Согласноста од Грција на маса, ќе стигне ли и од ЕУ?
25 јуни 2018Советот на ЕУ за општи работи, кој заседава денеска и утре, ќе го разгледува прашањето за почеток на пристапни преговори на Албанија и на Македонија. Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас вчера ги потпиша, а денеска до ЕУ и НАТО ќе ги испрати писмата со кои ќе ги информира дека Грција не се противи на европската и евроатлантска интеграција на Македонија.
„Тоа се писма кои велат дека бев известен од другата страна за ратификацијата на Договорот во Собранието и дека врз основа на обврските и предусловите кои ги имамe поставено, земјата може да продолжи напред“, изјави Коѕијас.
Тој потенцираше дека за да има напредок „потребен е позитивен договор на Советот за општи работи, а таму постојат тешкотии“, бидејќи има земји што се спротивставуваат во овој момент да се даде датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ.
„Нема да биде добро да се случи такво нешто“, изјави шефот на грчката дипломатија.
Според дипломатски извори, се очекува Коѕијас денеска лично да ги образложи и презентира ваквите ставови на официјална Атина, откако договорот за решавање на спорот за името беше ратификуван во македонскиот парламент.
Денови на одлука
„Следните часови се клучни“, коментираат грчки медиуми, потсетувајќи дека денеска ќе треба да се направи обид да се разгледа и прифати (или да се одвои) пакетот за интеграциски исчекор, кој ги вклучува Македонија и Албанија.
Тие потсетуваат дека Македонија има поддршка од германскиот Бундестаг, доби и од холандскиот парламент, а засега единствен скептик во однос на одредување датум за пристапни преговори со ЕУ и натаму останува Франција. Официјален Париз, според грчки медиуми, сметал дека во оваа фаза интеграција на Македонија во НАТО е доволна награда за Скопје, за разлика од Австрија и други земји кои сметаат дека пристапувањето во ЕУ на земји од Западен Балкан кои покажале резултати во решавањето на билатералните спорови е предуслов за мир и развој на поширокиот регион.
Повеќе:
-Никос Коѕијас: грчкиот „Суслов“ е стратегот во преговорите за името
-Заев очекува зелено светло за почеток на преговори од сите во ЕУ
-Грција здивна, Македонија пред рампата на Франција
Државниот секретар на САД Мајк Помпео викендов побарал од Франција да не го блокира пристапувањето на Македонија во НАТО и ЕУ. Помпео во разговор со шефот на француската дипломатија Жан-Ив Ле Дриан, се заложил по постигнатиот договор меѓу Скопје и Атина, Париз да ги поддржи аспирациите на Македонија за членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ.
Во меѓувреме, доколку Франција остане на истиот став, шпекулативно се вртат разни опции кои сепак би и дале ветар во грбот на Македонија. Една од нив е одредување некаков условен датум, кој би се одвоил од почетниот чекор во процесот на преговори - скринингот, што претставува преглед на ускладеноста на законодавствата на државата кандидат со правниот поредок на ЕУ. Со тоа датумот за почеток на преговори би се „активирал“ по временски рок во кој Македонија ќе завршила и усогласила некои нужни реформи, односно да покаже конкретни резултати во обезбедување целосна независност на судството, реформа на јавната администрација и борба против корупцијата и организираниот криминал на сите нивоа, вклучувајќи и случаи од висок политички профил.
Импликации
И додека сите надежи се вперени во состанокот на Советот на ЕУ за општи работи, вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, предупреди дека недобивањето датум за пристапни преговори со ЕУ, би предизвикало разочарување, но и последици врз имплементацијата на Договорот и врз исходот од референдумот.
„Сигурно ќе биде огромно уназадување во врска со дополнителното имплементирање на договорот, ставајќи го во опасност исходот од референдумот и дополнително ќе ја ризикува поддршката за предвидените уставни промени итн. Нашата земја е важен партнер за ЕУ во областите како што се безбедноста, управувањето со мигрантската криза и справување со терористичките закани, а задоцнувањето на европската перспектива може да предизвика едно огромно назадување и во овие области“, изјави Османи во интервју за грчкиот весник „Realnews“.
„Ваквите околности им се добро познати на функционерите во ЕУ“, велат за ДВ дипломатски извори, додавајќи дека „големото мнозинство земји- членки на ЕУ се согласни дека треба да и се даде признание на Македонија за постигнатите резултати“.
Не го коментираат досегашниот став на Франција, но очекуваат дека официјален Париз ќе ги има предвид сите клучни аргументи за одлуките што можат да донесат „плус“ за стабилноста и напредокот на регионот, преку примерот со договорот Македонија и Грција, но и мотиватцијата што тој ќе ја произведе за други земји.
Сепак, и во двете земји има партии и граѓански организации кои се заинтересирани довговорот меѓу Скопје и и Атина да не успее. Тоа на протест во Солун јавно го искажаа граѓани кои одговорија на повикот на онлајн- групата „Обединети Македонци“ за да го искажат противењето со Договорот од Преспа.
Протести против договорот со Атина секој ден се одржуваат и во Скопје, пред зградата на Собранието. Последните пораки беа „Никогаш Северна, секогаш Македонија“.