1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Стил на живот

50 години сексуална револуција: Слобода или нов притисок?

Бетина Бауман
21 август 2018

1968 - година која во Германија ја обележаа бунтови. Ослободување од застарените сфаќања, гласеше девизата на револуционерите на универзитетите. Истото важеше и за сексот. Што преостана од сексуалниот револт?

https://p.dw.com/p/33QZL
Together! Die neue Architektur der Gemeinschaft Ausstellung Vitra Design Museum
Комуна 1, 1968 - за многумина до денес симбол на сексуалната револуцијаФотографија: Werner Bokelberg

Во годините по Втората светска војна во Западна Германија се наметна сексуален морал кој беше обележан од табуа и заканувачки пораки: кој се самозадоволува ризикува повреди на коскената срж или пак повреди на рацете, ерегиран пенис се сметаше за болест, а женскиот оргазам за штетен. Сексуалноста беше нешто за што не се разговара, нешто од што се срамиш и што требаше да се крие од млади и деца, се потсетува Улрике Хајдер во интервју за ДВ. Авторката која е родена во 1947 во Франкфурт и самата била учесник во побуната на студентите во 1968-ма. Таа раскажува дека дури од страна на студентка на Социјалистичкото студентско здружение на Германија добила „темелно појаснување за сексуалноста“, за кое до ден-денешен е благодарна.

„Мајка ми ме нарекуваше 'ороспииче'“

Социјалниот и сексуалниот конзервативизам на 1950-те не е случаен. Јасно поделени полови улоги и романтизиран домаќинлак беа обид за ставање на животот повторно во колосек по Втората светска војна. Сѐ требаше да биде што е можно понеупадливо. „Мајка ми очекуваше најдоцна пред 30-та година да се омажам за богат доктор или адвокат, да родам деца и да имам куќа. Кога откри дека на 21 година имав секс со мето прво момче, ме нарече 'ороспииче'“, раскажува Хајдер.

Bildkombo Ulrike Heider
Улрике Хајдер тогаш и денес

Дури со воведувањето на антибеби таблетата во САД на 18 август 1960, а во Германија една година подоцна, се разлабавија моралните претстави на конзервативната ера на Аденауер од 1950-те и раните 1960-ти години и се поплочи патот за движењето од 1968-ма за поголема сексуална слобода. Новиот метод на контрацепција им овозможуваше на двата пола да развијат сексуална релација ослободена од стравови, а ја унапреди и еманципацијата на жените. Планирањето на семејство сега беше во нивни раце и така почнаа да студираат и да се едуцираат наместо да раѓаат деца.

Револуција на цел општествен поредок

Од средината на 1960-те сексуалниот бран ги зафати и медиумите. Фотографите, уредниците на весници, но и порнографите покажуваа гола кожа во изобилство. Сексуалните реформатори на чело со Освалт Коле работеа на освестувањето и сексуалната едукација на народот преку филмови.

Младите револуционери во училиштата и универзитетите пак отидоа чекор понатаму. Тие имаа декларирана еманципаторска цел социјалната револуција која веќе се случуваше да ја поврзат со културолошка и сексуална револуција.

„Нивната утопија беше еднакво општество (…), во кое љубовта и сексуалноста беа ослободени од моралните, црковните и државните окови“, вели авторката. „Традиционалните институции - брак и семејство, требаше да бидат заменети со нови, почовечки врски, љубовни  и сексуални."

Deutschland Familienfoto 1950
Семејна идила од 1950-те: „Нормално и неупадливо“Фотографија: Imago/Gerhard Leber

Цимери и слободна љубов наместо моделот на граѓанско мало семејство

Како спротивност на моделот на граѓанските претстави за љубов и семејство се појавија комуните во кои луѓето живееја невенчани во заедница и експериментираа со промискуитетот. Се организираа семинари и работни групи во кои отворено се зборуваше за сексуални практики и проблеми. 

