1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од среда поевтино месо, млеко, зеленчук и овошје

ДТЗ
18 септември 2023

На листата која што ја подготвува Министерството за економија ќе се најдат стотици производи, коишто ќе ја имаат ознаката „гарантирана цена“. Се подготвува терен да поевтинат и пијалоците.

https://p.dw.com/p/4WTDX
маркет
Од среда поевтино месо, млеко, зеленчук и овошјеФотографија: Benjamin Nolte/dpa/picture-alliance

Министерот за економија, Крешник Бектеши, најавува дека од среда ќе поевтинат стотици производи за прехрана, а пред сѐ месните и млечните производи, овошјето и зеленчукот. Тие ќе добијат ознака - „гарантирана цена“, по која што маркетите ќе треба да ги продаваат до 30 ноември. 

Станува збор за основни прехранбени производи, од кои 90 отсто се даночат со ДДВ од 5 отсто. Идејата е цената по која што се продавале на 1 август годинава да падне за најмалку 10 проценти. Во тек се преговори и со производителите и дистрибутерите на пијалоци, со цел да има намалување на цените и на овие прозводи.

„Гарантирана цена“

Бектеши ги повикува сите оние коишто нема да бидат опфатени со владината мерка, доброволно да се приклучат кон акцијата за намалување на цените и да добијат можност за користење на ознаката „гарантирана цена“. За оние коишто ќе прават манипулации со оваа ознака, се најавуваат строги контроли и казни. 

Крешник Бектеши
Бектеши ги повикува сите оние коишто нема да бидат опфатени со владината одлука, доброволно да се приклучат кон акцијата за намалување на цените и да добијат можност за користење на ознаката „гарантирана цена“Фотографија: Wirtschaftsministerium Nord-Mazedonien

Ваквата мерка следи откако надлежните најавија  повторно замрзнување на цените на прехранбените производи и нови антикризни мерки, кои треба да го намалат ударот на кризата врз најранливите категории. Пазарниот инспекторат ќе ги засили контролите на терен и ги повика граѓаните да ги пријават сите неправилности што ќе ги забележат. 

Детална листа на производите со новите цени се најавува за вторник (19.09), а на неа би можеле да се најдат и компирот, доматите, пиперките, јајцата, кромидот, рибите, гравот, брашното, маслото, шеќерот и ред други производи. 

„Од среда ќе почнат засилени контроли каде што ќе бидат вклучени и членови на Владата во делот на надзорот како се спроведуваат контролите. Би сакал да ги повикам сите чинители во трговијата, производители или дистрибутерите, ако нивните производи не се на листата, да се пријават во Министерството за економијата за да ја користат ознаката – 'гарантирана цена'“, рече Бектеши на прес-конференција. 

Законски измени

Министерството за економија во текот на следната недела ќе направи и измени и дополнување на Законот за државен пазарен инспекторат (ДПИ) со кои ќе ги зголеми ингеренциите на инспекторите.

Бектеши најави корекција и на одлуката за забрана на акциски цени, со цел да се избегнат манипулации. Тој вели дека нема да бидат дозволени акции на производи кои се пред истек на рокот, со цел да не се манипулира со граѓаните и тие да не бидат доведени во заблуда.