1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Македонски артефакти на црните пазари во Азија 

ДТЗ /ДВ
14 јануари 2021

Над 1000 артефакти се водат како украдени од Северна Македонија. Ако досега завршуваа на црните пазари во Западна Европа, последниве години крајната дестинација им е Азија.

https://p.dw.com/p/3nsIJ
Neubau einer Orthodoxen Kirche
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дваесетина украдени икони веќе неколку години фаќаат прашина во витрините во два музеи во Албанија, чекајќи тамошните власти да донесат одлука за нивната судбина. Станува збор за непроценливо историско и културно богатство за кое Северна Македонија години назад се обидува да го врати во земјата. Последните информации кои што македонското Министерство за култура ги добило од соседна Албанија се дека иконите се чуваат на безбедно и заштитено место во два музеи во Тирана. Албанското Министерство за култура испратило писмо до Владата на Еди Рама, којашто треба да ја донесе конечната одлука - дали украдените икони ќе бидат повторно вратени во македонските цркви и манастири или ќе ја имаат судбината на многубројни други верски и археолошки предмети на коишто засекогаш им се губи трагата. Проценките на полицијата се дека од земјава се украдени 1000 вредни артефакти и икони. Познавачите велат, пак, дека бројката е далеку поголема и се движи околу 3000 предмети - што е доволно да се наполнат неколку музеи. Иако полицијата презема мерки за спречување на криминалните групи и дивите копачи, се чини тие се секогаш неколку чекори пред организираните групи, кои и понатака продолжуваат да копаат по утробата на вредното историско и културно наследство.

Интерпол трага по 160 украдени предмети

Македонската полиција во базата на Интерпол има пријавено 160 украдени археолошки предмети и икони. Дел од иконите и предметите кои се пријавени за украдени се објавени и на веб-страницата на МВР.  „Украдените предмети од Северна Македонија најчесто завршуваат на нелегалните пазари во земјите од Западна Европа, а во последните години, украдените археолошки предмети, најчесто завршуват на пазарите во земјите од Азија“, велат извори од МВР за Дојче веле.

-повеќе на темата: Со иконите се краде и идентитетот на Македонците

МВР и Интерпол трагаат по иконите „Воскресение на Лазар“, „Крунисување на Богородица“, Свети Јован Богослов, „Богородица со дете и светци“,  „Слегување во пеколот“, „Исус Христос“, „Свети Никола 3“, „Неколку светци“, „Свети Јован Крстител“, „Распнување“, „Распнување“, „Соби р на ангели“, „Антимини“, „Богородица и дете“, длаборезот „Свети Јован Богослов“, како  и неколку златни обетки, обетка во форма на лав, диадема и други вредни предмети. Познавачите на проблематиката велат дека овие украдени предмети достигнуваат милионски вредности на аукциите. Станува збор за предмети кои датираат пред 15 век и имаат огромна материјална, историска и културна вредност.  

Разнебитување на историското наследство

Разнебитувањето на културното и историско наследство на земјата трае со децении.  Поединци, но и организирани групи, кои често се поврзуваат со странски канали каде ги продаваат украдените предмети на црните пазари во Европа, се дел од ланецот кој учествува во разграбувањето на македонското културно наследство. Украдените предмети се продаваат на трговци на артефакти од странство, на музеи, приватни колекционери, а  дел завршуваат на продажба во некоја од светски познатите аукциски куќи во Европа и САД. Интересно е што во последно време, според полицијата, се поактуелен станува и црниот пазар на артефакти во Азија, каде можат да се најдат и украдени предмети од Северна Македонија. 
Пред неколку години албанската полиција во акцијата „Икона“ заплени 1077 икони, артефакти, и други религиски предмети кои потекнуваат од средниот век.

