
Министерството во текот на следната недела ќе направи и измени и дополнување на Законот за државен пазарен инспекторат (ДПИ) со кои ќе ги зголеми ингеренциите на инспекторите за да можат веднаш да постапат и да го затворат објектот без да поминат одредени судски постапки. Од среда, инспекторите засилено ќе бидат на терен.
Акциски цени само пред истек на рокот
На маркетите ќе им биде дозволено акциски да ги намалат цените само на производите на кои им истекува рокот. Во спротивно доколку спроведуваат акциски продажби до 30 ноември ќе им следат санкции.
„Доколку стават забелешка дека намалувањето на производот е заради тоа што му истекува рокот за да знае потрошувачот дека не се работи за сеопфатна акција тогаш ќе им биде дозволено акциски да ја намалат цената. Ако нема таква назнака ќе бидат казнети, а казната може да биде и со затворање на субјектот“, вели Бектеши.