1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Архитектура

Ослободувањето на Скопје од „Скопје 2014“

15 ноември 2021

На колкумина деновиве во Македонија им е јасно дека хаосот, лудилото и деструкцијата кои владееат во политичкиот живот се диктирани и од сценографијата во која се одигрува животот во најголемиот македонски град?

https://p.dw.com/p/42zdC
Bildergalerie Skopje
Фотографија: DW/A. Feilcke

Замислете си како би било, кога  под дејството на  чудо во една зимска ноќ  би исчезнале сите грди споменици и градби од  „Скопје 2014“ – без трага и глас! Замислете си го чувството кога градот би се разбудил ослободен од тиранијата на невкусот и на лажниот мермер. Кога  некое чудо Скопје би го ослободило од неговата „заробеност” во канџите на „Скопје 2014”. Каква творечка, вистински визионерска архитектонска енергија би се ослободила  во оној миг кога плоштадот како со волшебно стапче би се вратил преку ноќ  во состојбата во која се наоѓаше пред „Скопје 2014“! Кога како во сите нормални држави, надлежните министри  во едно такво чудесно утро би ги известиле граѓаните  дека со парите кои биле планирани за „Скопје 2014” сега во  долгорочен план во секое македонско село ќе било изградено ново училиште,  а во секој поголем град најмалку две-три книжарници и најмалку една библиотека.

Кица Колбе, авторка на колумната
Кица Колбе, авторка на колумнатаФотографија: Privat

Кога нема да  ви се верува дека  државата ќе направела долгорочен план за промоцијата на македонската литература  не само во земјата,  туку и во сите земји-членки на ЕУ! За да дознае светот за македонскиот јазик преку неговата литература, та ниту една членка на ЕУ да не може повеќе да помисли да го спречува почетокот на пристапните преговори со вето, тведејќи безобразно дека такво нешто како македонски јазик не постоело. Ќе ви се верува ли  дека за побрза промоција на македонската литература ќе биле отворени специјални центри за  образование на идните преведувачи од македонски на сите светски јазици? А зошто не? За државата која има  добро разработена стратегија во образованието и културата таков проект денес е најмал проблем.

Повеќе од Кица Колбе: Скопје, градот без аура и дух

Замислете  си дека многубројните македонски олигарси преку ноќ би станале добротворци и мецени  во просветата и образованието. Кога со двете раце, широкоградо би подарувале стипендии за најдобрите ученици, студенти, научници и за се‘ и сешто во македонската наука. Кога  тие би се натпреварувале  едни со други кој ќе донира повеќе пари за да има во секоја  скопска населба  барем една книжарница, една библиотека, едно кино и една сала за концерти. Кога во градот во една вечер би имало толку концерти, изложби и литературни читања што би имале вистински проблем на кој настан да отидете попрво. Кога стотици љубители на книгата би се туркале пред влезот во зградата во која   од својот најнов роман би читал Влада Урошевиќ? Како што уште пред многу години навистина се туркаа стотици посетители во  Келн, за да влезат на читањето на Гинтер Грас.  Што е неопходно да се случи претходно со  луѓето, за тие да имаат таква жед за книги, за читање? Со еден збор, за луѓето да станат свесни за значењето на  културата и образованието. За почеток, ќе беше неопходно милионите кои се потрошија за лажниот мермер на „Скопје 2014” да бидат  вложени во  образованието и  науката,  во културата и уметноста, во обликувањето на читателските навики   уште кај најмалите, кај децата во  основните училишта.

Секако, не сите родители имаат пари да им  купуваат  на своите деца купишта книги. За да имаат сите деца исти шанси во усвојувањето на општата култура, независно од социјална положба на родителите, државата треба да се погрижи да има доволно јавни библиотеки. Во Германија има гратска библиотека  и во најмалите градови. Но јавни библиотеки има и при секоја католичка или евангелиска црква, во секој поголем гратски кварт. Писменоста и културата на книгата е темелот на секое цивилизирано, еманципирано и демократско  општество и на секоја високоразвиена култура.

Повеќе од Кица Колбе: Естетика и политика - кој дух владее со Скопје?

Сето ова, кое во Скопје би можело да се случи само под дејството на вистинско чудо, во нормалните држави е секојдневната грижа и задача на државните институции. Меѓутоа македонските институции ги уништи духот на транзицијата, кој, на крајот, го изроди и оној деструктивен дух, чие олицетвирение е токму „Скопје 2014”. На колкумина деновиве во Македонија им е јасно дека хаосот, лудилото и деструкцијата кои владееат во политичкиот живот  се  диктирани и од сценографијата во која се одигрува животот во најголемиот  македонски град? Доволно е да се види таа грда купола под која седат македонските пратеници, за да му стане на човека јасно  дека во такво окружување не може да вирее разумот. Затоа што никој досега немаше храброст да го урне симболот за владеењето на Груевски, „естетскиот криминал” наречен „Скопје 2014“, духот од времето на Груевски уште  преживува во политиката. Сите македонски политичари денес се движат во сценографијата што ја замисли Груевски. Животот на градот се одигрува во истата аматерска сценографија.

Повеќе од Кица Колбе: Вистинските македонски Европејци

Трагајќи пред една година на интернетот по  содржини за една изложба  во Виена, налетав на видео од некоја дискусија на  архиекти за иднината на европските градови. Во еден момент една од учесничките го употреби како  пример за  архитектонско безумие  во  урбанизмот токму центарот на Скопје. Презирот и циничната смеа  со која таа историчарка на  уметноста говореше за  Скопје како синоним за грд град,  направи да се  срамам од градот во кој пораснав. Се прашав  дали тој град е уште моето Скопје за кое пишував во „Снегот во Казабланка”? Знаев дека тоа реторичко прашање ми требаше за да можам да го поднесам сознанието дека  луѓето  го цитираат Скопје како симбол за културно варварство.

Белезите на ослободено Скопје

Не би требало ли таа архитектонска карикатура да ја доживее со истиот презир и цинизам  секој жител на Скопје кој има барем и најмала естетска култура? Особено тој што знае дека во Македонија има села во кои нема училиште.А  доколку има, тоа  е изградено после војната, а сега е урнатина,  каква што луѓето како  архитектите што учествуваа во таа дискусија си замислуваат дека има само во најнеразвиените земји од Третиот свет. Се прашувам колку селски училишта ќе можеа да се обноват само со парите потрошени за  еден од несмасните  споменици од ерата на Груевски? Колку нови библиотеки, колку книжарници ќе можеа да се отворат во секој град со парите потрошени за  „Воинот на коњ“  и за  восочните фигури во Музејот на македонската борба?  Прашањето денес не е повеќе како некој можел да изгради таков „естетски криминал“. Затоа што  секој знае дека  невкусот и  лудилото се безгранични. Прашањето е зошто тие што мора да знаат дека тој архитектонски проект е симбол за варварство и невкус  уште  го оставаат да владее со животот на градот. Може ли да се живее автентично, кога сте затворени во невкус? Естетиката не е  украс на животот, таа е израз на неговото достоинство.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.