Се претпоставува дека има над сто илјади предмети кои биле пронајдени на македонско тло, а на разни начини биле однесени од земјата и сега ги красат музеите ширум светот. Процесот на реституција или враќање е практично невозможен. Артефакти од Македонија има главно во музеите во соседните држави. Има во Белград, има во Софија многу. Има и подалеку, во Бритиш музеум , во Америка, во Аместердам и во разни музеи во Европа и светот.

geplündertes Kirchenfresco Albanien
Се претпоставува дека има над сто илјади предмети кои биле пронајдени на македонско тло, а на разни начини биле однесени од земјата и сега ги красат музеите ширум светотФотографија: DW

На пример, Атена од Хераклеја се наоѓа во Британскиот музеј. Има околу 20 илјади икони од македонските цркви и манастири кои се отуѓени по светот. Иконите од Свети Наум не се пронајдени. Шест икони од Свети Јован Богослов – Канео со непроценлива вредност од Охрид беа украдени, Интерпол ги врати, пак беа украдени и никогаш не се пронајдени. Златните маски од некрополата Требеништа се во Белград и Софија. Уште 187 археолошки предмети се во Софија, а две други златни маски и уште 257 предмети се легално однесени во Белград . Таму се и речиси половината од најзначајните артефакти од Стоби.

Српскиот  весник „Блиц“ во 2014 година објави дека повеќе од 10 илјади вредни верски предмети се украдени од црквите во С.Македонија во последните 10 години.  Повикувајќи се на изјава на кустос од Охрид, Милчо Георгиевски, весникот посочува дека украдените артефакти од македонските цркви и археолошки локалитети се продаваат на тајни аукции во Западна Европа и завршуваат во приватни колекции. 

Како се одвивале кражбите?

Полициските акции изминатите години во кои беа разбиени неколку организирани групи на диви копачи на археолошкото богатство, ја открија шемата по која се одвива нелегалниот бизнис со националното богатство. Во него се вклучени добро организирани групи, кои користат софистицирана и скапа опрема, која чини од 40 до 80 илјади евра, па и повеќе, за детектирање на предметите. Се прави мапирање на теренот и се ископува од утробата на земјата се што ќе им се види вредно и примамливо на дивите копачи. Не се поштедени ниту старите гробници. Напротив, најчесто тие се откопуваат во надеж дека ќе се пронајде некој вреден предмет. Според сознанијата на истражителите, украдените предмети се нуделе по цена од над 14 илјади евра. Некои од предметите, достигнуваат и вртоглави цени на црните пазари. 

-повеќе на темата: Повеќемина осомничени за кражба во Музејот на Македонија

Последната акција за којашто информираше полицијата беше во демекмври минатата година, кога беше поднесено обвинение против инфектологот Вело Марковски и уште седум лица за незаконски археолошки истражувања и шверц на артефакти за стекнување на личен профит. Марковски кој од неодамна стана член на Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дел од  артефактите ги чувал во својот стан додека не се најде купувач, по што обвинетите ги шверцувале. Истрагата траела повеќе месеци.

Истраги со судски епилог

Во периодот од 2010 до 2014 година полицијата реализираше неколку поголеми акции за разоткривање на шверцерите на артефати. Се започна со акцијата „Фаланга“, по што беше откриена и големата кражба на предмети од Музејот на Македонија на предмети од локалитетот Исар-Марвинци, а истрагата ја однесе полицијата и во Гевгелија, каде беше реализирана акцијата „Аполон“. Беа поднесувани обвиненија и им се судеше и на високи функционери во Управата за за заштита на културното богатство, но и на високи полициски функционери и експерти задожени за спречување на криминалот со артефакти. Тие тврдеа дека се наместени поради одмазда. Во дел од истрагите се најде и името на Паско Кузман, поранешнот директор на Управата за културно наследство.

-повеќе на темата: Од македонските цркви украдени преку 10 илјади икони

Случајот „Аполон“ всушност беше продолжение на дејствијата преземени во рамки на акцијата „Фаланга“. На удар на оваа криминална група била Вардарската Долина каде што постојат локалитети од пајонското време. Откако со определена апаратура ќе биле лоцирани гробовите каде што било скриено богатство, се отворале со копачи и со лопати. Откопаните предмети се оригинали. Покрај археолошки и историски предмети, членовите на криминалната група нуделе на продажба и икони, а потекнуваат од извршените кражби од повеќе цркви. Истрагата покажа дека осомничените при ископувањето на локалитетите користеле високософистицирана опрема. Со помош на ваквата опрема, тие лесно успевале да ги лоцираат металните предмети закопани во гробовите. Полицијата тогаш од крадците две икони, девет различни археолошки фигури, три фибули, шест парчиња – делови од накит, 17 метални парички, две керамички сада, разна опрема, составена од скенери и од детектори на метал, мапи и скици на археолошки наоѓалишта, како и оружје и муниција.
На удар на крадците со години наназад е и локалитетот Марвинци, од каде во изминативе 20 до 30 години се претпоставува дека дивите копачи ископале околу илјада гробни места и огромен број на артефакти се препродадени во Македонија, но и во Грција за да завршат како предмети со грчко потекло. Пред неколку години беше уапсена осумчлена група копачи и трговци со артефакти и икони од непроценливо културни и историско значење.

