1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Бугарски историчар: Ние сме заробеници на национализмот

Димитар Атанасов
6 декември 2021

Проблемот со Северна Македонија е резултат на целосното одбивање на низа бугарски влади да формулираат државна политика адекватна на новите реалности. Помирувањето со минатото е неизбежно, пишува Димитар Атанасов.

https://p.dw.com/p/43tNQ
Бугариј Софија Протести
Проблемот со Северна Македонија е резултат на целосното одбивање на низа бугарски влади да формулираат државна политика адекватна на новите реалности. Фотографија: picture-alliance/AP Photo/V. Petrova

Сегашната парламентарна палета е натоварена со огромни очекувања на јавноста. Народното собрание веќе ја одржа првата седница. Едно изгледа сигурно во оваа фаза - популизмот сè уште доминира, а нема волја за негово демонтирање.
Темата за односот на Бугарија кон југозападните соседи се наоѓа во најболното подрачје на нашата колективна меморија. Помирувањето со минатото е неизбежно. Тоа минува низ горчливото сознание дека скаменувањето на неговите слики е капитал што политичарите вешто го вртат кон приватниот интерес. Проблемот со Северна Македонија е резултат на целосното одбивање на низа бугарски влади да формулираат државна политика адекватна на новите реалности. Ако пред еден век во некои области на Македонија живееле Бугари, денес тие се само неколку илјади. Ако пред еден век бугарската книжевна норма ги вклучуваше говорите користени до Корча во Албанија и јужно Косово, денес постои литературен македонски јазик, создаден, слично на бугарскиот, во Академијата на науките. Литературниот јазик не е преземен од теренот, туку е конструиран на научен начин. Тоа важи за секој литературен јазик. 

Примери од Европа 

Норвешкиот јазик ја доби својата литературна норма дури во дваесеттиот век. Тоа е сосема разбирливо за Данците, чиј јазик има многу подолга историја, но тоа не раѓа потсмеви слични на бугарските против македонскиот јазик и неговите говорители. Италијанците и Шпанците исто така се разбираат без потреба од превод, но нема соседски кавги за тоа кој е полегитимен наследник на поранешниот јазик на Римската империја.
Истото важи и за македонската нација. Како и секоја друга, таа е факт и нема потреба од ничија наклонетост за полноправно да постои. Аргументот за нејзината извештаченост е неодржлив - заедниците се резултат на консензус меѓу нивните членови, а не природен феномен.  

Димитар Атанасов
Димитар Атанасов е историчар, вработен во Институтот за етнологија и фолклор на БАН.Фотографија: privat

Сѐ уште сме заробеници на национализмот 

Приказната за националната историја, наменета за широка јавна употреба, кај нас не доживеа речиси никаков развој. Од учебниците беше отстрането влијанието на „марксизмот-ленинизмот“, но национализмот - отворен или прикриен - продолжува да го дефинира историското знаење на младите. Јавноста и медиумите ги засилуваат овие гласови. Во политичкиот говор, омразата кон соседите не се смета за непристојна. Спротивставувањето на национализмот е еднакво на отпор против одредени политички субјекти, кои, доколку не го прифатиме нивниот монопол над процедурите за добивање бугарски пасоши, нема како да ја отфрлиме нивната доминација над фантазијата за државјанство преку тези какви што се бугарскиот карактер на голем дел од територија во соседството и величината на Бугарија и Бугарите надвор од времето и просторот. 
Денес за 5 од 7 партии застапени во парламентот, тешкотиите во односите меѓу соседите се покажаа незначителни. Водечките политички актери избраа да не ја допираат оваа тема во нивните говори на отворањето на новиот парламент.
Дури шестата ја прекина оваа тишина. Затоа, Христо Иванов ја претвори темата во своја традиција. Тој го започна и претходното Народно собрание со идеи за итна потреба од позитивно решение на бугарско-македонската блокада. Надежта беше минлива. Денес и тој им се придружи на оние кои инсистираат на почитување на она што во очите на општеството е „бугарска историска вистина“. 

Христо Иванов
Христо Иванов ја претвори темата во своја традицијаФотографија: BGNES

Зад овој пристап можеше да се прочита една популистичка нијанса. Коалицијата, обвинета за нездрави наклони кон Западот и подготвена да го замени националниот интерес со оној на надворешните сили, им дава гаранција на загрижените граѓани дека бугарштината ќе опстане. Знаењето нема националност. Како и природните науки и математиката, историјата исто така се покорува на општоприфатените логики.  

Фактите се заменуваат со застарени концепти од пред еден век 

За Костадин Костадинов од „Преродбата“, Северна Македонија е „втора бугарска држава“. Сфаќање  чија актуелност датира од крајот на 19 и првите децении на 20 век, но нема никаква врска со современоста. Денес, земјата со главен град Скопје е населена главно со Македонци. Замената на овој факт со старомодните приказни од пред еден век е политички капитал што партијата и нејзиниот лидер го користат и очигледно нема да се откажат од неговиот популистички потенцијал.
Историските знаења треба да се обновуваат. Тие не се факт ниту во повеќето предавања на универзитетите - националистичката гледна точка доминира во областа на академското знаење. Неопходно е ние да си ги осовремениме и нашите политички сфаќања. Откако сегашната позиција не доведе до ќорсокак, промената е императив. Популистичкото прилепување на очекувањата на јавноста не е аргумент за инсистирање на докажаната штетна насока за двете страни. Несомнено е потребна промена во заедничката историска комисија - и во нејзиниот концепт и во нејзиниот персонален состав.
Слободата на изразување бара од нас да признаеме дека историскиот наратив како таков не е предмет на регулација. Можеме да се согласиме во најопшти контури само за оној во учебниците. Притоа, да бидеме подготвени да реформираме и барем дел од анахронизмите во бугарските учебници. Но со експерти кои свесно се вклучени во таков цивилизациски избор: историјата се развива заедно со општеството, а нејзиното прогласување за света крава предизвикува блокади. 

Северна Македонија НАТО
Напорот да се расчисти патот на Албанија се чини дека е подготовка за долготрајна криза со Северна Македонија.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Недостига разбирање дека агресијата е неприфатлива  

Минатата недела постојаниот претставник на Бугарија во ЕУ Румен Александров јасно стави до знаење дека одвојувањето на Македонија и Албанија во преговарачкиот процес е прифатливо решение. На тоа позитивно реагираше албанскиот претседател Илир Мета. Овој факт покажува дека бугарската страна не бара решение за повлекување на преговарачкото вето. Напротив, напорот да се расчисти патот на Албанија се чини дека е подготовка за долготрајна криза со Северна Македонија.

Вистинскиот проблем - ако погледнеме подлабоко - е недостатокот на јавен консензус, односно недозволивоста на агресијата. Насилството е видлив социјален проблем, а одбивањето да се справиме со него го нормализира. Тоа го претвора во елемент на нормалното, на правилното. Кога политичката власт не се спротивставува, кога лидерите се откажуваат од својата улога на пример за граѓаните, преземајќи го ризикот да ја загубат националната љубов, тогаш не можеме да очекуваме ништо друго освен да влегуваме од една криза во друга. Примерот на Северна Македонија го докажува тоа.

Димитар Атанасов дипломирал историја на Софискиот универзитет, специјализирал во Србија, Грција, Албанија, Косово и Русија. Автор е на истражувања од областа на балканската историја и користењето и злоупотребите на приказните за минатото. Моментално работи во Институтот за етнологија и фолклор на БАН.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи