Северна Кореја се согласи на денуклеаризација
27 април 2018Северна и Јужна Кореја денеска постигнаа договор за денуклеаризација и за крај на војната на Корејскиот Полуостров.
Лидерот на Северна Кореја Ким Џонг Ун и претседателот на Јужна Кореја Мун Џае Ин соопштија дека ќе се залагаат за заеднички преговори со САД и со Кина за и официјално запирање на војната на Корејскиот Полуостров.
Двајцата лидери се согласија по состанокот, во демилитаризираната зона која ги дели Северна и Јужна Кореја, оти ќе се залагаат за „тројни“ преговори со САД и „четирикратни“ преговори со Кина за постигнување на конечен мир.
Повеќе:
-Самитот на двете Кореи буди надежи во пограничните области
-Историски самит на лидерите на двете Кореи
-Северна Кореја најави прекин на нуклеарните и ракетните тестови
Двете Кореи соопштија дека очекуваат официјалниот крај на војната да се прогласи до крајот на годината.
Лидерите на Северна и Јужна Кореја се договорија да отворат канцеларија за комуникации во севернокорејскиот град Каесонг и да овозможат привремено спојување на семејствата разделени во војната од 1950 до 1953 година.
На состанокот е договорено претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае Ии, на есен да го посети Пјонгјанг.
Двете Кореи уште се договорија и оти ќе ја засилат цивилната размена и се заложија за заедничко учество на спортски и на културни манифестации.
Ким и Мун денеска се сретнаа во демилитаризираната зона која ги дели нивните две земји. Средбата беше најавена како „историски самит“ бидејќи Ким е првиот севернокорејски лидер на јужнокорејско тло уште од крајот на Корејската војна (1950-1953).
Ким рече дека го „понесле емоции“ кога го преминал бетонскиот праг кој претставува граница меѓу двете Кореи.