Каква ќе биде судбината на струшките икони?

Северна Македонија се уште го очекува враќањето на 20 вредни предмети, коишто беа пронајдени кај албанскиот колекционер Ѓерѓи Тимо, кој криеше 1.077 икони и артефакти со голема уметничка вредност кои датираат од 15 до 20 век. Дваесет икони треба да бидат вратени во црквите во селата Радожда, Буринец и Селце од Струшкиот регион, како и селата Ѓавато и Перово од Битолскиот регион. С.Македонија очекува да ги добие и двете икони изработени од Дичо Зограф. Вредните дела било планирано да се продаваат надвор од земјата. Со украдените дела, според албанските власти, можел да се исполни цел еден музеј.

Bildergalerie Sonderausstellung Nikolaus - Ein Heiliger für alle Fälle
Северна Македонија се уште го очекува враќањето на 20 вредни предмети, коишто беа пронајдени кај албански колекционерФотографија: Ikonen-Museum Recklinghausen (Ausschnitt)

„Македонски експерти беа во Албанија и извршија препознавање на околу 20 икони, кои треба да и бидат вратени на нашата земја. Иконите кои беа запленети од страна на полицијата во Албанија, не се пријавени во базата на Интерпол. 11 од тие икони се од регионот на Струга и 8 се од Преспанско-Ресенскиот регион“, велат од МВР. 
Во извештајот од увидот, кој стигнал од Република Албанија, македонската полиција била известена дека се идентификувани следните икони:  
1. Црква Св. Никола во Радожда, Струга
- Св.Никола, димензии:74x48x3см 
- Богородица со Христос, димензии:73x49x3см
- Исус Христос, димензии:73x49,5x3 см
2. Црква Воведение на Пресвета Богородица во с.Буринец, Струга
- Св. Атанасиј, димензии:90x50x4 см
- Св.Никола, димензии90x53x 2,5см
- Деизис ( Христос, Богородица и Јован Крстител, зограф Серафим, димензии 68 x43x 3 см
3. Црква Св. Атанасиј во с.Селци, Струга,
- Св.Георги, димензии 72x50x1,5 см, Дичо Зограф 
- Вознесение на пророкот Илија, димензии 70x50x2см, Дичо Зограф 
- Жртва на пророкот Илија, Аврам Дичов,
- Бегство на Лот со ќерките, Аврам Дичов,
- Арх.Михаил
4. Црква Св. Богородица во с.Ѓавато, Преспа
- Св.Василиј, димензии 95x57x5см 
- Исус Христос, димензии 93x 57 x3,5см
- Св.Харалампиј,димензии93x 50 x2,5см
5. Црква Св.Атанасиј во Долно Перово, Преспа
- Св.Богородица со Христос, димензии 101x 61x4 см,
- Царски Двери-Благовештение, димензии 140,5x 47x 3 см
- Исус Христос, димензии100 x61 x4 см
- Св.Димитриј, димензии 100 x60x 3,5 см
- Сретение Христово, димензии 35x 25x 2 см, 
- Крштевање Христово, димензии 35 x30 x2 см.

„Од страна на Министерството за внатрешни работи на Р.С.Македонија, согласно законот за заштита на културно наследство, беше обезбедена целокупната документација и доставена до Министерството за култура, во чија надлежност е рестетуцијата на археолошки предмети, икони и др. Според информациите со кои располагаме, постапката за враќање на запленетите икони се уште трае“, велат извори од полицијата.

Црквите мета на крадците

Проценките се дека во последниве 12 години се ограбени речиси 800 цркви и 53 џамии. Само во изминатите десетина години се украдени 600 икони од 40 цркви со непроценлива вредност. Од црквите во Југозападниот регион исчезнаа највредните икони. Украдени се црковни артефакти, световни книги, крстови, плаштеници со чудотворна моќ, низ кои е проткаена вековната традиција и верувања на локалното население. Една од поголемите кражби се случи во Гостиварско, каде беа украдени икони и вреден сребрен крст. Не останаа поштедени ниту црквите во Охридско, во Битолскиот и Дебарскиот регион. 

