1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција здивна, Македонија пред рампата на Франција

22 јуни 2018

Најдолгиот ден во годината, 21 јуни, беше најдолг за Грција, која постигна договор за излез од програмите за финансиска помош. Следните денови се најдолги за Македонија: ќе се скрши ли скептицизмот на Париз?

https://p.dw.com/p/303og
Griechenland - Alexis Tsipras und Zozan Zaev
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

По осум години „програми за спасување“ и по шестчасовни разговори во Луксембург, ноќеска е постигнат договор за излез од програмите за финансиската помош на Грција. Министрите за финансии на еврозоната се согласиле со условите за излез од Грција од трета програма за спасување за намалување на долгот и за последната транша. Иако прашањето се третира исклучиво од финансиски аспект, јасно е дека новите олеснувачки услови за Грција се резултат и на улогата на Атина во решавањето на регионалните проблеми, конкретно на спорот за името.

„Грција може да здивне“, гласат дел од првичните коментари по состанокот на министрите за финансии од еврозоната. На истото се надева и Македонија. Не како „подарок“, туку како заслужено признание за почетокот на реформите и решавањето на тридеценискиот спор за името, Македонија очекува конечно да добие зелено светло за почеток на преговори со ЕУ.

„По девет препораки за почеток на пристапни преговори, по излезот од политичката криза, почетокот на реформите, договорот со Бугарија, и договорот со Грција, Македонија со право очекува да добие признание за своите резултати спроведени само во една година, што е евидентен успех, и тој секако треба да биде валоризиран“, велат за ДВ дипломатски извори. Тие потврдуваат дека има „одредени разлики“ по ова прашање кај некои земји членки на ЕУ, но сметаат дека македонските резултати може да ги разубедат и последните скептици.

Flaggen von Griechenland und Mazedonien
Фотографија: Colourbox

Морален притисок врз ЕУ

Ваквите надежи на Македонија ги охрабрија и шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, и еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан. Веднаш откако беше објавено дека Скопје и Атина постигнаа договор за спорот за името, тие на 12 јуни со заедничката изјава им честитаа на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев за нивното лидерство.

„Сега очекуваме од Советот да ја потврди нашата препорака од 17. април за отпочнување на пристапни преговори со Поранешната Југословенска Република Македонија во јуни. Тоа не само што е заслужено како признание за значајните реформски резултати на земјата, туку ќе придонесе за целосна имплементација на договорот во интерес на двете земји, регионот и нашата Унија како целина“, беше потенцирано во заедничката изјава на Могерини и Хан.

Еден ден пред потпишувањето на договорот во преспанското село Псаридес, на кое присуствуваше и Хан, еврокомесарот изјави: „Претставниците и на најнеодлучните земји-членки констатираа дека доколку има решение за името, тоа ќе создаде морален притисок врз сите нас да реагираме“.

Тој изрази увереност дека земјите-членки на ЕУ ќе ја поддржат препораката на Европската Комисија и ќе одредат датум за почеток на преговори, но и дека сфатиле оти имало грешки од страна на ЕУ кога е во прашање Македонија.
„Ако девет пати не одговорите позитивно на препораката за почеток на пристапни преговори тоа води кон назадување на земјата, како што и видовме, а кулминација беше 2015. година“, изјави еврокомесарот.

Bulgarien EU-Balkan-Gipfel in Sofia | Macron und Zoran Zaev
Францускиот претседател Емануел Макрон и македонскиот премиер Зоран Заев на самитот на ЕУ во Софија, мај годинаваФотографија: Getty Images/AFP/L. Marin

Париз се противи

Каква е состојбата сега? Како што јавува МИА од Брисел, продолжуваат расправите помеѓу земјите членки на ЕУ за одредување датум за старт на преговори со Македонија во Советот на ЕУ, бидејќи Франција и натаму се противи тоа да се случи во јуни, и покрај договорот со Грција. Во нацрт-заклучоците останува заложбата за старт на преговори со Македонија, но според дипломатски извори од Брисел, таа битка сѐуште не е извојувана. Во обид да се убеди Франција, земјите-членки прифатиле да се одреди и условена одлука за преговори без временски рок кога тие конкретно би почнале, но ни тоа не ги убедило Французите, кои засега прифаќаат само „попозитивен речник“ и охрабрувања за Македонија. Меѓу најгласните кои се залагаат Македонија да добие датум за преговори е Бугарија, која до крајот на месецов претседава со ЕУ, а за таа цел се залага и идниот претседавач - Австрија. Австрискиот амбасадор во ЕУ, Николас Маршик, вчера изјави дека „би биле многу среќни ако се отворат преговори со Скопје и Тирана за време на австриското претседателство“, кое трае од 1-ви јули до 31-ви декември 2018. Австриски дипломатски извори додаваат дека би сакале ЕК да настапи со преговарачка рамка за Македонија и се надеваат дека ќе се одреди временски рок за преговори со Македонија. Во вторник во Луксембург треба да се состанат министрите за надворешни работи на ЕУ и да дискутираат на оваа тема. Била спомената и варијанта преговори да се одредат во ноември годинава. Како што јавува МИА, голем број земји-членки сметаат дека би било разочарувачки Македонија да не биде наградена по сите препораки на ЕК и постигнатиот компромис со Грција околу спорот за името.

Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Pроцесот на пристапување во ЕУ не завршува со отпочнувањето на пристапните преговориФотографија: DW/M. Maksimovic

Темпото на реформи

Забелешките на Франција се однесуваат главно на темпото на реформи во Македонија, но според аналитичари, нејзиниот отпор кон почеток на преговори може да предизвика огромно разочарување кое тоа темпо ќе го демотивира.

„Извештајот укажува на пропустите во реформскиот процес на Македонија, исто како и француско-холандскиот нон-пејпер, и повеќе од јасно е дека многу работи допрва треба да се направат“, вели Андреја Стојковски, претседател на граѓанскиот Центар за европски стратегии „Евротинк“.

„Сепак, процесот е долг и неговото отпочнување ќе ги зголеми и одржи реформите и движечката сила за демократизација, а истовремено ќе го зачува влијанието што ЕУ го има врз Македонија и генерално. Ова е шанса што Европската Унија не смее да ја пропушти“, дециден е Стојковски.

Повеќе: 

Иванов не може да го спречи договорот со Грција

За договорот, името и изборот

Селцас: Македонците во Грција се радуваат на договорот

Тој потсетува дека процесот на пристапување во ЕУ не завршува со отпочнувањето на пристапните преговори. Напротив, самите преговори во просек траат речиси седум години. Анализата на големото проширување од 2004. година и на последователните бранови на проширување во 2007. и 2013. година покажува дека преговорите во просек траеле речиси шест години, или 70 месеци. Во случајот на Црна Гора, земјата ги отвори пристапните преговори во јуни 2012. година, т.е. таа веќе преговара цели шест години без изгледи дека тие ќе бидат финализирани во догледно време. Од друга страна, Србија ги отвори пристапните преговори во јануари 2014. година и е многу далеку од нивно затворање. Ако оваа динамика се примени на Македонија, се чини дека преговорите веројатно би завршиле во 2024. година или една година подоцна, исто како што проектира Веродостојната стратегија објавена во февруари годинава.

„Тоа им дава доволно време на двете страни: на ЕУ - за институционална подготовка, а на Македонија - да ги заврши реформите“, посочува Стојковски.

До утрово немаше информација дали Грција го испратила писмото до ЕУ и до НАТО со кое ги известува дека се отстранети препреките за намошната интеграција на земјата во ЕУ, откако во средата македонското МНР испрати нота со која го информираше грчкото МНР дека договорот за спорот за името е ратификуван во Собранието на Република Македонија. Но, се очекува токму Грција да се обиде да го скрши „мразот“ во Париз и да ја објасни важноста од напредокот на Македонија на интеграцискиот пат, генерално, но и во светло на решениот спор.