1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еден нон-пејпер, толку голема врева

2 јуни 2018

Забелешките во документот се важни, но нон-пејперот е само дел од новата политика на Емануел Макрон за иднината на Европа и кокетирањето со „добриот“ популизам на холандската влада на Марк Руте.

https://p.dw.com/p/2yo8Q
Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Одамна еден неофицијален документ не предизвикал толку голема врева во македонската јавност (а да не е поврзан со името) како нон-пејперот на Франција и Холандија околу можното отпочување преговори на Европската Унија со Македонија и Албанија. Забелешките на Париз и Хаг дека „во ПЈРМ и покрај вистинските промени во општата атмосфера во земјата, извештајот не покажува јасен суштински напредок во спроведувањето на Итните реформски приоритети. Имплементацијата на новите судски реформи е тукушто започната и треба долгорочен напредок и континуирана промена во однесувањето. Борбата против корупцијата и организираниот криминал сѐ уште не даде задоволувачки резултати“ ѝ дадe вистинска муниција на опозицијата во политичката борба и нејзините тврдења дека оваа влада не направила ништо за напредок на земјата. Забелешките за Албанија се речиси исти – судските реформи се на почеток, корупцијата останува сериозен проблем, а има остварено мал напредок во борбата против организираниот криминал. Затоа, Париз и Хаг мислат дека не се исполнети условите за отпочнување преговори со Албанија и Македонија.

Без оглед дали се ова само почетни позиции на двете држави во донесувањето на конечната одлука на европските лидери на самитот на крајот на месецот и дека тие можат да се изменат дотогаш, овие ставови предизвикаа голем сомнеж во вистинските намери на членките на ЕУ и нивната декларирана политика за европската иднина на Западен Балкан. Холандскиот и францускиот амбасадор во Скопје, Ваутер Пломп и Кристијан Тимоние, мораа да се обидат да ги извадат врелите костени од огнот и да објаснуваат дека овие заклучоци не се конечни. Државниот секретар во француското министерство за одбрана, Женевјев Дариесек, во четвртокот во Битола дополнително објаснуваше дека тоа е „работен документ што нема никаква официјална важност и кој допрва ќе треба да се разгледува“, но тоа не го врати духот во шишето.

Deutschland | Frankreichs Staatspräsident Macron besucht Aachen
Во Македонија речиси никој не го забележа „големиот“ говор на Емануел Макрон на СорбонаФотографија: picture-alliance/dpa/I. Fassbender

Огромниот дел од јавноста има чувство дека Франција многу малку застанувала зад македонската држава во нејзините независни години; но во исто време се чуди како Холандија од голем поддржувач и еден од најголемите донатори, така драматично го променила својот став. На одреден начин, таа јавност чувствува дека Македонија е измамена, дури и отфрлена, во еден од најважните моменти од нејзината понова историја. Тоа навистина може да изгледа така. Но ситуацијата, во основа не е таква, без оглед што нивната воздржаност е вистинска. За жал, малкумина во јавноста се потрудија да го најдат вистинското објаснување за оваа француска и холандска воздржаност. Вистинските причини за ваквиот нивен став не треба да се бараат во Македонија или Албанија (иако тие на свој начин придонесуваат за тоа), туку во променатата политичка ситуација во овие две земји и политиките што ги конципираат претседателот Емануел Макрон и премиерот Марк Руте. Бидејќи овдешната јавност е најмногу преокупирана со самата себе, ние малку гледаме какви промени за иднината на Европа најави Макрон и како Руте прифати дел од агендата на популистите во Холандија. Тоа е хендикепот на македонската јавност, која не се труди да види што се случува во главните европски престолнини.

Bulgarien EU-Balkan-Gipfel in Sofia | Macron und Zoran Zaev
Францускиот претседател Емануел Макрон и македонскиот премиер Зоран Заев на самитот на ЕУ во Софија, 16.05.2018Фотографија: Getty Images/AFP/L. Marin

Студената вода во Софија

Разбирливо, од самитот во Софија ние го зедовме најважното парче, она што најмногу ја интересираше јавноста, разговорите на Зоран Заев и Алексис Ципрас и објавата за „Илинденска“ Македонија. Но, за да разбереме од каде дојдоа забелешките во нон-пејперот напишан пред самитот, треба да ги прочитаме скептичните забелешки на Макрон за европската иднина на Западен Балкан, токму во Софија. Со тие зборови Макрон ги полеа со студена вода европските надежи на балканските земји. Што кажа Макрон во Софија:

„Она што го видовме во текот на изминатите 15 години е пат кој ја ослабува Европа секогаш кога размислуваме за проширување. И не мислам дека правиме услуга за земјите-кандидати или за себе со тоа што имаме механизам кој на некој начин повеќе нема правила и продолжува да се движи кон повеќе проширување.

„Јас сум за зацврстување на Балканот во Европа и движење кон Европа. Но, мислам дека треба да погледнеме на новото проширување со многу внимателност и строгост. Не сум приврзаник на проширување пред да ја имаме сета потребна сигурност и пред да бидат направени вистинските реформи кои ќе овозможат продлабочување и подобро функционирање на Европската Унија.“

„Јас поддржувам земјите од Западен Балкан да имаат засилен стратешки дијалог и перспектива, дека ги следиме реформите што се преземаат и дека ги охрабруваме - но да не бидеме невнимателни или лицемерни“.

