1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вистинските македонски Европејци

14 декември 2020

Европските вредности во Македонија први ги изневерија политичарите и тоа од сите партии, тие ги преобразија партиите во клиентелистички фирми. Тоа однесување е ретроградниот дух на Балканот. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/3mgzP
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Кога на Балканот велиме Европа, ние обично  мислиме на Западот. А не на себеси, како Балкан, како Македонија. А Македонија е Европа, Југоисточна Европа. Зошто тогаш за Македонците Европа се чини толку далеку, небаре Македонија да е во Сибир? Пред се‘, затоа што „Европа“ е систем на вредности, кои  денес на Македонците  им се чинат недостапни и неостварливи. Затоа, од една страна,  толку ги боли кога веруваат дека ЕУ ги изневерила. На пример, што не направила ништо да се спречи ветото од Бугарија. Меѓутоа, колку и да е оправдана, повредената гордост на Македонците може да им го замагли видикот врз најзначајните нешта. Така тие не ќе можат да препознаат дека има многу патишта да се стигне до европските вредности. А најкусиот е да се погледне околу себе! За да се прашате, колку Македонија им е верна на  европските вредности во својот живот? Да се прашате, дали околу вас, во македонското општество владее духот на Европа или духот на Балканот? Тогаш би ги препознале вистинските македонски Европејци во својот свет! Тие, додуша, во денешна Македонија ретко ќе ги најдете меѓу политичарите. Уште помалку меѓу стопанствениците. Најмалку меѓу  новите богаташи. А најтажно е што ретко ќе ги сретнете и меѓу просветните работници. Вистинските Европејци во Македонија се тие  кои сведочат со својот живот   за суштината на европските вредности.

Контра духот на осредноста

Токму на денот кога од Брисел стигна веста за ветото од Бугарија,  почина еден  вистински Европеец во Македонија. На 8-ми декември, на  празникот на Св.Климент, замина во вечноста Георги Константиновски, архитектот и професорот, основачот на модерната архитектура во Македонија. Човекот кој, според сведоштвата на неговите поранешни студенти и колеги, во Македонија  се однесувал како да е во Париз или во Берлин. Само малкумина денес можат да запознаат вистински Европејци во Македонија. Ние, генерацијата родени во педесеттите, имавме среќа да имаме такви професори. Тие не се мереа според духот на осредноста, кој денес е толку  распространет во Македонија, туку според духот на Европа, на тоа што ние во Југославија го нарекувавме Западот. Таков беше професорот по класична филологија, Михаил Петрушевски. Таков беше професорот по филозофија, хрватскиот Евреин, прогонет од политички причини во Скопје, за да стане благослов за младата македонска филозофија.

Други колумни од авторката:

Германскиот славист Леонард Мазинг и Македонците

Историјата и чувствата - македонската наследена траума

Да беа Бугарија и Македонија како Германија и Полска

Можеби ќе има вето за ЕУ, ама нема за Европа

Таков беше и професорот по архитектура, Георги Константиновски. Тој ги завршил студиите со првата генерација студенти, 1956-тата. Кога имав пет години! А од раскажувањата на моите родители дознав колку сиромашна, но полна со оптимизам била тогаш Македонија. Затоа што имала првпат во историјата можност да ја гради својата сопствена држава. И токму во тој дух, младиот архитект  заминал по студиите во Америка, каде што магистрирал на универзитетот во Јеил. Знаел каде ќе може да го усоврши јазикот на модерната архитектура. Кога се вратил од Западот, на своите колеги во Македонија низ многу предавања им ги презентирал актуелните стремежи во светот. Обемниот материјал за светската архитектура никогаш не успеал да го објави во книга. Му се спротивставил „вечниот” дух на стравот од европските вредности во Македонија. Тој е типичниот ретрограден балкански дух. Секој од нас, барем еднаш во животот, го почувствувал на своја кожа. Затоа и професорот Константиновски морал долго да чека да биде нострифицирана неговата американска магистратура.

