1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Печат: Нема потреба од нервоза во Северна Македонија

13 јуни 2019

Од владејачката ЦДУ на канцеларката Меркел за ФАЦ велат дека не ја разбираат нервозата во Скопје. Датумот за почеток на преговорите со ЕУ за Северна Македонија ќе биде одобрен во септември.

https://p.dw.com/p/3KJkM
Angela Merkel und Zoran Zaev aus Nord-Mazedonien in  Berlin
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

Во текст насловен „Дали Северна Македонија ја губи желбата за Европа?“, авторот Михаел Мартенс прави пресек на ставовите во Берлин и Скопје околу добивањето датум за почеток на преговорите, и значењето на тој потег за македонската влада.
Централно место во анализата има улогата на Бундестагот, односно одлуката на мнозинството во него, да се одложи расправата за Северна Македонија за крајот на септември годинава.

Од една страна, ФАЦ пренесува дека во Скопје нема разбирање за одложувањето на расправата во ситуација кога земјата уште во февруари годинава го затвори спорот за името со Грција, и веќе 15 години чека на почеток на преговори. Во Скопје не го прифаќаат ниту аргументот дека одложувањето се случува поради одлуката на Европската комисија да го објави извештајот за напредокот дури по завршувањето на изборите за Европскиот парламент.
„Уште во февруари им беше јасно на сите заинтересирани дека Европската комисија, како и шест пати претходно од 2009 година, ќе препорача почеток на преговорите“, пишува ФАЦ.

Но, пратеникот на ЦДУ, партијата на канцеларката Меркел, Јохан Вадефуп ги отфрла ваквите критики на сметка на Бундестагот.
„Ние имаме одговорност пред нашиот народ, особено кога станува збор за една позитивна одлука за почеток на преговори. Мораме на нашиот народ точно да му објасниме, зошто сме рекле Да“.

„(...) Извештајот за напредокот и други извори за степенот на подготвеност на Северна Македонија мора точно да се проверат. Тоа бара време и не може да се заврши за неколку дена“.

„(...) Северна Македонија покажа напредок во владеењето на правото во однос на извештајот од 2018 година, но во тој дел се уште не ги исполнила сите услови“, вели Вадефул.

Од ЦДУ за ФАЦ велат дека „не разбираат зошто е толку голем проблем одложувањето за три месеци, особено што е веќе решено дека отворањето на првите поглавја од преговорите ќе се случи во декември“.

„Што се однесува до Северна Македонија, според моите сознанија и проценки, можам да кажам дека земјата на крајот на септември ќе добие согласност од мојата пратеничка група и од Бундестагот“, тврди Вадефул. Притоа тој предупредува дека „не е од помош, ширењето страв од трети сили или земји“- став кој може да се смета за директно отфрлање на изјавите на премиерот Зоран Заев оти Русија или Кина ќе го засилат своето влијание во земјата. 

ВМРО-ДПМНЕ не сака избори

ФАЦ понатаму се прашува „дали состојбата е навистина толку драматична како што ја претставува Заев“ од аспект на неговите најави дека Владата може да падне и дека ќе треба да се распишат предвремени избори. 

Во разговор за весникот, поранешен неименуван пратеник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, тврди дека партијата нема никаков интерес за нови избори во моментов.
„Подобро е владата да се мачи уште некое време на власт за сите гласачи да ја видат лагата на нивните ветувања дека во замена за промена на името ќе добиеме почеток на преговори како награда. Настаните ги потврдуваат нашите тврдења. ВМРО уште во 2018 предупреди дека Македонците на крај ќе останат без своето државно име, и освен топли зборови нема да добијат ништо друго“, ја пренесува ФАЦ изјавата на функционер на ВМРО-ДПМНЕ.

Доста празни ветувања

Коментар на тема датум за преговори со ЕУ синоќа објави и влијателниот економски дневен весник Ханделсблат.

„Франција, Холандија и Данска се скептични во однос на проширувањето на ЕУ. Во Германија потврда мора да даде Бундестагот, но нема да го постигне тоа пред летната пауза. Европската Комисија предолго го држеше предлогот под притисок на скептиците за проширувањето. ЕУ го блокира партнерот. И тоа е фатално. Затоа што кога-тогаш трпението ќе има крај, и тој ќе се сврти на друга страна во лутина и разочараност. Токму тоа го посакуваат Русија, Кина и државите од Заливот кои се борат за влијание во регионот.

Аргументите на противниците на проширување не треба да се отфрлат: Недостатокот на владеење на правото и лошите економски перспективи се проблем. А ЕУ веќе има доволно проблеми.

Но: отворањето на преговорите со кандидат за членство во ЕУ, не значи дека таа земја следната година ќе стане членка. Преговорите за членство со ЕУ траат со години. Притоа, тие се подобра мотивација за реформи во државата отколку празните ветувања од кои полека исчезнува надежта дека некогаш ќе бидат остварени“, коментира Ханделсблат.