1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фридрих Ниче, „историската треска” и балканските биографии

13 декември 2021

Договорот за добрососедство требаше да ги приближи Македонците и Бугарите и преку заедничко размислување за историјата. Можеше ли да се избегне замката на запаѓање во „историска треска“ во двете земји? Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/44B81
Nordmazedonien Bulgarien Historikerkommission
Фотографија: Government of North Macedonia

Во вториот дел од книгата „Несовремени согледувања“ („Unzeitgemäße Betrachtungen), Фридрих Ниче размислува за ползата и штетноста на историјата за животот. Книгата има четири дела, објавени од 1873-тата до 1876-тата. Во првото поглавје од вториот дел тој истакнува дека неговото согледување е „несовремено” (во смислата на неактуелно), затоа што тоа со што неговото време се гордее, познавањето на историјата, за него е преценето, па дури и штетно. Современиците „боледувале од една истоштувачка историска треска“, пишува тој, та се надева дека од неговото дело тие ќе сознаат барем дека „боледуваат”. Претераната предаденост на еден народ на историјата можела да се преобрази во неговата пропаст. Понекогаш требало минатото да се заборави, доколку не сме сакале тоа да стане „гробокопач на сегашноста“, советува тој. За да се оцени вистинската мера во предаденоста на историјата, требало да се знае колкава е „пластичната сила на еден народ, еден човек, една култура: мислам на силата да се расте своевидно од самиот себеси, да се преобликува и присвојува минатото и туѓото, да се зацелуваат раните, да се надокнадува изгубеното, со своја сила да се преобликуваат скршените облици.”

Искушенијата од преголемото „живеење во минатото“

Согледувањата на Ниче се речиси актуелна дијагноза за духовната состојба на Балканот. Мислата за „пластичната сила“ особено ме восхитува. Во неа тој ја опишува животната сила на некои луѓе и народи, како Евреите што го преживеале Холокаустот, која ги прави способни да ја надминат траумата, а сепак да го паметат страдањето. И да гледаат позитивно на иднината. Таа способност психологијата на дваесеттиот век ја нарече резилиентност. Ниче, големиот познавач на античките народи, ги насетувал и искушенијата од преголемото „живеење во минатото“.

Други колумни од авторката: Преписката на писателите во дигиталната ера

Неретко најдобрите намери на сегашноста доживуваат пораз пред гигантската сенка на минатото во сегашноста. Живата, творечка сила на еден народ, за која зборува Ниче, ја дава вистинската мера во односот кон историјата. Читајќи го деновиве повторно текстот на  Договорот за пријателство, соработка и добрососедство  помеѓу Северна Македонија и Бугарија, ми станаа уште појасни согледувањата на Ниче за деструктивноста на „историската треска“ од која напати боледуваат општествата. Договорот требаше да ги приближи Македонците и Бугарите и преку заедничкото размислување за историјата. Во состојба во која двата народа речиси воопшто не се познаваат, а обата имаат чувство на директна загрозеност само кога ќе се спомене  историјата.  Иако е јасно дека историските констелации не се неменлива состојба во која владеат природните закони, бугарските политичари и историчари говорат за „објективна вистина“. Притоа мора да им е јасно дека сликата за  историските настани  во историографијата е секогаш протолкувана, а со тоа и „обоена“ од духот на одредено време.

Неутрално истражување и реконструирање на балканските биографии

Можеше ли да се избегне замката на запаѓањето во „историска треска“ во двете земји? Особено кога се работи за  Северна Македонија и Бугарија,  ми се чини дека ќе беше многу поконструкривно соработката да започнеше во заеднички проекти, во кои не би биле само историчари, туку и уметници и филозофи, при што би се реконструирале биографиите на познати личности од минатото на регионот Македонија. Имено, токму на балканските биографии може „да се прочита“ сето балканско минато. Но и неговата многустраност, сложеност и парадоксалност. При реконструкцијата на фрагметите од животот на една историска личност во трите држави ќе станеше многу јасно колку многустран и непредвидлив е животот на една личност. Но и колку е преплетена историјата на некогашниот регион Македонија, на кој сега се формирале повеќе поединечни држави, кои од истата историја избираат аспекти што се значајни во особена мера за нивната самоперцепција.

Други колумни од авторката: Ако не се ограничиме свесно самите, ќе не‘ ограничи катастрофата

Изминатиот живот е многуслоен, многустран и парадоксален и не се совпаѓа со „калапот“ на „објективната вистина“ на денешницата. Уште помалку кога тој „калап“ зависи од духот на времето на идните генерации. Зошто македонски и бугарски историчари, филозофи и писатели не би биле обединети во еден долгогодишен проект, во кој, на пример, би се истражиле сите етапи од животот на Гоце Делчев? Или на Ѓорче Петров? А на крајот на проектот сите материјали би се објавиле во двете земји – на македонски и на бугарски? Нели тоа би сведочело пред ЕУ и пред целиот Балкан многу посилно и многу покултурно за творечката моќ на двата народа и двата јазика, отколку сите исмевања на бугарските политичари во Брисел на адреса на Македонците и на македонскиот јазик?

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Кица КолбеФотографија: Privat

Се разбира, главната премиса на ваквите проекти, кои би морале да станат задача за иднината, доколку двете општества навистина сакаат да се запознаат, би требало да биде неутралното третирање на личните податоци - без прашања за етничката и национална определба на историските личности, без нивно поставување во контекст на модерните национални, македонски или бугарски наративи. Нели ние, современиците во Северна Македонија и Бугарија, им го должиме тој иманентен пристап на луѓето како Гоце Делчев или Ѓорче Петров? Иманентен пристап значи за мене дека личностите треба да се примаат и толкуваат во нивниот историски контекст, а не во оној што е преформиран од нашиот современ идеолошки поглед на минатото. Неутралното истражување и реконструирање на балканските биографии ќе ни го покаже нам, на современиците, човечкото лице и приказната која се крие зад имињата од историските читанки, кои најчесто се доживуваат стереотипно токму поради идеолошкиот „калап“ во кој се обезличени. Реконструкцијата на балканските биографии би била жива мапа на сложената, споделена и преплетена историја на балканските народи. Балканот, но особено Македонија е регион со многу богато минато, со стари култури и раскошно културно наследство, но сегашноста е херметички затворена во национални граници. Тие граници минуваат низ балканските биографии и не дозволуваат да се согледа целината на човечкиот живот. Затворените граници на Балканот раѓаат „затворени“ умови. Од бедната сегашност тие бегаат во минатото затоа што националистите зад сите граници им ветуваат дека само таму, во славното минато, кое е само нивно, тие биле и силни и славни и богати.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.