Солун: протести против договорот за името
25 јуни 2018„Политичари предавници“ , пишуваше на некои од транспарентите кои ги носеа демонстрантите синоќа во Солун. Според проценките на светските новински агенции на протестот учествувале околу 4000 луѓе. Некои демонстранти, главно од редовите на крајната десница, ги нападнале и локалните канцеларии на партиите од владејачката коалиција: Сириза и Независни Грци, фрлајќи камења и пластични столици. Полицијата ги растера со употреба на солзавец и шок бомби. Притоа нема извештаи за повредени или за уапсени лица.
Претставниците на владите на Грција и на Македонија на 17 јуни го потпишаа историскиот договор за надминување на 27-годишниот спор за името. Според договорот, Македонија треба да го промени своето државно име во „Република Северна Македонија“ а Грција за возврат да прекине со блокадата на пристапувањето на соседната земја во НАТО и во Европската унија.
Повеќе:
-Заев очекува зелено светло за почеток на преговори од сите во ЕУ
-Договорот за името носи надеж за Балканот
Од прогласувањето на независност на соседната земја во 1991 година, Грција се спротиставуваше таа да се нарекува Македонија, стравувајќи, како што истакнуваше, од можни територијални претензии кон нејзината погранична покраина, лулка на царството на Александар Велики.
Поради тоа грчките екстремисти го обвинуваат премиерот Алексис Ципрас за „предавство“ а на вчерашните демонстрации во Солун беше поставена и „бесилка“.