Ни оддалеку романтично: Машки гениталии на женски телефон
21 февруари 2020Секс-скандал ја тресе француската политика деновиве. Кандидатот за градоначалник на Париз, Бенџамин Гриво се откажа од кампањата откако се појави видео на кое тој мастурбира. Се верува дека видеото и го испратил на своја познаничка, но Гриво досега ни потврди ниту демантираше дека тој е навистина на видеото. Иако видеото наводно било испратено со консензуалност, навиката на мажите да им испраќаат ненајавени, несакани сексуални фотографии или видеа на жени, познати под името „пенис фотки“ (или „дик-пикс“), е познат феномен во дигиталната ера.
Во 2017 година, 53% од жените на возраст меѓу 18 и 35 години анкетирани од британската фирма ЈуГов, признале дека примиле „дик-пикс“. Процентот кај оние на возраст меѓу 35 и 54 бил 35%.
Во суштина нема ништо инхерентно лошо во споделувањето сексуални фотографии или видеа- за некои, тоа е возбудливо и еротски. Особен погоден за такви акции е Снепчет- сликите остануваат само 10 секунди, и потоа се бришат од апликацијата. Колку е тоа навистина така, е друго прашање.
Но три од четири жени велат дека примиле фотографии од машки гениталии без нивна согласност; дел преку четовите на социјалните мрежи, а некои и јавно преку функциите за споделување како Ердроп на Епл.
Што е „сајберфлешинг“?
Што ги тера мажите да им испраќаат фотографии од своите гениталии на целосни странци? Една канадска студија од 2019 година беше меѓу првите која ја испитуваше мотивацијата и очекувањата на мажите кои испраќаат ваквите фотографии, како и нивните демографски карактеристики. Студијата откри дека „сајберфлешингот“ беше најчесто мотивиран од „трансакциски начин на размислување“. Мнозинството од анкетираните 1.087 мажи кои биле анкетирани во студијата изјавиле дека ги испраќале фотографиите во надеж дека ќе им биде возвратено со исти од спротивниот пол. Втората најчеста причина е потрагата по партнер.
Резултатите исто така покажуваат дека мажите кои признале дека испраќале фотографии без согласност или без да ја прашаат другата страна, покажуваат поголем степен на нарцисоидност и сексизам. Сепак, експлицитна мизогинија или омраза кон жените била евидентирана само кај 6% од испитаниците. Заклучокот е дека мнозинството испитаници „погрешно размислувале“.
Но... зошто?
Во 2016, американскиот клинички психолог Дејвид Ли се обиде да го анализира феноменот низ научна призма. Но поради тоа што немаше доволно емпириски студии на кои ќе се повика, мораше да се ограничи на споредби и шпекулации. На линија со споменатата канадска студија, Ли заклучи дека ваквото однесување честопати се базира врз погрешната проценка на мажите на сексуалниот интерес на жените.
Според Ли, во анонимни околности, мажите особено имаат обичај да искажуваат посексуално однесување. Дополнително, стратегијата на мажите за зближување историски се карактеризира со одредена смелост и одважност. Од таа перспектива, негативното внимание честопати е подобро од никакво.
За некои мажи, помислата на сексуално одбивање е главен извор на возбуда, за други, тоа е нивниот најголем страв. Ли проценува дека мажите со зголемен страв од одбивање користат „дик-пикс“ за да проценат дали нивното голо тело се смета за атрактивно, сметајќи дека онлајн интеракцијата е помалку болна одошто директната средба.
Резултатите од канадската студија покажуваат дека несаканата сексуална содржина е најчесто резултат на игнорантноста на мажите. Многу често, мажите претпоставуваат дека она што тие го сметаат за соодветна порака за испраќање ќе биде прифатена како таква и од жената на која и ја испраќаат.
Што да се прави?
Честопати, жените едноставно ги игнорираат несаканите фотки со цел да не му го дадат на испраќачот посакуваното внимание. Но постојат и други опции за кои испраќачите треба да бидат свесни. На крајот на краиштата, испраќањето непристојни фотографии не е тривијален прекршок. Примателите би можеле да ги објават во јавност или да ги пријават. Во Германија споделувањето сексуална содржина без согласност е кривично дело, кое спаѓа под незаконска дистрибуција на порнографски материјал. За тоа може да се добие парична казна или затвор до една година.
Од февруари 2020, примателите на такви пораки можат да се заштитат на Твитер. Постои посебна екстензија наречена safeDM, која ги филтрира непристојните фотографии.