1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДКСК иницира постапка против ексминистерката за култура

ДТЗ
8 ноември 2024

Антикорупционерите сметаат дека Бисера Костадиновска Стојчевска користела службени средства за приватни цели за време на нејзиното службено патување во Велика Британија.

https://p.dw.com/p/4mnU0
евра
Според ДКСК, Бисера Костадиновска Стојчевска користела службени средства за приватни цели при патување во Велика БританијаФотографија: picture-alliance/APA/B. Gindl

Државната комисија за спречување на корупција покрена постапка до надлежните органи против поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, откако се потврдиле наводите за злоупотреба на буџетски пари за приватни цели при нејзиното службено патување во Велика Британија и Ирска.

„Наводите за употреба на буџетски средства за приватни цели се потврдуваат, со што се констатира дека биле потрошени средства за приватни цели. ДКСК ќе постапи во рамки на своите надлежности и ќе иницира постапка до надлежните органи“, рече членот Зоран Богоевски. 

Што покажал увидот во документацијата? 

Антикорупционерите го отворија случајот по допрен глас. По увидот на документацијата е утврдено дека поранешната министерка за култура во 2023 година остварила билатерална посета со трошоци од 1.300 британски фунти аванс, од кои 229 фунти се признаени како трошоци за репрезентација, а 600 фунти за сместување. Од 292 фунти, 280 се трошоци кои ДКСК смета дека не може да се квалификуваат како трошоци за репрезентација. Дополнително, 528 фунти биле подмирени со службена картичка на Министерството за култура, од кои 485 фунти се трошоци за кои, исто така, не може да се каже дека биле направени во службени цели. 

Станува збор за патување коешто било реализирано во периодот од 24 до 27 октомври 2023 година, по повод 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство. 

Случајот беше отворен во август годинава откако ВМРО-ДПМНЕ изнесе низа обвинувања за службените патувања на ексминистерката за култура.  

Костадиновска-Стојчевска порача дека не користела буџетски средства, ниту службена картичка за приватни цели.

Таа на крајот на август повика доколку ВМРО-ДПМНЕ има каква било индиција за криминал односно криминално работење од нејзина страна во Министерството за култура, да поведат постапка пред надлежните инстанци.

Неодамна и МВР поднесе кривична пријава против поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска поради тоа што не распишала нов тендер за реконструкција на Универзалната сала, туку ги презела обврските што ги имал Град Скопје.