Западна Канада под вода
17 ноември 2021Спасувачките екипи во местото Лилуит, на 250 километри оддалечност од Ванкувер, откриле тело на една настрадана жена, соопшти денеска полицијата. Огромните маси кал и вода во регионот деновиве поплавија или оштетија повеќе главни сообраќајници и заглавија во автомобилите поголем број луѓе.
Стотици граѓани, кои со возила биле на пат кон Ванкувер, морале да бидат извлекувани со помош на воени хеликоптери. Во прекин е и железничкиот сообраќај кон другиот дел од земјата. Западноканадската метропола е достапна само од југ, од САД.
Официјално, за исчезнати се водат две лица, но полицијата стравува дека е можно да настрадале повеќе возачи, чии автомобили биле понсени од водата и калта.
Поради обилните врнежи е наредена евакуација на населби североисточно од Ванкувер, за нив се подигнати привремени сместувалишта.
И во регионот Фрејсер Вејли, источно од Ванкувер и долж границата со САД дојде до големи поплави, преку илјада луѓе морале да ги напуштат домовите, во околу 9.000 куќи нема електрична енергија.
„Не се сомневам воопшто дека овие настани се поврзани со промената на климата“, изјави министерот за јавна безбедност на провинцијата Британска Колумбија, Мајк Фернворт. Во регионот поради рекордна жештина летоска починаа преку 500 луѓе, а огромни пожари уништија цели шуми.
Канадскиот премиер Џастин Трудо пред новинарите изјави дека неговата влада ја следи ситуацијата во Британска Колумбија и е спремна да помогне со сите средства.