Писториус: „Индивидуална грешка“ довела до прислушување
5 март 2024Според првичните сознанија од истрагата во врска со аферата со прислушување на Бундесверот, до протекување на разговорот на германските офицери дошло поради „индивидуална грешка“ во постапката за разговори. Ова денеска (5.03) го соопшти германскиот министер за одбрана Борис Писториус. Грешката ја направил еден од учесниците во разговорот за крстосувачките ракети Таурус, кој се вклучил од Сингапур и избрал „небезбеден канал“.
Според Писториус, разговорот на четворицата офицери се одвивал преку интернет платформата Вебекс, како што налагале прописите, но учесникот кој се вклучил од Сингапур не се држел до постапката за безбедно повикување. Писториус исклучува дека во разговорот бил приклучен и руски шпион. „Нашите комуникациски системи не биле компромитирани“, изјави тој денеска во Берлин. Во Сингапур во тој момент се одржувал саем за воените авијации, на кој учествувале и високи воени претставници од повеќе европски земји. За руските тајни служби такво нешто е „добредојдено“, рече Писториус. Во хотелите каде што биле сместени сместени офицерите, како што додаде тој, биле спроведувани акции на прислушување без одредена цел, а пристапот до разговорот на германските офицери бил „случаен погодок“.
Министерот за одбрана соопшти дека против сите четворица учесници во разговорот се покренати постапки за дисциплински мерки, но даде дека во моментов лични консеквенции „не се на агендата“. Ако не излезе уште нешто полошо, „нема да жртвувам ниту еден од моите најдобри офицери за игрите на Путин“, рече Писториус. Министерот за одбрана нема сознанија за друг случај на прислушување, „но тоа не исклучува можност дека постои такво нешто“.
Во петокот Русија објави разговор на четворица високи германски офицери, меѓу кои шефот на воената авијација Инго Герхарц. Во разговорот станува збор за сценарија за употреба на германските крстосувачки ракети Таурус доколку тие би биле испорачани на Украина. Канцеларот Олаф Шолц тоа го исклучува во моментов и своето „не“ го образлага со тоа дека Германија во тој случај биможела да биде вовлечена во војната. Ракетите Таурус имаат дострел од 500 километри и со нив од Украина би можеле да се гаѓаат и цели во Москва.