Западниот Балкан во редот за чекање
6 јули 2019Во актуелната политички поделена ситуација во Европа, не се размислува за проширување на ЕУ на Западен Балкан. Тоа е едноставна и јасна вистина: Европска унија се соочува со предизвикот за да го преиспита своето внатрешно заедништво и својот однос кон земјите од западен Балкан. Сигналите кои пристигнуваат од европските престолнини во насока од Сараево до Тирана, се контрадикторни и ја покажуваат дилемата: Се' повеќе и повеќе земји одлагаат, дадените ветувања се одложуваат, новите политички играчи сметаат дека старите ветувања не се обврзувачки. Време е за нова стратегија на ЕУ за Западен Балкан, стратегија која е спроведлива во ЕУ и која на луѓето во земјите од Западен Балкан им дава конкретни и спроведливи перспективи. Т.н. Берлински процес (во чии рамки е одржан Самитот за Западен Балкан во Познањ) е клучот за овој пат.
Ненаградени напори
Драматургија во последните години и месеци: ЕУ им ветува на С. Македонија и на Албанија отворање на преговорите за пристапување кон ЕУ. Земјите вложуваат многу напори за да ги исполнат условите. С. Македонија, со промена на своето име, успеа да постигне историско помирување со Грција, а Албанија, исто така, започна болен Ветинг-процес кој го бараше ЕУ, а станува збор за проверка на сите судии и обвинители. Има многу пофалби од сите страни. Меѓутоа, членките на ЕУ не ги почитуваат своите ветувања од 2018 година и повторно го одложуваат почетокот на преговорите за пристапување.
Повеќе:
-Познањ: Многу пари, малку успешни приказни
-Патувачки циркус на ЕУ во Познањ
-Познањ: Датумот за преговори не треба да се одлага
Секако, за тоа постојат многу добри причини, особено сегашната државна и уставна криза во Албанија повторно ги доведува во прашање досега постигнатите напредоци. Меѓутоа, и покрај тоа, ЕУ можеше да застане пред своето ветување и да започне со преговорите.
Тоа би бил само почетен сигнал во еден долготраен процес, кој сигурно ќе се развлече на повеќе години! Но, ветувањето од Солун (2003) за воведување 6 држави од Западен Балкан во ЕУ одамна не претставува мислење на мнозинството во ЕУ. Кој навистина сака проширување во ЕУ? Францускиот претседател Емануел Макрон јасно кажа: прво продлабочување, а потоа нови приеми.
Никој не размислува за проширување
Сепак, Црна Гора и Србија преговараат веќе неколку години, дури и ако се успорува процесот. За Босна и Херцеговина и за Косово се' уште не може ни да се размислува за почеток на преговорите. Косово е единствена земја во Европа без право на патување, а ветената либерализација на визниот режим повторно од почеток се одложува. Повеќе од неверојатно е дека новиот шеф на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, чија земја Шпанија не ја призна независноста на Косово, ќе оди во насока на олеснување за Косово. Дека овие два ЕУ-протекторати се најмалку зрели за ЕУ можеби најјасно го покажува недостатокот на кохерентност на европската политика кон западен Балкан.
Сега оваа дилема на Самиот за Западен Балкан во Познањ повторно дојде на виделина. Полскиот претседател Дуда беше отворено разочаран од неодлучноста на неговите европски партнери на земјите од Западен Балкан да им понудат повеќе приближување, Меркел ги смируваше страстите, а Макрон дури не се ни појави.
Мали чекори, наместо голем скок
Постојат бројни конкретени постигнувања во регионалната соработка, од ифраструктурни проекти до регионална соработка на младите РИЦО, проекти и мерки, на кои учесниците во т.н. Берлински процес со право би можеле да бидат горди и кои на луѓето во регионот им носат вистински подобрувања.
Тоа би требало посилно да се истурка напред. Економските олеснувања и поддршката за соработка треба уште повеќе да зајакнат. Ако на повеќе нивоа постои попустливост и размена меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ, тогаш предзнакот за наредните неволји поврзани со пристапувањето кон ЕУ веќе не е најважен. Взаемното признавање на дипломи, кое сега е договорено во Познањ, е вистински и конкретен напредок за илјадници млади академски образувани луѓе! Да бидеме искрени: ако големиот скок кон членство во ЕУ во блиска иднина не е спроводлив, тука се бројните мали чекори насочени кон нормализирање на меѓусоседските односи, а кои секако се поврзани со јасните барања за нормите и за реформите за владеење на правото. Тоа е она што вистински им е потребно на луѓето и тоа што тие го ценат. Берлинскиот процес започнат од страна на канцеларката Меркел во 2014 година веројатно е најреалниот инструмент на политиката за конкретно приближување во моменталната криза во ЕУ.