1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исак Херцог е нов претседател на Израел

ЖА / агенции
2 јуни 2021

Во екот на владината криза, во Израел за претседател на државата е избран поранешниот лидер на опозицијата, Исак Херцог со убедливо повеќе гласови од противкандидатката Мириам Перец.

https://p.dw.com/p/3uLJ9
Israel neu gewählter Präsident Izchak Herzog
Фотографија: Manuel Balce Ceneta/AP/dpa/picture alliance

Со 87 гласови „за“ и 26 „против“ израелскиот парламент го избра Исак Херцог за нов претседател на државата. Функцијата која порано ја извршуваше и неговиот татко, Хаим Херцог, е претежно репрезентативна. 60-годишниот Исак Херцог се смета за претставник на елитата по потекло од Европа и е секуларист. Тој однесе победа против 67-годишната активистка и учителка, Мириам Перец, која има скромно потекло, верник е и важи за галионска фигура на Евреите со ориентални корени (потекло од Блиски Исток, Азија и Африка, н.з.) во Израел.

Херцог најави дека ќе биде „претседател на сите Израелци“ и ќе се залага за обединување на разединетата земја, дека е време да се градат мостови меѓу различните групи на населението, подвлекувајќи ја како приоритет борбата против антисемитизмот и омразата кон Израел во светот.

Повеќе:

Палестинците и Евреите во „мешаните“ градови на Израел: Како да се поврати довербата?

Крај на владеењето на Нетанјаху?

Кои се „израелските Арапи“?

Херцог од 2013 година ја предводеше Работничката партија, а во 2018 година стана претседател на хуманитарната организација Jewish Agency, која меѓу другото е одговорна за доселувањето во Израел.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му честиташе на новоизбраниот шеф на државата преку Твитер. Изборот на Херцог доаѓа кратко пред очекуваното разрешување на долгогодишниот десно-конзервативен премиер.

Исак Херцог ќе ја преземе должноста од досегашниот претседател Реувен Ривлин на 9 јули. Во најважните задачи на шефот на државата спаѓа помилување затвореници и доделување мандат за формирање влада. Изборот на израелски претседател го врши парламентот со тајно изјаснување за мандат од седум години.