Дали некој овде ги слушна овие зборови на господинот Макрон и дали се потруди да ги разбере? По реакциите околу нон-пејперот, очигледно ретко кој. Или ако ги слушнал не му изгледале важни. Не е во прашање дали сметаме дека неговите зборови се оправдани и нанесуваат неправда, туку да бидат ставени во контекстот на големата промена на политиката на Париз кон функционирањето на ЕУ по доаѓањето на власт на Макрон пред една година.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Во рамките на тој контекст лани во септември овде речиси никој не го забележа „големиот“ говор на Емануел Макрон на Сорбона, каде тој зборуваше само за Европа и многуте предлози што ги даде за нејзината иднина. Во тој долг говор, ораторски извонредно стокмен, Макрон го образложи она што во април годинава го повтори и во обраќањето пред Европскиот Парламент и подоцна во Софија. Би требале многу страници за да се образложуваат предлозите на Макрон за новата Европска Унија, но сега ќе ги споменеме само неговите зборови за Балканот:

„Кога целосно ќе ги почитуваат acquis и демократските барања, оваа ЕУ (новата н.з.) ќе мора да се отвори кон балканските земји, бидејќи нашата ЕУ е сé уште привлечна и нејзината аура е клучен фактор за мир и стабилност на нашиот континент. Тие ќе мора да ги почитуваат условите што се предвидени, но нивното обезбедување за реинвентираната Европската Унија на ваков начин е предуслов да не го свртат нивниот грб кон Европа и да се движат кон Русија или Турција или кон авторитарните сили кои во моментов не ги поддржуваат нашите вредности".

Пред европските пратеници во Стразбур Макрон кажа слични зборови – дека Франција ќе го поддржи проширувањето на блокот кога ќе има прво „продлабочување и реформа на нашата Европа". „Не сакам Балкан што се свртува кон Турција или Русија, но не сакам Европа, која со тешкотии функционира со 28 и утре со 27 земји, да одлучи дека можеме да продолжиме да галопираме, да бидеме утре 30 или 32, со истите правила". Тогаш тој го извлече балканскиот ќилим, а во Софија уште истури студена вода.

Претходни колумни од авторот: 

Хаубици од Бугарија

Софиски приказни

Едно име – многу можни губитници

Нон-пејпеперот е само дел од оваа таписерија што се обидува да ја плете Емануел Макрон. Оваа таписерија изгледа како кичест гоблен за балканските држави, вклучително и за Македонија. Но каде се затегнати нејзините свилени конци. Клучот е во европските избори следната година. Во сите важни европски земји течат подготовките за големата изборна пресметка. Макрон во Сорбона најави дека сака транснационални листи за да се поткопа влијанието на двете најголеми парламентарни групи, на народните партии и на социјалистите, кои со децении ја делат власта во ЕУ. Говорот во Стразбур беше истрелот со кој започна кампањата за изборите напролет. Макрон сака со неговата партија да формира нов блок со кој ќе им се спротивстави на овие две групации. По големиот пораст на популистите во Италија, Германија, Холандија, Данска, Шпанија... новиот Европарламент ќе биде сосема понаков од овој што е сега. Во таа нова Европа Макрон сака да има решавачка улога. Може ли ние да им забележиме на ваквите негови амбиции? Се разбира, не. Но може да му забележиме дека со одлагањето на проширувањето на ЕУ поради изборната кампања и математиките за иднината ќе донесе нестабилност во Западен Балкан и намалувањето на влијанието на ЕУ во регионот.

Belgien - EU Gipfel - Premierminister Mark Rutte von Holland
Холандскиот премиер Руте, како предводник на „добриот“ популизам Фотографија: Reuters/F. Lenoir

„Добриот“ и „лошиот“ популизам

Приказната со Холандија е малку поинаква. Таа беше еден од стожерите при формирањето на ЕУ. Договорот за царинска унија меѓу Холандија, Белгија и Луксемург од 1944 година беше нуклеусот кој го инспирира европскиот проект за интеграција. Со децении Холандија беше сметана за доволно голема од малите земји на ЕУ (со 17 милиони жители) за да има важно влијание врз европската политика. Но од почетокот на 2000-те години Холандија почна кон ЕУ да гледа со сомневање. Неуспешниот референдум за европскиот устав во 2005. година (заедно со Франција) една година по големото проширување го сврте проевропското расположение во Холандија. Порастот на влијанието на популистичките партии ја промени политичката клима во земјата позната по својата отвореност кон имигрантите. Десничарскиот антиимигратнски популист Герт Вилдерс влијаеше врз владата да биде многу покритична кон плановите за поголема ЕУ-интеграција. Всушност, владата на Марк Руте презеде дел од политичките концепти на контроверзниот Вилдерс, не само околу имигрантската политика, туку и спрема проширувањето.

Така, по ланските избори, на кои партијата на Руте сепак победи пред партијата на Вилдерс, премиерот изјави дека „добриот“ популизам го победи „лошиот“ популизам инспириран од Доналд Трамп. Изборниот манифест на Вилдерс беше напишан на само една страница, но влијанието беше големо. Руте, како предводник на „добриот“ популизам сега настојува да најде некаков политички баланс за да ја задржи поддршката меѓу бирачите и да се обиде да победи и на европските избори следната година. Отпорот кон проширувањето е дел од тој „добар“ и „лош“ популизам.

Без разбирање на овие политички промени во двете земји не можеме да му дадеме вистинско толкување на нон-пејперот. Без оглед што наводите за нискиот степен на владеењето на правото, криминалот и корупцијата и илибиралните тенденции станаа црвените линии во ЕУ за проширувањето. Доколку Македонија и Албанија ја завршат оваа домашна задача и доколку тоа не го унапредат Србија и Црна Гора, преговорите со првите две земји нема ни да почнат, а со вторите две нема ни да завршат. Нон-пејперот е едно предупредување дека црвениот ќилим за влезот во клубот уште не е ни нарачан, а камоли да биде подготвен за простирање. 

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар