Зад димната завеса на Самитот за демократија
10 декември 2021Американскиот претседател Џо Бајден вчера го отвори виртуелниот Самит за демократија кој ги обединува 110 земји и нејзините лидери, граѓанското општество и приватниот сектор. Отсутни од самитот се големите автократии како Русија и Кина, Иран, Венецуела и С. Кореја, а не беа поканети и две членки на НАТО, Турција и Унгарија.
Самитот доаѓа во мошне интересен и тензичен момент, веднаш по виртуелниот состанок помеѓу Бајден и Путин околу судбината на Украина, на чијашто граница Москва не толку виртуелно веќе со месеци концентрира стотина илјадници трупи и модерно вооружување. Кина на Џинпинг веќе со месеци секојдневно испраќа воени авиони во воздушниот простор на Тајван, потсетувајќи дека обединувањето со островот е приоритет број еден за Пекинг. Иран на ајатоласите е сѐ поблиску до развивање нуклеарен капацитет, нешто што претставува егзистенцијален проблем за Израел и за арапските држави кои се дел од Абрахамовиот договор.
Неколку дена претходно Бајден разговараше и со лидерите на Италија, Франција, Германија и В. Британија, демонстрирајќи дека сателитите на Вашингтон се согласни со употребата на финаниски санкции во случај Москва да се определи за инвазија. Се разбира, за Вашингтон е корисно да се претстави дека е подготвен за координација со Европа, со цел да остане контрадикторен околу употребата на американски трупи во Украина и барем малку од малку да ја сочува компактноста во американската сфера на влијание. Не случајно, разговорот само со западните сојузници од ЕУ е порака до оние источните, особено за Полјаците, но и за Украинците, да не го подигаат нивото на тензија и да не дотураат бензин во оганот.
Една недела претходно пак, САД, ЕУ, Канада и В. Британија наметнаа нови, трети по ред санкции за Лукашенко, со цел да испратат порака до Русија. Во исто време се одржа и втората средба на високо ниво САД-ЕУ за дијалог околу Кина, каде сојузниците констатираа „растечка листа на загрижувачки кинески потези“, почнувајќи од оние спротивни на меѓународното право, на човековите права и на интересите и вредностите кои САД и ЕУ ги споделуваат. Се разбира човековите права и демократските вредности се потврдуваат како една завеса – не железна, туку димна. Димна завеса која треба да послужи со цел да се обедини јавното мислење во Европа зад наративот на западните влади, за тие да можат да се посветат на вистинската борба со Кина. Вистинската цел не е ширењето на правата и слободите, туку запирањето на меѓународниот подем на Кина, нешто што треба да се изведе пред се економски.
Истата логика треба да се преслика и во случајот со (Бело)Русија, иако процесот е далеку покомплициран од проста историска и географска причина. Европската послушност и подреденост кон Вашингтон не може да биде така комплетна кон Москва, како што е кон Кина. Некои од европските земји имаат историски и неконфликтуални односи со Русија, која останува прв снабдувач на нафта, гас и јаглен за ЕУ. Дел од тие ресурси доаѓаат преку Белорусија. Тотален крах во односите со Русија би ја чинеле Европа многу скапо, особено во услови кога зимата е пред портите. Санкциите се само добра и неефикасна алатка за Европа да покаже дека се согласува со САД, додека купува време во надеж и потрага по траен компромис.
Други колумни од авторот:Договорот меѓу Италија и Франција како поттик за европска Македонија
На точно 30 години од распадот на СССР, Москва бара формален договор околу Украина и гаранции дека проширувањето на НАТО ќе прекине пред нејзините граници. Русија се надева дека на тој начин ќе дојде до преговори и ќе добие маневарски простор после 20 години агресивно проширување и блокада на нејзиното западно крило. Америка пак не може ни во најлудите фантазии да си дозволи нов конфликт во срцето на Европа. Оттука, прашањето од трилион рубљи кое Путин му го наметнува на Бајден е: кој ќе има поголеми последици од евентуална војна во Европа?!
Контрадикторна иницијатива
Во овие услови се оддржува „Самитот за демократија”, па да видиме која е неговата цел, значење и вредност во овој формат и во овој историски момент.
