1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Празниот ден во календарот на Меркел

12 јуни 2019

Во очекување на утрешната средба со македонскиот премиер Заев, календарот на германската канцеларка е празен. Toa не дава многу причини за оптимизам. Средбата официјално не се најавува, а не се предвидени ниту изјави.

https://p.dw.com/p/3KE5t
Deutschland Balkan-Treffen in Berlin | Merkel und Zaev
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Германската канцеларка Ангела Меркел во четврток ќе се сретне со македонскиот премиер Зоран Заев во Берлин. Терминот е од исклучително значење за Заев кој од канцеларката очекува да го слушне последниот збор во врска со одредувањето датум за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.

Официјално Скопје инсистира на тоа да го добие ветениот датум уште во јуни годинава.

Официјален Берлин, или барем делот кој го претставуваат канцеларката и нејзината партија ЦДУ, е на став дека датумот треба да се одобри кон крајот на септември или почетокот на октомври годинава.

Душан Релјиќ, шеф на бриселската канцеларија на германската Фондација Наука и Политика, стравува дека веќе се наѕира „нова криза во политиката на проширување на ЕУ“.
Тој предупредува дека ако се исполни заканата на премиерот Заев дека ќе поднесе оставка во случај земјата да не добие датум во јуни, тоа ќе значи „нова нестабилност во регионот на Југоисточна Европа“, што пак повторно ќе го врати вниманието на Брисел и Берлин кон регионот.
„Краткорочно ќе профитираат анти-ЕУ силите во земјата, а Русија и Турција ќе го искористат моментот за да повторуваат дека ЕУ не си ги исполнила ветувањата“, вели Релјиќ.

Отпор во ЦДУ

Германската влада нема единствен став кога е во прашање оваа тема. Конзервативците на Меркел инсистираат одлуката да биде одложена по завршувањето на летото и летните одмори. Бундестагот ја одржува последната сесија на крајот на јуни и потоа заминува на колективен одмор.

Од ЦДУ тврдат дека причините за одложувањето се процедурални и го наведуваат недостатокот на време за темелна анализа на извештаите на Европската комисија за Северна Македонија и Албанија во парламентот до крајот на месецов.

Политички аналитичар од Берлин кој инсистираше на анонимност, се согласува дека времето за Бундестагот е проблем, но не смета дека е тоа главната пречка поради која се одложува одобрувањето на датум за Северна Македонија.

„Меркел проценува дека не и се исплаќа да отвора кавга и со францускиот претседател Макрон и со својата пратеничка група во овој случај“, вели нашиот извор. Според него, во ЦДУ владее голем отпор против давањето датум за почеток на преговори со Албанија и Северна Македонија, и се смета дека двете земји не ги исполнуваат критериумите. Дополнително, и Франција е цврсто против таква одлука. Извлекувањето на Северна Македонија од пакетот со Албанија, според истиот извор, е можен само со договор меѓу Берлин и Париз.

Поделби во Берлин

Процедурата налага, Бундестагот да расправа и да и одобри на владата, односно на канцеларката, да се даде согласност за почеток на пристапните преговори на земја-кандидат за членство во ЕУ. Со таа согласност, Меркел би требало да отпатува на самитот на лидерите на земјите-членки на ЕУ на 20-21 јуни.

Социјалдемократите, коалициски партнер во владата, чиј кадар Хајко Мас раководи со министерството за надворешни работи, се залагаат да се испочитува ланското ветување и Северна Македонија, но и Албанија, да добијат датум за почеток на пристапните преговори.

Минатонеделната дебата во Бундестагот беше потврда на тие поделби, зачинета со жестоки критики кон конзервативците и од опозициските Зелени.

Состојбата ја усложнува заканата на Заев дека ќе го врати премиерскиот мандат доколку земјата не биде наградена за успесите во изминатава година.

Пред поаѓањето за Берлин, Заев во два наврати од Скопје ги најави очекувањата од средбата со Меркел.

На заедничката прес-конференција со чешкиот премиер Милан Бабиш, македонскиот премиер рече дека „очекува позитивна потрака од канцеларката Меркел со прецизни агенди и детали“.

Во интервју за Телевизијата 24, Заев дополни оти „Меркел е голем пријател на Северна Македонија“ и рече дека верува оти со аргументи ќе ја убеди германската канцеларка во исправноста на неговото барање.

Од официјален Берлин засега молк. Календарот на канцеларката за 13 јуни е буквално празен. На официјалната страница на нејзиниот кабинет, досега не е предвидена никаква активност.

Средбата со нејзиниот македонски колега досега не е најавена, а според неофицијални информации, не се очекуваат ниту изјави од двајцата државници пред или по состанокот.

Тоа веројатно само по себе доволно говори за сложеноста на моментот, но и за очекувањата од средбата.

Политичарите, вообичаено, со задоволство ги соопштуваат добрите вести пред камери. Овојпат тоа не е случај.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема