Преписката на писателите во дигиталната ера
6 декември 2021Деновиве, додека и‘ пишував на уредничката во една македонска издавачка куќа писмо преку електронска пошта, што значи, и‘ праќав имеил-порака, се прашав мигновено: дали денес писателите ја отпечатуваат секоја електронска порака откако ќе ја испратат, за да ја поседуваат за подоцна како сведоштво за преписката со познат издавач или писател? Дали ја чуваат во својата авторска архива која кај прочуените писатели подоцна може да стане општо културно богатство, пристапно за секој читател што се восхитува на неговото дело? Прашањето е оправдано доколку се знае дека преписката на прочуените уметници, писатели или филозофи е посебен литературен вид.
Барем во германската читателска култура восхитот за преписката на големите писатели и филозофи и ден-денес е многу силен. Секоја година се објавуваат многу книги со преписката на познати писатели. Токму денес ја читав во културната рубрика во онлајн-изданието на „Франкфуртер алгемајне цајтунг” рецензијата за штотуку објавената преписка помеѓу писателките Ингеборг Бахман и Илзе Ајхингер. Во книгата што ја објавија издавачките куќи „Зуркамп“ и „Пипер“ e опфатена и преписката на Бахман со сопругот на Ајхингер, Гинтер Ајх ( Ingeborg Bachmann, Ilse Aichinger, Günter Eich: „Halten wir einander fest und halten wir alles fest!" Briefe. Piper Verlag und Suhrkamp Verlag, München und Berlin 2021)
Интересот за преписката на омилениот уметник или филозоф е значаен елемент на литературната култура. Тој го одликува особениот естетски вкус на една личност, затоа што доколку сме восхитени од делото, ние не можеме да останеме рамнодушни пред можноста од преписката на авторот да дознаеме нешто повеќе за неговата личност, токму преку во односите со пријателите. Преписката на авторот со друг уметник може да ни долови значајни сознанија во настанувањето на самото дело. За овој аспект е многу илустративна преписката на филозофот и композитор Теодор В. Адорно со писателот Томас Ман. Двете прочуени личности во германската култура, се допишувале особено интензивно додека обајцата од крајот на триесеттите години на дваесеттиот век биле во егзил во Америка.
Повеќе од авторката: Ослободувањето на Скопје од „Скопје 2014“ - или сонот во зимската ноќ
Додека во Германија владеело варварството на нацистичкиот Трет Рајх, Томас Ман работи на ракописот на своето прочуено дело „Доктор Фаустус“. Во обликувањето на музичката теорија на главниот лик, композиторот на дванаесеттонската техника, Адриан Леверкин, Ман го советува токму Адорно, кој самиот компонирал атонална музика во техниката која станала прочуена преку делата на Арнолд Шенберг. Преписката со Адорно од 1943 до 1955, но и дневниците кои Томас Ман ги водел додека работел на „Доктор Фаустус“ се задолжителна лектира за секој што се интересира за делото на обајцата големи творци.
Писмата се дијалошка форма на комуникација, затоа што се размена на мисли на големо просторно растојание, а кога писмата долго патувале, и на временско растојание. До ден-денес не е променето ништо во суштината на писмото како комуникација и дијалог, дури и кога тоа се пишува со тастатурата на компјутер, на лаптоп или на мобилен телефон. Тоа што ги разликува електронските писма, СМС-пораките од писмата напишани на хартија е разликата во материјалната форма, но и во брзината на испораката. Електронската преписка е во дигитална форма и се испорачува речиси во истиот миг. Тоа што се губи во доживувањето на досегашната хартиена, ракописна или машински напишана преписка е, имено, возбудата на очекувањето на одговорот, а тоа припаѓа на сферата на субјективното доживување.
Повеќе од авторката: Желбата да сме дел од животот на писателот
Временската димензија има значајно место во доживувањето на таинственоста на писмата. Тие имаат поинаква појавност, затоа што долго патуваат од испраќачот до примачот, со што на вториов му дозволуваат во очекувањето да ја вклучи својата фантазија, мечти и копнежи. Понекогаш помислувам дека љубовните писма ја поседуваат особената магија само кога се напишани на хартија! Но, којзнае, можеби генерацијата на нашите деца и внуци, кои беа тинејџери кога се појави електронската комуникација, првите љубовни писма ги добиле како СМС или како имеил-порака. Дигитализацијата на комуникацијата, всушност, не ја измени смислата на писмото како порака, како дијалог на две личности, туку само ја забрза. Денес може со една личност да размениме неброени писма во текот на еден ден.
Но, дали, сепак, не се променило и нешто суштинско во електронската пошта? Според мене, со дигитализацијата се случи само еден вид „одволшепствување“, доколку смеам да го повикам на помош изразот на Макс Вебер „Entzauberung“, кој кај него се однесуваше на „одволшепствувањето на светот“. Тој мислеше дека со рационализацијата, со интелектуалното, научно толкување светот го губи волшепството, магијата. Ми се чини дека тоа делумно се случува и со дигитализацијата на светот. Старите писма на хартија како да имаа во себе тајна. Тие како да долетуваа од небото! Впрочем, се транспортираа на голема далечина со авион. Електронските писма се речиси „виртуелни“. Тие немаат „телесност“. Не може да се допрат, да се помирисаат, да ни го откријат низ трагите врз површината на хартијата долгиот пат на писмото до нас. Тоа е волшепството на писмата напишани на хартија. Допирајќи ја хартијата на писмото ние, симболично, го „допираме“ испраќачот. Затоа, пак, електринските писма како да се преобразуваат пред наши очи во знак од поинаков вид - како да се раѓаат од ништо, само од белината на мониторот. Како да доаѓаат од некоја стварност отаде просторот и времето. Тоа, пак, говори дека и електронската пошта има особена магија. Ако не во друго, тогаш барем во тоа што таа, како во бајките, пораката ја пренесува со брзината на мислата. А тоа во бајките го правеа само волшебничките! Од друга страна, во брзината како да исчезнува ритуалноста, свеченоста, трепетот со кој се пишува писмото на хартија.
А како е кога самите сме писатели? Дали кога пишуваме електронски писма сме постојано свесни дека и преписката е дело, па затоа треба да биде со висок квалитет, за да може еден ден да биде објавена како посебно литературно дело? Дали пишуваме „за вечноста“, мислејќи и на тоа дека еден ден некој ќе ги чита и преобјавува нашите писма, размисли, дилеми и нацрти? Пишуваме ли со истата внимателност за естетската и литературна вредност на секој збор како кога пишуваме конвенционално писмо? Од сопственото искуство, ми се чини, дека опасноста да го заборавиме овој аспект во електронската преписка лежи во комотноста, леснотијата со која се пишува дигитално. Кога се пишува на хартија, свеста дека писмото е сведоштво е многу посилна. Од друга страна, се вели дека секој збор напишан виртуелно никогаш не може целосно да се изгуби. Тој остава неизбришлива трага во виртуелниот простор. Тоа значи, тој сепак не е толку „имагинарен“, како што го доживуваме. Во модерната комуникација, а со тоа и во електронската преписка, не се толку значајни ракописните, туку дигиталните архиви и „банки на податоци“. Поважно е можеби за писателот да има посебен фајл во кој ќе ги архивира важните електронски писма до издавачите или до писателите со кои разменува творечки сознанија и размисли. А дали тие ќе бидат вечни не одлучува тој, туку идните генерации. Впрочем, волјата на Кафка била по неговата смрт да бидат уништени сите негови списи. Пријателот Макс Брод не се согласил со него и не ги запалил списите. Затоа денес ние можеме да го читаме Кафка! Поважно е дека Кафка пишувал така, што тој запис во мигот кога бил запишан веќе имал вечна вредност – објавен или необјавен!
Повеќе од авторката: Ако не се ограничиме свесно самите, ќе не‘ ограничи катастрофата
Патем, иако често се мисли дека модерните дигитални средства за комуникација ја „уништуваат“ писменоста и културата на преписката, истражувањата покажуваат дека младите денес не пишуваат помалку од нивните врсници пред неколку децении. Така 11% од младите до 20 години пишуваат конвенционални, а 47% елекронски писма. Од оние на 60 години, но и постари, пишуваат само 3% елктронски, а 20% конвенционални писма. Што значи, младите денес не пишуваат конвенционални писма многу помалку од генерациите кои пораснаа со таквата пошта.