1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Анкета: Антисемитизмот во Германија во пораст

Сабине Кинкарц
4 ноември 2023

Израелската реакција на бруталниот терористички напад на Хамас предизвикува жестока дебата ширум светот за правото на Израел на самоодбрана. Што мислат Германците за тоа?

https://p.dw.com/p/4YLuy
Пропалестински демонстрации во Берлин
Пропалестински демонстрации во Берлин на 15 октомври 2023: На некои од ваквите собири во Германија јавно се скандираа антисемитски паролиФотографија: Christian Mang/Reuters

Роберт Хабек, политичар од партијата на Зелените, кој е министер за економија и заменик канцелар, го привлече вниманието на германската јавност со видео на социјалните мрежи. Во десетминутниот говор тој предупреди на порастот на антисемитизмот во земјата. И тоа кај исламистите, екстремните десничари, но и во „делови од политичката левица“, како што формулираше Хабек. Тој рече дека критиките кон Израел се дозволени и дека не е забрането залагање за правата на Палестинците во Германија. Но, според него, насилство врз Евреите не треба да постои во ниту еден облик. „Антисемитизмот не може да се толерира во која било форма. Ниту во една.“

Секој втор Германец е загрижен

Хабек не е единствениот кој констатира дека антисемитизмот е во пораст во Германија. Во месечното истражување на јавното мислење во Германија, нарачано од Првата програма на германската телевизија (АРД), дури 52 отсто од граѓаните го забележуваат истото. Четворица од десет испитаници го негираат порастот на антисемитизмот. Пред четири години, по нападот на синагогата во Хале, дури 59 отсто од граѓаните сметаа дека антисемитизмот е во пораст, а 35 отсто изразија мислење дека нема такво зголемување.

Како во Германија се реагира на теророт во Израел

Групата избирачи на германските либерали (ФДП) не беше конкретно означена затоа што во традиционалната анкета „Зонтагсфраге“ (Прашање во недела) оваа партија падна под прагот од пет отсто, па во случај веднаш да се спроведат избори не би ни влегла во парламентот.

Дали реакцијата на Израел е соодветна?

Испитаниците во Германија се загрижени поради терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври и неговите последици. Три четвртини (74 проценти) од нив велат дека овие настани многу или премногу ги погодуваат.

Израел сака целосно да го уништи Хамас во Газа со воздушни напади и со копнена офанзива. Милитантната исламистичка организација Хамас не ја признава државата Израел и сака, според сопствените тврдења, да го уништи Израел. Германија, Европската унија, САД и некои арапски земји го класифицираат Хамас како терористичка организација. По барање на АРД, „Инфратест димап“ ги праша Германците дали сметаат дека е соодветен воениот одговор на терористичките напади. 35 отсто од испитаниците сметаат дека воениот одговор на Израел е соодветен, осум насто сметаат дека воените дејствија не одат доволно далеку, а 41 отсто од испитаниците сметаат дека Израел отишол предалеку во воениот одговор. Според мислењето на голем број Германци, важно е да се поштедат што е можно повеќе цивили.

Кој е одговорен за ситуацијата во Газа?

Осум од десет испитаници (81 отсто) се загрижени за судбината на заложниците кои ги киднапираше Хамас. Две третини (65 проценти) се загрижени за состојбата на израелското цивилно население. А, седум од десет (72 отсто) се загрижени за ситуацијата во која се наоѓаат Палестинците. Во исто време, осум од десет учесници во истражувањето (78 отсто) стравуваат од ширење на конфликтот во регионот на Блискиот Исток.

Секојдневни бомбардирања на Газа од страна на Израел по терористичкиот напад на Хамас
Секојдневни бомбардирања на Газа од страна на Израел по терористичкиот напад на Хамас Фотографија: Abed Khaled/AP Photo/picture alliance

Хуманитарните организации јавуваат дека палестинското цивилно население во Газа е во катастрофална ситуација. Според одговорите на Германците, ниту една страна во конфликтот не е изземена од одговорност за таа ситуација. 

Две третини од учесниците во истражувањето (77 отсто) сметаат дека терористичката организација Хамас е главно или целосно одговорна за ситуацијата во Газа. Но, шест од десет испитаници (57 проценти) сакаат Израел да преземе одговорност за цивилното население во областа.

Незадоволството од владата и натаму е големо

Како и секогаш, и во оваа анкета Германците ја оценија и работата на нивната влада. Иако германскиот канцелар Олаф Шолц и неговите министри овојпат добија малку подобри оценки од пред еден месец, вкупната оценка е лоша. Само околу четвртина од испитаниците (23 отсто) ја оценија позитивно работата на владата, што е четири отсто повеќе од минатиот пат. Три четвртини од учесниците во истражувањето (76 проценти) имаа критички став, што е за три проценти помалку од резултатите од претходната анкета. 

Германскиот владин кабинет на седница на 25 октомври 2023 година
Неомилени: Германскиот владин кабинет на седница на 25 октомври 2023 годинаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Ако сега Германците излезат на избори, владејачката коалиција на социјалдемократите, зелените и либералите нема да има парламентарно мнозинство.

На прашањето која партија би ја избрале доколку изборите се одржат следната недела, во одговорите најдобро поминаа демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) со 30 отсто поддршка, што е два отсто повеќе од пред еден месец. Алтернатива за Германија (АфД) е на второ место со непроменети 22 отсто. Не е променет ниту резултатот на социјалдемократите (СПД), кои се на третото место со 16 отсто поддршка. На четврто место, исто така без промени, се Зелените со 14 отсто поддршка. Левицата го подобри резултатот за еден процент и може да смета на поддршка од 5 проценти од гласачите. 

Какви се шансите на Сара Вагенкнехт?

Сара Вагенкнехт со децении беше една од најпознатите политичарки на Левицата, а сега најави дека ќе основа своја партија. Во истражувањето 36 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е добро за Германија. Половина од испитаниците (51 процент) го мислат спротивното. Во исто време, три од десет испитаници (29 проценти) во принцип би можеле да гласаат за нејзината партија.

Доскорешната политичарка на Левица, Сара Вагенкнехт
Доскорешната политичарка на Левица, Сара ВагенкнехтФотографија: Malte Ossowski/SVEN SIMON/picture-alliance

Меѓу нив на прво место се оние кои како причина го наведуваат разочарувањето од другите партии (40 отсто). Тематски, миграциската политика е на прво место (25 отсто), на второ место е економската и социјалната политика (18 отсто), како и прашањата за германската надворешна политика и политика кон Украина (11 отсто). За речиси три од десет испитаници (28 проценти), самата личност на Сара Вагенкнехт е главниот аргумент. Секој деветти учесник во истражувањето (11 проценти) своите симпатии ги образложува со нови импулси за политиката.

Институтот за истражување на јавното мислење „инфратест димап“ интервјуираше 1.314 граѓани на Германија со право на глас за месечната анкета „Дојчландтренд“ по налог на информативната програма „Тагестемен“ (Теми на денот, втор вечерен дневник) на Првата програма на германската телевизија. (АРД) во периодот од 30 октомври до 1 ноември.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема