1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забрана за Хамас и палестинската мрежа Самидун во Германија

Сузане Ајкенфондер
2 ноември 2023

Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер издаде забрана за активностите на терористичката палестинска организација Хамас во Германија.

https://p.dw.com/p/4YJKf
Германија | Министерка за внатрешни работи Ненси Фезер забрана Хамас Самидун
Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер со одлуките за Хамас и СамидунФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер покрај забраната за дејност на терористичкиот Хамас во Германија, најави и распуштање на пропалестинското здружение Самидун. „Антисемитизмот нема место во Германија, ние ќе се бориме против него со сите сили“, рече таа образлагајќи ја забраната. Сојузната влада „работеше напорно и многу интензивно на забраните“, потенцираше Фезер.

Владата со тоа реагира на терористичкиот напад на Хамас врз Израел во октомври. Хамас е терористичка организација која има за цел да ја уништи државата Израел, рече Фезер. Здружението Самидун „како меѓународна мрежа, под превезот на 'солидарна организација' за затвореници во различни земји, шири антиизраелска и антиеврејска пропаганда“, нагласи министерката.

Самидун „глорификува“ различни странски терористички организации, меѓу кои и Хамас. Неколку часа по крвопролевањето во Израел, Самидун предизвика ужас и бес кога членовите на мрежата делеа слатки „во чест на Хамас“ во берлинскиот кварт Нојкелн. Според Министерството за внатрешни работи, здружението Самидун се залага за „употреба на сила како средство за спроведување политички интереси“ и „поддржува здруженија кои иницираат, заговараат и се закануваат со напади врз луѓе или имоти“.

Сојузното Министерство за внатрешни работи забраната за активностите на Хамас ги образложи со тоа дека тој е насочен „против идејата за разбирање меѓу народите“ и „нарушува значајни интереси“ на Сојузна Република Германија. Европската унија, САД и Израел со години го категоризираат Хамас како терористичка организација. Тој не беше забранет како здружение во Германија бидејќи нема никакви структури. Затоа МВР сега прибегна кон забрана за активност.

Според сознанијата на Службата за заштита на Уставот, Хамас има околу 450 следбеници во Германија, од кои многумина се германски државјани. За Самидун нема бројки.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема