1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали испораката на ракети Таурус за Киев е „ад акта“?

Кристоф Хаселбах
8 март 2024

Едни сметаат дека сега и тоа како треба да има испорака на крстосувачките ракети Таурус, други, пак, велат дека ова уште повеќе ги потврдува нивните стравувања за можно вовлекување на Германија во војната.

https://p.dw.com/p/4dGmZ
Воен авион со крстосувачки ракети Таурус
Крстосувачката ракета Таурус (под крилата) може да погоди и цели во МоскваФотографија: MBDA Deutschand/abaca/picture alliance

Скандалот со прислушувањето се чини дека не ги промени различните политички позиции во однос на темата Таурус, туку повеќе ги зацврсти. 

Канцеларот во секој случај изгледа избламиран. Тој одбивниот став за испорака на Таурус во Украина во јавноста го образложи со тоа дека само германски војници можеле да ги програмираат целите за крстосувачката ракета. Во прислушуваниот разговор, пак, офицерот Инго Герхарц и тројца колеги велат дека по повеќемесечна обука тоа би можеле да го прават и украински војници.

Дури ни членови на владеачката коалиција во Берлин не се трудат да ја сокријат евидентната противречност. Експертката за одбрана на Либералите, Мари-Агнес Штрак-Цимерман, на вториот канал на германска телевизија ЗДФ рече дека со разговорот „де факто отпаднал аргументот на канцеларот да не се испорачува на Украина”.

Таа повика на единство и рече: „Мора да внимаваме да не почнеме да се напаѓаме сите меѓусебно”. Но, токму тоа го стори самата таа со својата забелешка. Штрак-Цимерман е единствениот пратеник од владината коалиција која неодамна гласаше за барање за испорака на Таурус, поднесено од опозициската ЦДУ/ЦСУ, и со тоа отворено застана против Шолц. Нејзиниот партиски колега Волфганг Кубики во интервју за дневен весник рече дека при повторно поднесување на такво барање од опозицијата, сигурно и повеќе пратеници од Либералите ќе гласаат „за“.

Сега во секој случај или сега никако?

Воопшто никаква воздржаност не покажува Родерих Кизеветер од ЦДУ, кој за ДВ пишува дека причините кои ги наведува Шолц се „привидни”. Тој смета дека „нема ни фактички, ни правни причини кои би говореле против испорака на Таурус. Во таа смисла, крајно време е канцеларот да даде зелено светло по десетмесечното одолговлекување”. Во спротивно, оценува Кизеветер, се поддржува наративот на Путин.

бундесвер афера со прислушување
За Бундесверот, пресретнатиот разговор на високи офицери на воздухопловните сили е голема непријатностФотографија: Christian Ohde/CHROMORANGE/picture alliance

Обратниот заклучок го извлекуваат од левицата и десницата. Претседателката на Левица, Жанин Вислер, за „Шпигел” вели дека „содржински разговорите уште еднаш јасно покажуваат дека испораката на Таурус-ракетите може да биде исклучително опасна и да предизвика напади до Москва и спирала на ескалација без преседан”. Бјерн Хеке од десноекстремната АфД на мрежата Х се обрати до Шолц со зборовите: „Немојте да влезете во историјата како човекот чија одлука да ги испорача Таурус-ракетите ја предизвика третата светска војна!“

Недоверба на Шолц во Украина?

Шолц ниту по објавениот прислушуван разговор не гледа причина да се помести од својата позиција. „Не е возможно да се испорача систем кој има таков дострел и да не се размислува за тоа како да се има контрола над него”, рече Шолц на една дебата. „И ако човек сака да има контрола, а тоа е возможно само ако се вклучени германски војници, тоа за мене е исклучено”, рече канцеларот. Како да мора дополнително да биде нагласено, тој додаде: „Јас сум канцеларот и затоа ќе биде така”.

Некои шпекулираат дека зад одбивањето на Шолц се крие нешто друго, имено недоверба во владата во Киев дека нема да ги лансираат ракетите врз цели во Русија. Тие имаат дострел од 500 километри и со тоа од украинска територија би можеле да погодат и цели во Москва.

Кизеветер посочува дека „Украинците досега се држеа до сите договори и ги исполнуваа сите услови за испорака на оружје. Стратешки не би било паметно да се уништи довербата на партнерите од кои Украина зависи за испорака на оружје”, вели тој.

Политичарот на ЦДУ, Родерих Кизеветер
Политичарот на ЦДУ, Родерих Кизеветер, веќе долго време бара ракети Таурус за УкраинаФотографија: Jean MW/Future Image/IMAGO

СПД се доживува како мировна партија

Тактизирањето на Шолц во секој случај е поврзано со традицијата и ориентацијата на Социјалдемократската партија, во која воздржаниот курс на канцеларот не само што наидува на широка поддршка, туку партијата тоа од него и го бара. Двигател притоа е силното лево крило, односно оние сили кои традиционално биле и сѐ уште се мировни политичари. Добри релации со Русија за нив сѐ до 24.02.2024 се подразбираа, а мировен поредок во Европа без Русија беше незамислив. Се сметаше дека земјата преку одржување добри релации може да се интегрира, па дури и да се влијае за промени. Во меѓувреме постои консензус во СПД дека тоа било погрешно, но заговорниците на антивоена политичка линија и натаму се многу силни.

Со оглед на лошите резултати во анкетите, можно е и СПД во поглед на изборите на сојузно ниво во 2025 година да очекува подобри шанси со мировна кампања. Со тоа партијата веќе еднаш имаше успех, кога во 2002 година тогашниот канцелар Шредер со своето „не” за војната во Ирак успеа да добие уште еден мандат. Неодамна објавеното видео од Шолц звучи слично: „Без германско учество во војната! Да го кажам јасно и гласно: како германски канцелар нема да праќам војници на Бундесверот во Украина. Тоа стои. На тоа може да се потпрат нашите војници. И на тоа може да се потпрете и вие”, категоричен е канцеларот.

Во однос на прашањето за Таурус, се чини дека е на ист бран со мнозинството во Германија. Во анкета на Ју-Гов, 58 проценти се изјасниле дека се против испораката, само 28 проценти се „за“. Од 58-те проценти, повеќе од половината одбиваат каква било поддршка за Украина!

Володимир Зеленски и Олаф Шолц
Канцеларот Олаф Шолц (десно) му вети на украинскиот претседател Володимир Зеленски натамошна помош во оружје (овде во Берлин, во средината на февруари), но испорака на Таурус сѐ уште немаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Нема апсолутно „не” од Шолц

Се чини дека одбивањето на Шолц сепак не е толку цврсто забетонирано, барем според оценките на сопартиецот Нилс Шмид. „Техничките, уставните и стратешките пречки се повисоки отколку кај друг тип на оружје. Но, тоа не исклучува владата во иднина да има поинаква проценка и сепак да се одлучи за испорака", вели Шмид за весниците на групацијата Бајерн.

Строго погледнато, одбивањето од страна на Шолц не е апсолутно. Тој рече: „Ако сакаме да имаме контрола и тоа е возможно само со учество на германски војници, тоа е сосем исклучено”. Тоа би можело да значи дека испорака е можна, ако не учествуваат германски војници. Така Шолц си остава отворена врата.

Кизеветер од ЦДУ смета дека крстосувачките ракети одамна требало да бидат испорачани и вели: „Треба да е јасно дека ако Путин не биде сопрен во Украина, ќе се зголеми опасноста од војна за сите нас. Затоа однесувањето на канцеларот ја заслабнува европската и германската безбедност. Смирување, толеранција, понуди за преговори Русија ги перцепира како слабост и поттик да продолжи”, смета опозиционерот.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик