1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Познањ: Многу пари, малку успешни приказни

Анила Шука
5 јули 2019

Во Познањ заврши Конференцијата за Западен Балкан која е се одржува во рамки на Берлинскиот процес. Наредниот самит ќе се одржи во Северна Македонија и Бугарија.

https://p.dw.com/p/3LfgP
Polen Westbalkan-Konferenz | Merkel & Zaev & Borisov & Morawiecki
Фотографија: Regierung Nord-Mazedonien

Од Конференцијата во Познањ, Полска, не се очекуваше многу. Сигналот кој е упатен во насока на Западниот Балкан е: пари во замена за чекање.

Дадено е зелено светло за уште 8 инфраструктурни и енергетски проекти во обем од 700 милиони евра, од кои 180 милиони евра субвенции, а остатокот пари ќе дојдат од кофинансирање од страна на влади и кредити од европски банки.

Три од овие проекти одат директно за Северна Македонија. Еврокомесарот Јоханес Хан ја нарече земјата „светол пример“ за целиот регион. И германската канцеларка уште еднаш ја пофали балканската држава: „Не познавам никого во ЕУ кој не е полн со восхит за она што го постигнаа Грција и Северна Македонија“, рече Меркел. Таа додаде дека чувствува олеснување што е отворен патот за преговори за приклучување на Северна Македонија во ЕУ и влез во НАТО.

Земјата во рамки на Берлинскиот процес добива уште една улога: заедно со Бугарија ќе го преземе претседателството со Берлинскиот процес во текот на годината што претстои. „За нас е голема чест што ние, како кандидат за приклучување, сега заедно со една членка на ЕУ ќе координираме комплексни проекти“, изјави премиерот Зоран Заев пред новинарите.

Polen Westbalkan-Konferenz | Zoran Zaev, Ministerpräsident Nord-Mazedonien
Македонскиот премиер Заев рече дека за земјата е голема чест што ќе координира комплексни процеси со една земја членка на ЕУФотографија: Regierung Nord-Mazedonien

Тоа не е едноставна задача. Исполнувањето на проектите особено е оптоварено од конфликтот помеѓу Србија и Косово. Самитот во Познањ тука не донесе ништо ново. Премиерите на двете земји уште еднаш си упатија меѓусебни обвинувања за состојбите. Српската премиерка Ана Брнабиќ рече дека поради стопроцентните царини за српска стока воведени од страна на косовската влада, ова е прва година на намалување на трговијата помеѓу двете страни. Тоа, според нејзе, ја нагризало и довербата помеѓу земјите во регионот. Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, пак, не сака да ги укине царините и настојува на признавање на својата држава од страна на Србија.

Повеќе:

Меркел: Решавањето на спорот за името е позитивен пример

Патувачки циркус на ЕУ во Познањ

Познањ: Датумот за преговори не треба да се одлага

Од Познањ, сепак, доаѓа и една добра вест: признавање на универзитетските дипломи. Меѓутоа, на Конференцијата не се успеа во постигнување договор за признавање и на другите видови дипломи од пониски степени на образование. Ова постигнување не е доволна утеха во случаите кога граѓаните на Косово и натаму треба да вадат визи за да влезат во Босна и Херцеговина, на пример, или кога возачите на камиони чекаат со часови на царинските терминали, затоа што недостига политичка волја за спојување на царинските контролни пунктови.

Polen Westbalkan-Konferenz | Merkel & Zaev & Borisov & Morawiecki
Прес-конференција на канцеларката Меркел, полскиот премиер Моравјецки, бугарскиот премиер Борисов и македонскиот премиер Заев (од л. кон д.)Фотографија: Regierung Nord-Mazedonien

Мајлинда Брегу, секретар на Регионалниот совет за соработка, вели: „Потребни ни се повеќе успешни приоказни, или во спротивно можеме само да се среќаваме на самити, а да не успеваме да го одржиме мотивацискиот пламен на ЕУ-перспективата.“

Конференцијата за Западен Балкан, која датира од 2014 година, наредната година во Северна Македонија и Бугарија ќе ги собере повторно претставниците на владите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Хрватска и Словенија, како и на Германија, Австрија, Франција, Италија и Полска.