Апокалиптичен смог во Њујорк
8 јуни 2023Големите пожари досега принудно раселија над 20 илјади луѓе и уништија речиси четири милиони хектари земјиште во Канада.
Повеќе од 100 милиони луѓе во североисточните региони на САД, се до Чикаго на запад и Атланта на југ, живеат со предупредување од енормно загадување откако чадот од пожарите се прошири стотици километри јужно од Канада.
Густиот облак од дим ги обвитка облакодерите на Њујорк во морничава, жолтеникава светлина, а откажани се голем број летови и спортски настани.
„Мириса како некој да прави скара“, вели еден турист во Њујорк кој се жали на печење во очите.
Градоначалникот Ерик Адамс им порача на сограѓаните да не излегуваат од своите домови освен доколку е апсолутно неопходно. „Денес не е баш денот за вежбање за маратонот“.
Климатска криза
Научниците долго предупредуваат дека растечките температури носат зголемен ризик од екстремни временски прилики, вклучително и жешки, суви периоди кои често предизвикуваат пожари.
Портпаролката на Белата Куќа Карин Жан-Пјер изјави дека ситуацијата е „алармантен пример за начините на кои климатската криза ги нарушува нашите животи“.
- Промената на климата го загрозува здравјето на луѓето во Европа
Инструментите кои го мерат квалитетот на воздухот покажуваат дека Њујорк во моментов го дише најзагадениот воздух во светот. Многу њујорчани ги напуштаат домовите само со маски за дишење. Се проценува дека кризата со загадениот воздух ќе трае неколку денови.