Канада: Вонредна состојба по бурата на столетието
18 ноември 2021Едно лице загина во западната канадска покраина Британска Колумбија по рекордно силната бура, која предизвика тешки поплави и ги отсече копнените патишта во регионот, а прогласена е и вонредна состојба.
Канадската војска е испратена на местата погодени од поројните дождови за време на викендот и во понеделникот, за да помогне на илјадниците „заробени“ жители на кои им е потребна помош по невремето.
Канадскиот премиер, Џастин Трудо, вети помош и додаде оти војската ќе помогне во обнова на погодените региони.
Една жена загина во свлечиште, а повеќе лица се водат како исчезнати. Поплавите се катсторафлни и за земјоделците. На пример, градот Аботсфорд, околу 70 километри југоисточно од Ванкувер, одговорен за голем дел од производството на млеко и на живина во провинцијата, во голема мерка е под вода.
Илјадници луѓе се евакуирани од поплавените подрчаја, а локалните власти природната непогода на столетието ја припишаа на последиците од климатските промени.
Премиерот на Британска Колумбија, Џон Хорган, изјави дека вонредната состојба стапила во сила во средата попладне по локално време.
Тој рече оти рестрикциите за патувања ќе ги одалечат луѓето од поплавените реки и ќе овозможат основните намирници да стигнат до бројни заедници. Вонредната состојба првично важи 14 дена. За време на летото поради екстремен топлотен бран и шумски пожари исто така беше прогласена вонредна состојба во Британска Колумбија.