Зошто државата ја заборави НУБ „Климент Охридски“?
11 јуни 2021Никој не може да се изземе од одговорност за состојбата во која се наоѓа Националната и универзитетска библиотека Климент Охридски во Скопје, велат познавачите на состојбите и културните работници. Дојче веле деновиве објави фотографии од библиотеката на кои се гледа дека објектот е во речиси руинирана состојба, додека менаџментот и министерството за култура си ја префрлаат вината. Засилени инспекциски надзори од повеќе институции треба да дадат попрецизен одговор за точната состојба во библиотеката, за итните приоритети во неговата санација, но и за евентуалната одговорност на одговорни лица. Но дотогаш, останува прашањето зошто воопшто се дозволи овој репрезентативен објект во кој се чува големо културно богатство да дојде до ова дереџе.
„Добро е што медиумите укажаа на состојбите во НУБ. Библиотеката е една од најкрупните и најзначајните национални установи, а веќе во голема мера руинирана и со не мали проблеми во внатрешното работење“, вели за Дојче веле претседателот на Управниот одбор на НУБ Климент Охридски, Димитар Башевски. Тој објаснува дека со години се предупредувало на ваквиот исход, но реакциите од надлежните изостанале. „Не е од голема полза ако државата сега, односно Министерството за култура, би се обидувало да се изземе од одговорност. Не се работи за тоа дека сегашниот министер или сегашниот состав воопшто има одговорност. За еден многу мал број години се сменија неколку министри за култура. Внатре има и наследени проблеми од пред повеќе години. Подобро е сега ако државата рече, навистина не е добро да оставиме една таква институција да се руинира“, вели Башевски.
Основана со одлука на АСНОМ
На својата интернет-страница, НУБ со гордост информира дека е една од првите институции формирана со одлука на АСНОМ, на 23. ноември 1944 година, уште пред завршувањето на Втората светска војна.
Но денес во објектот од таа гордост е останато многу малку, а проблемите не се само од техничка природа, како што вели Башевски.
„Библиотеката стои во место, се е некако споро, неподвижно, застарено, со проблеми во безбедноста на фондовите во неа, и на тој начин, таа станува национална установа која не ги исполнува задачите и целите што би се очекувало да ги исполни."
-повеќе на темата: Она што некогаш беше НУБ „Св. Климент Охридски“ денес е руина
Управниот одбор, вели Башевски, со години давал насоки и заклучоци до менаџментот на библиотеката, но тие не биле реализирани.
Репортерката на ДВ во вторникот беше сведок на катастрофалната состојба во која се наоѓа библиотеката, а од која не бега ниту директорот Фримзим Даути.
„Ја собираме водата со кофи за да не продира барем во архивите каде што имаме вредни материјали. Нема што да правиме, покривот протекува од сите страни'', објасни Даути и вината за ваквата состојба ја префрли врз Министерството за култура. Директорот, кој е на функција од 2018 година, тврди дека тој аплицирал за средства за санација на објектот, но не му биле одобрени. Од Министерството за култура му реплицираа дека аплицирал на погрешно место и дека не се ангажирал доволно.
Загрозена безбедност
Извор на ДВ во Управниот одбор на НУБ кој инсистираше на анонимност, вели дека оправдувањето на Министерството е „смешно“ и објаснува дека доколку имало желба да се помогне можело да му се укаже на менаџментот на библиотеката дека апликацијата е поднесена на погрешно место наместо веднаш да се отфрла.
Од Владата се согласуваат дека објектот на библиотеката „со години е запоставуван и доведен во исклучително лоша состојба", а како особено проблематична ја оценуваат хигиената. Оттаму велат дека го следат случајот, и ги очекуваат извештаите од вонредните инспекции по кои ќе се преземат и решенија.
Зградата на Националната и универзитетска библиотека датира од 1972 година. Во 2009 таа доби и нов дополнителен објект со површина од три илјади квадратни метри во кој беа сместени Специјалните збирки, Виртуелната библиотека на Македонија и Центарот за дигитализација, како и магацински простор.
Самата зграда, но и голем дел од книжниот фонд се дел од културното наследство на државата. Долгогодишната негрижа за објектот сега ги загрозува и едното и другото, но и безбедноста на целиот објект. Управниот одбор на НУБ во минатото веќе испраќал предупредувања дека во библиотеката е нарушена безбедноста и дека се загрозени и архивите и други важни фондови во неа, но никој од надлежните не реагирал.