Инфлацијата ги менува навиките на потрошувачите
17 јуни 2023Шест часот наутро во Папелхоф во Ветерау во Хесен: црвените јагоди завршуваат во гајби, како и зелениот аспарагус. И едните и другите ќе стигнат до клиентите истиот ден во „органска кутија“. Органско и регионално - компанијата Querbeet порасна со двата мегатрендови во изминатите 30 години, продавајќи се повеќе и повеќе стоки на пазарите и со услуга за достава.
Но, сега е крај на сето тоа, вели основачот на компанијата Томас Волф: „За време на бумот на коронавирусот, успеавме да вработиме уште 30 луѓе. Во меѓувреме, за жал, моравме да отпуштиме некои од нив“. Купувачите со афинитет за органски производи штедат и во време на инфлација. Од една страна, помалку се оние кои нарачуваат органски производи. А, тие што сепак нарачуваат - купуваат помалку.
Паѓа потрошувачката на органска храна
Оваа компанија ја симболизира состојбата на целата индустрија, која со децении само напредуваше: Германците потрошиле 2,1 милијарди евра на органска храна во 2000 година, додека продажбата во времето на корона се зголеми на 15,9 милијарди евра. Но, минатата година за прв пат падна на 15,3 милијарди евра, според Agrarmarkt Informations-Gesellschaft (AMI).
Во исто време, клиентите сè повеќе се откажуваат од поскапите органски производи од регионалните добавувачи и место тоа купуваат поевтини органски производи од супермаркетите и дисконтите. Трговците со храна успеаја малку да го зголемат својот бизнис со органски производи (+3,2 отсто). Сепак, тоа е на штета на трговијата со неорганска храна (-12,3 проценти).
Загуби за трговците на пазарите
Другите трговци на мало, како што се пазарите, директната продажба на фарми и испораката до врата, беа уште посилно погодени со пад од 18,2 отсто. Дали е ова крајот на повеќедеценискиот органски бум во Германија? Не, вели Андреас Риетер од Институтот за истражување на пазарот во Келн: „Кога има повеќе пари во џебовите, бидејќи инфлацијата паѓа, сигурно ќе се посвети повеќе внимание на одржливоста и ќе се инвестира повеќе во потрошувачката на одржливо произведени стоки“.
И органскиот сектор и потрошувачите ги имаат сите причини да се надеваат дека скокот на цените ќе заврши. „Врвот на индексот на потрошувачките цени, т.е. највисоката стапка на инфлација, веројатно е зад нас“, вели професорот Волкер Виланд, економист од Универзитетот Гете во Франкфурт на Мајна.
Побавен раст на цените
Во мај, проценетата стапка на инфлација беше 6,1 отсто, откако таа речиси ја проби границата од 10 отсто во претходните месеци. Покрај тоа, најновите статистички податоци даваат надеж дека цените ќе продолжат побавно да растат во наредните месеци .
Бидејќи растот на цените на производителите е значително забавен. Ова потоа се одразува со задоцнување на цените во продавниците. „Се разбира, никој не сака да ги намали цените порано“, објаснува економскиот експерт Виланд. „Но, конкурентскиот притисок ќе обезбеди пад на цените“, вели тој.
Внимателен оптимизам во ЕЦБ
Според тоа, Европската централна банка (ЕЦБ) во Франкфурт е внимателен оптимист. „Генерално, можеме да бидеме навистина задоволни со она што го постигнавме досега“, вели Кристијане Никел, раководител на Одделот за економија во ЕЦБ. „Но, инфлацијата е сè уште превисока. Затоа, сè уште не можеме да зборуваме за смирување на ситуацијата“.
Затоа, следното зголемување на каматните стапки се случи на состанок на Советот на ЕЦБ во четвртокот, на 15 јуни. ЕЦБ сè уште е далеку од целта за постигнување стабилност на цените. За да се случи тоа, стапката на инфлација мора да падне на два проценти.