Што значи да се биде Европеец во Македонија треба да се учи од делото на ваквите великани. Во нив најдобро ќе се препознае духот на Европа. Патот кон ЕУ  за Македонците ќе стане полесен, кога Македонците ќе сфатат дека стремежот кон ЕУ ги задолжува веднаш да почнат да ја градат Европа  дома. Треба да учат од примерите на тие кои денешните генерации во Македонија речиси ги заборавиле.  Најдобро ги препознаваме европските вредности кога ќе ги видиме отелотворени во личности во нашата околина. Во седумдесеттите, на Филозофскиот факултет работев во Естетичката лабораторија, која ја основаше професорот Павао-Вук Павловиќ. Кога почина, фамилијата ја подари неговата лична библиотека на Естетичката лабораторија. Најголемиот дел од книгите беа скапоцени први изданија на германски филозофи од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век. Во тоа време почнав да работам на мојата докторска дисертација за  германската естетика на осумнаесеттиот век. Книгите на Вук, како што од љубов го викавме нашиот професор, ми беа скапоцена помош. Таа библиотека е духот на европската култура во Скопје. Во Естетичката лабораторија поминуваше  напати на кафе со професорот Георги Старделов и еден друг голем македонски Европеец. Професорот по архитектура, Живко Поповски. Како млада асистентка му се восхитував на  неверојатно информираниот и шармантен  професор Поповски, кој и со својот изглед повеќе потсетуваше на некој професор во Париз или Рим. Во зима носеше црна беретка, а од него постојано зрачеше култивираност и префинет дух. Тогаш ми се чинеше дека нема разлика дали седам  крај професор во Скопје или во Париз. 

„Скопје 2014"  е духот на грдиот, ретрограден Балкан

Што ги одликуваше луѓето како Георги Константиновски и Живко Поповски? Тоа што веруваа дека Македонците имаат сила и ум да се мерат со најдобрите во светот. Тие  не се плашеа од тој натпревар со светските имиња. Напротив, тој духовен натпревар беше  нивниот творечки мотор. Тогаш, во седумдесеттите, Скопје беше метропола, пред се‘, затоа што имаше модерна архитектура! Во едно интервју професорот Константиновски раскажува дека по земјотресот  биле дојдени во Македонија група светски експерти за урбанизам, кои им завидувале на македонските архитекти за шансата од Скопје да направат најубав  и најмодерен град  во  светот. Што направија денес неколкумина корумпирани политичари и  архитекти  од денешното Скопје? Најгрд град во светот! Град што е  симбол  за псевдоисториски кич и невкус. „Скопје 2014"  е духот на грдиот, ретрограден Балкан. Тој изродува  вета и раздори на Балканот и во Европа. Тој е фиксиран во својата замислена слика за минатото, за евтината национална гордост, на уметноста како копија  и грдост, затоа што нејзините творци  ја немаат дарбата на Георги Константиновски и Живко Поповски.

Македонија има многу задачи пред себе кои може да ги реши веднаш, доколку стане свесна за својот сопствен потенцијал. Треба да стане свесна за визијата за Македонија на ваквите умови и творци. Богатството на Македонија не е во брзото збогатување со одгледување на марихуана. Затоа што Македонија не  е во Латинска Америка, туку во Европа. Македонија треба да стане свесна дека е  дел од Европа и дека треба конечно да почне да се однесува европски. Тоа значи, одговорните политичари треба да ги поставуваат на одговорни позиции не најнекадарните, па имале тие и најдобри врски или најголеми партиски заслуги. Во Македонија има многу способни, вредни и трудољубиви луѓе, но тие се замолкнати и   повеќе не веруваат дека е можна промена. За жал, европските вредности во Македонија први ги изневерија политичарите. И тоа од сите партии, затоа што тие ги преобразија партиите во клиентелистички фирми. Тоа однесување е ретроградниот дух на Балканот. Тој ја спречува Македонија да напредува во остварувањето на европските стандарди. Затоа никој повеќе не верува дека која било влада ќе може да  го промени тој анахрон, антиевропски дух на грдиот Балкан кој денес владее и во Македонија.  „Ни треба ЕУ за да  ни помогне да се промениме“, е омилена парола на македонските политичари. Како ЕУ  да  е самовилата од бајките, која  со еден замав на волшебното стапче од нив за миг  ќе  направи работливи и одговорни луѓе, без тие да се потрудат да работат на себе. Луѓето како Георги Константиновски, кој на времето бил прогласен за најдобриот архитект во Југославија, не чекал да дојде некој од Брисел за да го   научи како се работи. Туку работел ден и ноќ, со голема дисциплина и договорност. Тој  дури и во длабока старост вели дека работи ден и ноќ. Тој бил едно со своето дело – архитектурата! Тој бил среќен што е архитект. Не за да се збогати, како творците на „Скопје 2014“. Туку за да го збогати светот со убавина.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.