„Која ќе останеше бремена без да сака, без грижа на совест абортираше“, вели Хајдер. Се скрши табуто за сексот! Уживање наместо размножување, гласеше девизата.

„Една генерација се обиде да покаже дека е различна од оние кои учествувале во најголемиот злостор против човештвото (…). Пароли како 'Make love, not war' (…) требаше да разјаснат дека сексот е доброто што треба да се ослободи, за да се води битка против злото”, пишува авторката и феминистка Маргарете Стоковски (генерација 1986) во нејзината книга „Долу ослободен“ (2016).

Револуција со мани

Но, што се однесува до жените, сексуалната револуција не донесе само слободи, туку и нови притисоци. Паролата „Кој двапати спие со истата жена, веќе е дел од естаблишментот“, за жените значеше дека мора да се на располагање ако не сакаат да важат за „заостанати”.

На собирите тие и натаму поретко зборуваа, и „беше подобро да чукаат летоци, наместо да зборуваат, или пак беа само девојката на тој и тој“, вели Стоковски. Еден од главните проблеми беше што револуцијата требаше да биде сексуална, но распределбата на силите меѓу половите не требаше да биде ставена под прашање. Тоа се случи дури со вториот бран на женското движење, кое на 13 септември 1968 беше предизвикано од фрлањето домати врз претседателството на СДС од страна на Зигрид Ригерс.

Szene aus "Das Wunder der Liebe"
Во филмот „Чудото на љубовта“ Освалт Коле се занимава со прашањето на сексуалноста во бракотФотографија: picture-alliance/Keystone

„Успешна сексуалност“

Како е денес, 50 години по сексуалната револуција? Може ли да се зборува за сексуално самоопределување? Одговорот е отрезнувачки.

Сликите со секс се сеприсутни - во филмовите, рекламите, списанијата или поп-културата. Порно-филмовите, благодарение на интернетот, се пристапни речиси насекаде и во секое време, а еротски романи како „50 нијанси сиво“ станаа мејнстрим.

Feministin Margarete Stokowski
Маргарете Стоковски , авторка на книгата „Долу ослободен“ Фотографија: Rowohlt Verlag

Но, она што на прв поглед изгледа како слобода, не мора да е израз на сексуално самоопределување. Додека за едни „50 нијанси сиво“ е еманципаторска книга, за други е само потврда на клишеата: срамежлива, беспомошна девојка добива објаснувања за светот од богат, сексуално искусен маж. 

Медиумите пренесуваат само една единствена слика за жена - млада, тенка и заводлива, и со тоа ги ставаат девојчињата под притисок. Оптимизација се бара насекаде, дури и во делот на љубовниот живот. Во 1968 година не се третирало како неуспех доколку сексуалниот живот не е исполнет, вели социологот и истражувач на полови, Имке Шминке од универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен. Во разговор за ДВ таа нагласува: „Денес добрата, успешна сексуалност стана задолжителна.“

Благодарение на 1968-ма - поголема отвореност

Половина век по сексуалната револуција продолжува битката „за“ и „против“ повеќе либерализација. И натаму не постои општествена слика за сексуално активни жени која не е поврзана со срам, вели Маргарете Стоковски. Противниците на абортусот и приврзаниците се караат за членот 219a, во кој се забранува реклама за абортуси, а родители даваат организиран отпор против настава во која се третира хомосексуалноста и транс- и интерсексуалноста. Повеќепати тематизираната „рана сексуализација“ стана главно оружје во рацете на деснопопулистички и десноконзервативни кругови и во 2016-та дури си го најде патот и во изборната програмана Христијанско-социјалната унија.

За Улрике Хајдер е јасно кои се историските победници: тоа се оние што ја „комерцијализираа сексуалноста и на кои напорите за ослободување финансиски им се исплатеа“. Сепак, заслуга на револуционерите од 68-ма е што денес барем можеме слободно да дебатираме за сето ова.