Партијата на Пашинјан победи на изборите во Ерменија
21 јуни 2021Партијата „Граѓански договор“ на ерменскиот премиер Никол Пашинјан е победник на предвремените парламентари избори со освоени 53,92% гласови, како што соопшти Изборната комисија утрово во Ереван, по пребројувањето на сите гласови.
Најважниот конкурент на Пашинјан, поранешниот претседател Роберт Кочарјан, со својот блок „Ерменија“ освоил 21,04%, многу помалку од очекуваното, а излезноста изнесувала околу 50%.
Пашинјан синоќа пред своите приврзеници во Ереван изјави дека победата е убедлива, а по жестоките испити од најновото минато, сега е време за градење општестествено и национално единство.
66-годишниот Кочарјан го оспорува изборниот исход. Опозицијата уште во текот на вчерашното гласање се жалеше на неправилности, на наводни стотици укажувања од гласачките места кои упатуваат на „организирани и планирани фалсификати“, за кои бара да бидат испитани.
Повеќе:
Фотографија на денот: Ерменците ги палат куќите
Путин и Ердоган се победници во Нагорно-Карабах
Нагорно Карабах: Живот во воена состојба
Успехот на Пашинјан од аспект на Москва е гаранција дека договорот за примирје меѓу Ерменија и Азербејџан околу конфликтниот регион Нагорно Карабах, склучен со посредство на Русија, ќе остане во сила. Спогодбата важи од 9 ноември лани, а беше постигната по 44 дена војна. Таа предвидува стационирање на 2.000 руски мировни војници за надгледување на прекинот на огнот. Во борбите беа убиени најмалку 6500 лица на двете страни, а Ерменија притоа ја загуби контролата врз големи делови од Нагорно Карабах. Соседниот Азербејџан напротив, по повторното освојување на областите, се смета за победник во судирот.
Пашинјан се одлучи на предвремени парламентарни избори под притисок на опозицијата и нејзините упорни протести, како и на војската. Тие ја обвинија владата дека е лично одговорна за воениот пораз, за загубата на територии и големиот број мртви. Поранешниот новинар и сегашен премиер одби да даде оставка, најавувајжи желба и спремност самиот да ја изведе земјата од кризата.
На изборите настапија 21 партија и партиски сојузи, толку многу колку што немало никогаш претходно. Најголем дел од нив не го поминаа изборниот праг од пет проценти за партиите и седум проценти за блоковите за влез во парламентот.
Изборите беа следени од претставници на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, ОБСЕ, кои денеска ќе ги соопштат своите оценки.