1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Министерката за култура ќе ја тужи Данела Арсовска

ДТЗ
17 април 2024

Бисера Костадиновска-Стојчевска на прес-конференција рече дека се „лаги и скандалозни тврдењата“ на градоначалничката на Град Скопје дека „знаела за пожарот во Универзална сала, а не пријавила“.

https://p.dw.com/p/4es8H
Универзална сала пожар
Препукнувања меѓу министерката Бисера Костадиновска - Стојчевска и скопската градоначалничка за Универзална салаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска најави тужба за градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска за клевета во врска со изјавите за пожарот во Универзалната сала. „Со Данела Арсовска ќе се видиме на суд“, порача денеска (17.04) министерката за култура на прес-конференција, на која што рече дека се „лаги и скандалозни тврдењата“ на градоначалничката на Град Скопје дека „знаела за пожарот во Универзална сала, а не пријавила“. 

Арсовска, пак, на прес-конференција порача дека нема да поминат заканите за тужба. Рече дека нема да се откаже додека не добие одговори на прашањата врз основа на кој проект се реконструирала Универзалната сала во моментот кога е опожарена и каде, кога и од кого, е осигуран објектот.

Обвинувања и клевети

Министерката за култура денеска одговараше на повеќето обвинувањата коишто во вторникот (16.04) ги изнесе скопската градоначалничка, Данела Арсовска, која обвини за неовластен упад во профилот на Град Скопје, во системот за јавни набавки ЕСЈН, бараше одговори врз основа на кој проект е продолжена реконструкцијата на Универзалната сала и врз основа на кое мислење за стабилност и сеизмичка заштита се преземаат градежни зафати. 

Костадиновска-Стојчевска вели дека станува збор за неосновани обвинувања и клевети, чија цел е да се добијат политички поени во екот на кампањата. Децидна е дека немало упад во системот за јавни набавки. „Ниту Бисера ниту некој друг од Министерството за култура можел да направи упад во системот за јавни набавки“, порача таа.

Според неа, било доставено барање до Бирото за јавни набавки и уредно добиен одговор за промена на инвеститор како што налага договорот случен со Град Скопје. Таа вели дека Арсовска самата потпишала неколку документи за почетокот на реконструкцијата на Универзалната сала. Истиот проект кој Арсовска го спори и за кој обвинува дека е фалсификат, бил испратен преку системот за добивање градежна дозвола до Градот за пресметка на комуналии.

Еднострано раскинување на договорот

Министерството за култура добило допис од Арсовска, во којшто се бара еднострано раскинување на договорот со којшто тие ги презедоа обврските за реконструкција на концертната сала. Но, министерката за култура вели дека барањето на Арсовска за еднострано раскинување на договорот нема правно дејство, бидејќи треба да е донесено од Советот на Град Скопје.

„Универзална сала не е лична своина на Данела Арсовска“, вели министерката за култура. Ако советот реши да се раскине договорот со Министерството за култура, Костадиновска-Стојчевска вели дека „тоа е процес на кој не ќе можат да влијаат и да го спречат“.  Арсовска, според министерката, не само што две години не презела ништо, туку таа дополнително го оштетила буџетот за реконструкција на салата со 20 милиони денари.

Политички препукнувања

„Нема да дозволам Универзална сала да биде дел од политички препукувања. Во моментот не можам да ви кажам зошто се запали Универзална сала, затоа што во тек е истрага. Но, реконструкцијата ќе продолжи, а Министерството за култура останува инвеститор“, порача министерката за култура. 

Таа е децидна дека постои одобрение за сеизмичка стабилност од ИЗИС, и никаде во документацијата која што ја поседува Министерството не стои дека е поништено.

Арсовска, пак, изнесе сосема поинакви ставови - вели дека проектот не обезбедува безбедна изградба. Таа на прес-конференција рече дека проектот за Универзална сала е дониран на Градот Скопје во март 2021 година од страна на Мегарон Инженеринг на Бујар Муча. Тој е прифатен од страна на Советот на Град Скопје. Потоа, е распишана јавна набавка за реконструкција на Универзалната сала која што е склучена со Универзал Балкан, а овој договор за јавна набавка е активен до 12 септември 2023 година. По истекот на договорот, проектот е заведен како реализиран, завршен и трајно архивиран.

„Тоа значи дека во овој проект ниту јас како градоначалник, ниту кој било друг по овој момент не можат да пристапат ниту што било да менуваат“,  рече Арсовска.

Но, според неа во меѓувреме е направен неовластен упад во системот за јавни набавки, и се додадени нови документи, што е спротивно на законот. 

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи