1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од македонските цркви украдени преку 10 илјади икони

Б. Георгиевски/ап15 јануари 2014

Во последните десет години од црквите низ Македонија украдени се над 10 илјади артефакти со непроценлива материјална и културно-историска вредност, јавува агенцијата Асосиејтед прес во репортажата од земјата.

https://p.dw.com/p/1Aqqc
Фотографија: DW

Раскошниот иконостас во селската црква се издигнува во слоеви од црвени, сини и златни листови се до распетието кое е опкружено од змејови. Близу до врвот, рамките од иконите зјаат празни како отворени прозорци.

Десетина икони беа откорнати оттука во април- жртви на крадците на артефакти кои го задоволуваат растечкиот апетит на меѓународните пазари за православни верски слики. Пазар кој вреди десетици милиони долари.

Арсе Глигуровски, кој се грижи за црквата Св. Ѓорѓија од 19. век во близина на Лазарополе, вели дека секојпат кога ќе погледне во олтарот чувствува како „крадците да ни ги откорнале душите“.

Меѓу 30-ната икони украдени од црквата во Лазарополе, 23 беа дела на познатиот Дичо Зограф, еден од најпознатите автори во државата. Делата на Зограф се продаваат за десетици илјади евра на црниот пазар.

Во последната деценија, во оваа мала балканска земја беа украдени повеќе од 10 илјади верски артефакти од црквите, меѓу нив и вредни икони во византиски стил. Речиси ништо од украденото не е пронајдено. Крадците одземаат цели иконостаси, олтари, крстови, икони, лампи и Библии.

Чувари на идентитетот

За Македонците, богатите рурални религиозни светилишта кои датираат од периодот меѓу 15. и 19. век претставуваат чувари на културниот и верскиот идентитет. Од Заводот за културно наследство велат дека повеќе од 200 цркви и манастири се регистрирани како културно богатство. Според проценките, околу две третини од нив се слабо обезбедени.

„Најголемиот дел од црквите кои се цели на напади се во оддалечените села, кои се напуштени во текот на зимските месеци“, вели Милчо Георгиевски, кустос во галеријата на икони во Охрид. „Нема никаква заштита и секој може да ја отвори портата со едноставен удар. Ова се идеални услови за крадците“.

Ikonostas Sv.Jovan Bigorski
Иконостасот во манастирот Св. Јован БигорскиФотографија: DW

Крадците најчесто се фокусираат на цркви во западниот дел од земјата, на границата кон Албанија, каде во мнозинство се етнички Албанци. Едноставното образложение би било дека на муслиманските Албанци не им е многу грижа за ова наследство. Властите веруваат дека најголемиот дел од кражбите се организираат во Албанија, преку организирана мрежа на соработници во регионот.

„Албанија е можеби само центар каде се собираат украдените икони. Се шпекулира дека повеќето се продаваат на тајни аукции во западна Европа и завршуваат во приватни колекции, вклучително и оние на руските тајкуни“, вели Георгиевски.

Сашо Цветковски, директор на музејот во Струга вели дека повеќе од 500 „непроценливи“ икони биле украдени од црквите во западна Македонија во изминатата деценија. Во земјата, севкупно има околу 23 илјади регистрирани икони.

„Тешко е да се процени вредноста на ова национално богатство. Тоа има извонредно историско, културно и верско значење за Македонија“, вели Цветковски.

Инает и негрижа

Во октомври минатата година, полицијата во Тирана, Албанија заплени 1,077 украдени икони, фрески и други видови уметност со потекло од 15. до 20. век, меѓу нив и парчиња од Македонија. Цветковски и уште еден експерт од Македонија ја посетија Тирана во декември, и при инспекцијата на украдените дела откриле 21 икона од Македонија.

Sveta Bogorodica Perivlepta Ohrid Mazedonien Japan Tourist
Црквата Св. Богорица во ОхридФотографија: Milco Jovanoski

Георгиевски вели дека не може да ја процени вредноста на иконите, но за да се добие идеја за нивната вредност споменува дека петте највредни икони од Македонија биле осигурени на 50 милиони долари кога патувале на изложба во Њујорк во 2004 година.

Задачата да се грижи за безбедноста на верските објекти во земјата ја има Македонската православна црква, и некои велат дека во тоа е всушност и проблемот. На Црквата и недостасуваат стручни лица кои можат да водат сметка за црквите и нивниот имот. Во многу случаи, локалните црковни власти одбиваат да дозволат вредните предмети да се складираат на друго место. На пример, црквата Св. Никола од 19. век во селото Радожда беше нападната три пати од 2012 година, пред надлежните да дозволат да се преместат некои од вредните предмети кои останаа во неа. Дотогаш веќе биле украдени 23 вредни икони.

Владиката Тимотеј, кој е портпарол на МПЦ, вели дека се прават напори да се документираат и регистрираат сите икони на западот на земјата, и се надева оти до крајот на следната година сите ќе бидат сместени во новиот музеј кој се гради во Охрид. Тој додава дека десетици од највредните примероци веќе биле префрлени на посигурни локации.

За жал, сега е предоцна за Лазарополе, иако Арсе Глигуровски сѐ уште се надева дека иконостасот ќе си ги врати украдените икони.

„Тие се основата на она што сме ние“, вели тој.