-повеќе на темата: Оригиналните икони во музеј, копии по црквите

МВР пред неколку години најави дека ќе покрене иницијатива за собирање на податоци за кражби на вредни артефакти во изминативе 30 години. „Изминативе 30 години за жал никој не покажал доволно грижа за културното и историското наследство на земјава и не покренал никој иницијатива за пронаоѓање и враќање на артефактите кои со децении биле изнесувани од земјава“, тврдеа од МВР  во времето кога министерка за внатрешни работи беше Гордана Јанкулоска.
Заштитата на културно-историското наследство е пред се одговорност на Министерството за култура, односно Управата за заштита на културното наследство. Тие се одговорни, согласно законот и за водење на евиденција на културно-историските добра кои се наоѓаат во странство. Министерството за внатрешни работи се вклучува кога постојат индиции за сторени кривични дела поврзани со отуѓувањето и кражба на културно- историското богатство на земјата.

Мерки без ефект

Последниве години крадци буквално ги опустошија и македонски цркви, особено во западниот дел на земјата. Струга, Охрид, Дебар, но и Битола буквално останаа без стотици икони со непроценлива вредност. Дел од црквите се заштитуваа со поставување безбедносни камери, ставаа заштита на вратите, или пак ги чуваат иконите во депоа, со цел да се спасат од арамиите. Но, голема е бројката на цркви кои буквално се оставени на милост и немилост и се честа мета на крадците и вандалите. За подобра заштита на културно-историското богатство со кое располага земјава беше попишувањето на богатството со кое располага МПЦ, согласно меѓународните стандарди. Притоа беа евидентирани иконите, со што во случај на грабеж тие би можеле да се бараат и преку Интерпол. 

Mazedonien Ohrid Sveta Sofija
Струга, Охрид, Дебар, но и Битола буквално останаа без стотици икони со непроценлива вредностФотографија: DW


„Најголемиот број украдени икони од македонски цркви се пренесуваат преку албанската граница, а од таму преку меѓународни канали за кражба на црковни богатства завршуваат во приватни колекции низ светот“, изјави преспанско-плагонискиот владика Петар пред неколку години по најголемата кражба на црковно богатство во Битолско, која се случи во село Гопеш. Крадците однесоа 41 икона од иконостасот во црквата „Свето Преображение“. 
Според податоците на Министерството за култура, околу 200 цркви и манастири се регистрирани како национално богатство, а голем дел од нив се многу слабо обезбедувани. Крадците најмногу се фокусираат на црквите во западниот дел на земјата, на границите со Албанија, каде мнозинството жители го сочинуваат Албанците. Се претпоставува дека украдените икони се продаваат на тајни аукции во Западна Европа и завршуваат во приватни колекции, вклучувајќи ги и оние на руските тајкуни. 

-повеќе на темата: Кој доаѓал, земал од Македонија, сега никој не враќа

Органите на прогонот секогаш се неколку чекори зад крадците, кои најчесто се добро организирани, со разработени канали во Европа и светот, по што успеваат да го изнесат богатството од земјата, кое набрзо завршува во витрините на странски колекционери. Отсуството на заштитни мерки, неосигурувањето на артефактите, како и отсуство на категоризирана листа на севкупното наследство оневозможува квалитетни заштитни мерки за културното наследство. 
Изминативе години имаше низа иницијативи, чија цел беше за да се сопре изнесувањето на артефактите од земјава - се предлагаше техничко опремување на институциите, се поставуваа камери во црквите, се зајакнуваше обезбедувањето, се ставаа катанци и решетки, се иницираше формирање на посебни музеи за чување на вредните икони, оригиналите се криеја во депоа, а на нивно место беа поставувани копии...Но, сите овие мерки беа како гребење по површината на проблемот, идеи со краток здив, кои ретко кога имаат завршница. Во меѓувреме дивото копање, кражбите, присвојувањето на културното благо продолжуваат далеку од очите на јавноста. Повремените информации во полициските билтени за откриена група на диви копачи е само потсетник дека секој ден се откинува по едно парче од културното наследство, парче на кое трагата речиси никогаш не му се наоѓа. 

 

Финансирање на тероризмот со грабеж на уметнички дела