1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанија ќе ги врати украдените икони од С. Македонија

БГ /МИА
15 ноември 2022

По деветгодишни преговори, Албанија ќе и врати на Македонија 20 икони кои биле нелегално изнесени од земјата. Во меѓувреме треба во двете земји треба да биде ратификуван договорот.

https://p.dw.com/p/4JYZk
Македонија Охрид Света Софија
Во периодот од 2008 до 2013 година имаше силен бран на насилно влегување во црквите, особено во Западна и Југозападна Македонија, каде што се однесоа стотици икониФотографија: DW

Албанија ќе и врати на Северна Македонија 20 икони кои пред десетина години биле нелегално изнесени од земјата, а постапката ќе се финализира по ратификација на Договорот во двете држави. Паралелно се води процес за враќање и на други икони од Албанија.

Во истрагата, која албанските власти ја водат под името „Икона“, во октомври 2013 година во Албанија беа запленети голем број икони и црковни предмети. Беше утврдено дека 20 меѓу нив се по потекло од Северна Македонија од каде што биле изнесени илегално. 

„На заедничко задоволство, процесот има посакуван епилог, благодарение на професионалноста и на почитувањето на одредбите на Конвенцијата на УНЕСКО од 1970 година, за начинот на забрана и спречување нелегален транспорт, извоз и пренос на сопственост на културни добра, чии потписнички сме и ние и Албанија“, вели министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска. 

Наследство од 19 век 

За конечно враќање на иконите, според министерката, потребно е парламентите во двете земји да ги ратификуваат договорите, по што ќе се случи и физичкото враќање на иконите во Македонија.

„Со оглед на тоа што најчесто цел на незаконските изнесувања се археолошките предмети и иконите, мора да ги зголемиме мерките за поголема безбедносна заштита на овој вид културно наследство“, порача Костадиновска Стојчевска.

Историчарот на уметноста, д-р Сашо Цветковски од МАНУ вели дека овие икони се важни како репрезент на едно време од 19 век и она што се творело во доменот на таа културна историја.

Сега, според Цветковски, треба еден сериозен пристап бидејќи дел од нив се оштетени, а на дел од нив се вршени интервенции на бришење на словенски сигнатури и натписи.

Македонското културно наследство опфаќа речиси 30 илјади икони кои се идентификувани и регистрирани.

Според Цветковски, во периодот од 2008 до 2013 година „имаше силен бран на насилно влегување во црквите, особено во Западна и Југозападна Македонија, каде што се однесоа стотици икони.“ Дел од нив сега ќе бидат вратени во земјата. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема