Македонски круг со креда
23 јуни 2018Има една сцена во епизодата „Осамени души“ од втората сезона на неповторливата серија „Твин пикс“, кога агентот Дејл Купер дознава дека мистериозниот Боб убил повторно. Џинот од привиденијата и соништата на Купер се појавува во кафеаната крај патот и му ја соопштува оваа вест на агентот: „It is happening again!“ (Се случува повторно). Во тоа време таткото на Лора Палмер, Лиланд (во кого се беше населил Боб), ја убива нејзината братучетка Меди. Изгледа дека потрагата по убиецот на Лора Палмер го наоѓа одговорот (тоа е нејзиниот татко), но серијата понатаму добива ушге покомплициран заплет.
Ако асоцијативно ги транспортираме тие настани во македонската политичка сага, тоа ќе значи дека повторно се случуваат некакви акти на претседателот на државата кои би можело да ги донесат до конфузија настаните во државата. Колку пати повторно „се случија“ работи кои ги продуцираше Ѓорге Иванов, а кои придонесуваа за поделба а не за обединување на нацијата? Онолку пати колку што тој изјавуваше дека „мојот став е конечен и нема да ме поколебаат со никакви притисоци, уцени и закани“, толку ткивото на општеството се растопува заедно со неизвесноста „is happening again“. Иванов тврди дека договорот со Грција „не го обединува општеството, туку дополнително го поларизира“. Тоа не е неточно. Има огромен број луѓе кои мислат дека со ваквиот договор ѝ се нанесува огромна штета на Македонија и исто како Иванов се прашува „дали е достоинствено да ги прифатите сите грчки барања и ултиматуми“. Друг, исто огромен дел, мисли дека договорот е фер, дека еднаш требаше да се случи и дека конечно мора да го фатиме ритамот на Европа. И едните и другите мислат дека го нацртале македонскиот круг со креда – едниот обоен со европски бои, а другиот издлабен во пркосот, гордоста и неизвесноста.
Ништо нема нелогично во оваа поделба, секое општество е спектар на многу поделби. Би било погрешно, дури и страшно, сите во едно општество да мислат исто. Тоа би можело да се случи само во тоталитарни системи. Прашањето е дали оние што го водат ги поттикнуваат тие поделби или се обидуваат, колку што можат или знаат, да изградат некакви мостови. Доколку ги броиме сите постапки со кои претседателот Иванов внесе драматична поделба во општеството последниве три години, може да дојдеме до интересен заклучок – тоа успеа да излезе како победник и не потклекна под влијанието на хаосот кој се конципираше. Настаните со аболициите не се забораваат, сега дури им се дава поинаков контекст – во еден парадоксален пресврт адвокатите на обвинетите од СЈО сега го величаат грчкото правосудство и нивната одлука за ослободување на двајцата бегалци. Можел ли Иванов да претпоставува дека кога „Грција успеа да ги исполни своите максималистички барања“, тамошниот Врховен суд ќе ја прифати неговата аболиција (направена според укинат член од законот) која подоцна ја поништи со претседателски акт.
Уште еден „хероизам“
Ова што „се случува повторно“ со неговиот наводен „хероизам“ ала Стеван Филиповиќ го донесува општеството на работ. Воопшто не станува збор за тоа дека претседателот на државата може поинаку да мисли и поинаку да го квалификува договорот со Грција (никој не може да му го одземе тоа право), туку во прашање е исклучивоста со која ги обвинува оние што го потпишале. Тој одамна ја отфрли улогата на „татко на нацијата“, каде што треба на дестилација да одат сите различни интереси и политики и од нив за одредени случаи, да се исцеди некаква заедничка солидарност, иако не по секоја цена и заеднички став. Има многу начини како да се направи тоа, но очигледно Иванов е воден само од ароганцијата и суетата. Најавата на премиерот за можна постапка за импичмент само ја потхранува таа суета – видете ја реакцијата на Иванов на тоа споменување и ќе ви стане јасно дека тој не мисли на последиците за државата, туку само неговата „победа“ во пропаста на таа иницијатива. Тој сега ја игра улогата на „херој маченик“ за еден дел од општеството и најмногу пред самиот себеси. Тој мисли дека со таквото „херојство“ може да го заврши својот мандат, без оглед колку тоа може да го растури општеството. Вака како што изгледа, ни датум за почеток на преговори со ЕУ, ниту членство во НАТО немаат допирна точка со оваа илузија.
Таа илузија ја потхрануваат и демонстрантите кои го извикуваат неговото име одејќи кон седиштето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тој сега се чувствува како некаков трибун на оваа „одбранбена револуција“, иако не се осмелува да излезе од неговите одаи на Водно. Трибун кој испраќа соопштенија, а понекогаш и драматично ќе ги прочита, за да го објави своето „херојство“. Тоа е уникатен случај во политиката, но и неговото претседателство е уникатно. Во него има повеќе страв од херојство. Повеќето луѓе не се сеќаваат како првиот премиер Никола Кљусев се најде зачуден кога се гласаше за недовербата на неговата влада, кога се сврте назад од првиот ред на собраниските клупи и ја виде шумата од кренати раце, во кои најбројни беа оние на вмровците. Политиката знае да биде многу сурова токму тогаш кога најмалку очекуваш, па Иванов не треба да биде многу уверен во гранитноста на својата функција.
Претходни колумни од авторот:
Еден нон-пејпер, толку голема врева
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го храбри чувството на недопирливост кај шефот на државата. Некни во интервјуто за Алсат-М изјави дека „100 отсто е сигурен дека ниту еден од пратениците од опозициската коалиција нема да поддржи импичмент за претседателот Иванов и премиерот нема да го собере двотретинското мнозинство за оваа постапка“. Има логика зошто Мицкоски јавно го брани Иванов – тој беше избран за претседател како кандидат на неговата партија, а нивните ставови околу договорот со Грција се унисони. Но со тоа подметнување грб на разнишаното кајче на Иванов тој ја подјадува својата сопствена супстанца. Во оцрнувањето на договорот тој користи пожестоки изрази отколку шефот на државата –шверцерски или капитулантски, а за време на говорот во Битола (исто ден кога беше фештата во Преспа) го нудеше и својот живот: „Јас Христијан Мицкоски, од срце кажувам и со здрав разум зборувам... никогаш, по ниту една цена, па макар таа чинела и живот, нема да го поддржам ова капитулантско дело на Заев“.
Револуционерна реторика
Несакајќи, Мицкоски признава дека Иванов е вистинскиот лидер на опозицијата а не тој. За лидерот треба да се жртвуваат животите. А тој бил подготвен на тоа. Па за да не скршне од тратекторијата на претходното водство на ВМРО-ДПМНЕ тој ќе го цитира контроверзниот Тодор Александров: „Александров ќе рече – Во минатото Македонија даде великани, имиња кои ги изговараме со смирена благонаклоност и со стравопочит‘. Македонија и сега создава големи по душа и неповторливи маченици и херои“. Уф, таа херојска реторика на револуционерната партија – ќе изгинат од неа.
Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, во интервју за емисијата „360 степени“ откри што им било порачувано во Софија на самитот на Европската народна партија на лидерите на опозицијата во Македонија и Грција – можете да бидете против договорот и тоа е ваше право, но немојте да го попречувате. Можеби таа порака беше отелотворена во Собранието кога ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата и со тоа го ослободи ратификувањето на договорот. Тоа изгледа како дел од политичката битка и поента дека не се согласуваат, но во основа тоа ја забрза ратификацијата. Ќе беше бесмислено вмровските пратеници да бидат во салата а да не дискутираат, па тие го одбраа поелегантниот начин.
Вусшност, Мицкоски и нема некаков маневарски простор каде би можел слободно да плива – и да биде жестоко против договорот и молчаливо да ги прифаќа. Тој игра онолку колку што може во дадените услови: на демонстрантите кои дојдоа во неговата канцеларија, барајќи партиска поддршка, им рече дека партијата нема да го напушти Собранието и тоа беше негова храбра одлука. Тој јасен став поинаков од барањата на луѓето што протестираат не е лесно да се соопшти, затоа што ризикува партијата да загуби дел од своите поддржувачи. Во политиката на Мицкоски има помалку концепт, а повеќе испитување на околностите во кои се наоѓа. Колку и да изгледа нелогично, нему му одговара Зоран Заев да го протурка договорот, а потоа тој на бранот на успехот на ривалот да ја гради проекцијата за македонската иднина.
За тоа време Заев разгледува што ќе стане со неговата политичка кариера. Датумот за почеток за преговори со ЕУ и покана за членство од НАТО ќе симнат еден голем товар од неговиот грб. Тој веќе е признат од Европа и САД како вистинско ново лице на Балканот без националистички прерасуди. Тогаш ќе може да ја обликува аурата на визионер и вистински лидер, а потоа да им се предаде на подготовките за референдумот. И евентуално импичментот за Иванов. И сите византиски игри околу тоа.