1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пријава за ексминистерката за култура за Универзална сала

ДТЗ
31 октомври 2024

Според МВР, поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, не распишала нов тендер за реконструкција на Универзалната сала, туку ги презела обврските што ги имал Град Скопје.

https://p.dw.com/p/4mQzV
Универзална сала
На почетокот на април годинава силен пожар ја зафати куполата на Универзалната сала во Скопје, при што беше причинета материјална штетаФотографија: Petr Stojanovski/DW

МВР поднесе кривична пријава против поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска поради тоа што не распишала нов тендер за реконструкција на Универзалната сала, туку ги презела обврските што ги имал Град Скопје. Со тоа, како што се вели, таа ја „злоупотребила службената положба и овластување“.

Пријавата до Основното јавно обвинителство Скопје ја поднесе Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за економски криминал и корупција во координација со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Сектор за криминалистички истраги и Единицата за финансиски криминал.

Според пријавата, Министерството за култура било задолжено да ги спроведе постапките за доделување на сите потребни договори за целосно завршување на реконструкцијата на објектот, по одлуката на Советот на Град Скопје и заклучокот на Владата за пренесување на правото за реконструкција на Универзална сала во Скопје во 2023 година. Но, и покрај тоа што согласно одредбите на Законот за јавни набавки била должна да спроведе нова постапка за јавна набавка за избор на најповолен изведувач на работите, поранешната министерка на 19.02.2024 во име на Министерството за култура, со правно лице од Скопје склучила договор за преземање и отстапување на права и обврски од претходно склучен договор за јавна набавка во вредност од 115.173.789 денари.

Според МВР, ваквиот договор бил со истечен рок за изведба и на тој начин не е правен валиден акт. Според пријавата, поранешната министерка на правното лице му исплатила 27.197.845 денари, со што му овозможила да се стекне со противправна имотна корист.

Данела Арсовска
Поранешната министерка за култура најавуваше дека ќе ја тужи Данела Арсовска Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Меѓусебни обвинувања

На почетокот на април годинава силен пожар ја зафати куполата на Универзалната сала во Скопје, при што беше причинета материјална штета. Изгоре куполата на салата, каде што во тек беа градежни зафати. Паралелно со истрагата за причините за пожарот, започнаа и меѓусебните обвинувања меѓу Министерството за култура и Град Скопје околу надлежностите и неисполнетите ветувања за обнова на Универзалната сала. 

Министерот за култура Зоран Љутков на 14 октомври, на прес-конференција, рече дека преземањето на Универзална сала од Град Скопје е незаконски спроведено. Според него, целата документација за случајот во кој Министерството за култура со претходната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска ја презеде Универзална сала заради изградба, е предадена во Обвинителството за да се истражи.

„Склучениот договор од страна на Министерство за култура и Град Скопје, содржи контрадикторни одредби, не е заверен на нотар, не содржи таксативно кои права и обврски се предаваат и што всушност се предава. Исто така, договорот помеѓу Градот Скопје и Министерството за култура, како и Решението за реконструкција од 22.03.2024 година издадено од Општина Центар, не се запишани во Катастарот на недвижности, односно во јавната книга во која се врши запишување на правото на сопственост и на други стварни права на недвижностите“, рече Љутков. 

Љутков кажа дека ниту во договорот ниту во записникот од примопредавањето на документација помеѓу Град Скопје и Министерството за култура, не е опфатена ниту примопредадена целокупната документација која била потребна за да се продолжи со реконструкцијата на Универзална сала.