Самиот факт дека се повикани 110 држави, од кои 31, „делумно слободни“; и три, „не слободни“, говори за контрадикцијата, но и неуспехот на оваа иницијатива. Секоја иницијатива која е преширока во форматот, сама по себе нема никаква вредност, затоа што не може да постојат заеднички интереси за 110 земји, не постојат ни за три земји, камоли за волкава бројка. Идејата на САД, не толку практично, колку што реторички, останува валидна - целта е да се соберат пред се земјите од Европа и од азискиот југоисток, за тие да делуваат во антикинеско својство.
Исклучувањето на Унгарија е доста индикативно за принципот според кој некои земји се поканети и институционално претставени како демократски, а други не. Пример, според западните стандарди за демократски држави, Полска и Унгарија секогаш се претставени како слични во своето институционално кршење на човековите права и правната држава, но Полска беше поканета, додека Унгарија не. Тоа е од причина што Унгарија за разлика од Полска не е русофобична земја и е единствената од централно-источна Европа која не учествува како американски сателит во изолацијата на Москва. Но, Русија е само секундарна мета на овој „демократски“ самит, првиот и клучен субјект е токму Кина.
Идејата за овој собир има своја силна идеолошка компонента, од причина што актуелната американска администрација го сметаше пристапот на Трамп кон Кина за дефектен. Трамп создаваше коалиција од европски и азијатски земји на утилитаристичка основа, без да го користи наративот околу човековите права и демократијата на вака идеолошки начин. Сега сме сведоци на враќање на класичниот американски наратив во меѓународната политика каде акцентот се става на човековите права и слободи.
Која е целта на форматот?
За што треба овој формат да послужи? Треба да послужи за две конкретни цели. Прво, самитот пред се им се обраќа и е наменет за европските западни демократии, бидејќи тие се единствените кои навистина ги интересира прашањето за човековите права и за состојбата на демократијата. А токму напредните земји од Западна Европа, со исклучок на Британија, се најтешки да се убедат отворено да се спротивстават на подемот на Кина. Во американското сфаќање на поделбата на задачи во рамките на НАТО, источните членки на Алијансата треба да послужат за задржување и изолација на Русија, додека западните, треба да придонесат, пред се поморски, во задржувањето на Кина. Дополнителна причина за тоа е што западните земји на ЕУ немаат русофобичен став и немаат намера да влегуваат во отворен судир со Москва.
Други колумни од авторот: Можна ли е нова руска инвазија врз Украина?!
Втората цел на овој самит е САД да испрати еден вид на порака, да подели оценки за полугодие до земјите кои не се поканети и не се дел од овој собир. Пример до Турција, членка на НАТО, која не се однесува баш во согласност со директивите и намерите на Вашингтон. Се разбира, форматот е толку бесмислен и безначаен што се користи како прекор кон оние земји со кои САД не сака трајно да ги расипе односите, додека исто време да се исклучат од настанот практично не ги чини ништо.
Во таа насока го нема ни Египет, додека ја има Саудиска Арабија, чиј принц нарача убиство на новинарот Кашоги. Го нема ни Виетнам, близок до САД и клучна земја за изолирање на Кина, додека го има Пакистан, земја покровител на Ал Каеда на пример. Го нема Виетнам затоа што од нив се бара отворено да се декларираат против Кина, па еве можност да се потсетат на американското барање. Пакистан е внатре не затоа што е демократски, богохулие е Исламабад да се нарече за таков, туку затоа што е нуклеарна сила и е земја која мора да се придобие тотално. Тоа е тешко затоа што Индија е веќе прв сојузник на САД против Кина, а знаеме дека ако Индија е со САД, тогаш Пакистан неминовно е приморен да се приближи кон Кина. Но, САД не сакаат да го отклонат Пакистан од себе.
Се разбира, Македонија и Косово се поканети, како главни проамерикански земји во регионот, но поканета е и една Србија, која важи за најавторитарна земја во регионот, додека изоставена е Босна, што уште еднаш потврдува дека идеолошката контроверза и контрадикција е навистина огромна.
Која е суштинската вредност на овој самит? Речиси никаква, освен да не потсети, за наше добро или зло, дека Америка идеолошки се забавува да дава пропусници и оценки која земја е демократска, а која не, но и за да испрати сигнал, која земја да се доближи, а која да се оддалечи, која има шанси, а која нема, да биде сателит во соѕвездието на Вашингтон.
Во надеж дека во блиска иднина и со цел реални промени, од Самит „за“ демократија, ќе се организира и еден Самит „на“ демократии.