1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Самитот на САД за демократија ќе испорача резултати? 

Џон Маршал
9 декември 2021

За повторно да се етаблира како втемелена демократија, САД е домаќин на виртуелен самит против автократско владеење, корупција и за промовирање човекови права. Што воопшто може да се очекува од него?

https://p.dw.com/p/442V1
USA US-Präsident Joe Biden
Фотографија: Michael Reynolds/Pool via CNP/picture alliance

По владеењето на еден турбулентен Доналд Трамп, кога се промовираа теории на заговор и се обожуваше автократен стил на лидерство, претседателот Џо Бајден повторно ја етаблира неговата посветеност на демократијата со одржување на Самит посветен на нејзината одбрана.

САД ќе мора да ја ревалуираат својата традиционална улога на пример за демократски вредности на Самитот за демократија кој се одржува од 9-10 декември. Стејт департментот навестува  дека можеби е поискрено да се преземе нова улога со тоа што ќе искористи „можност да се слуша, учи и зборува за предизвиците со кои се соочува демократијата во самите САД”.

Администрацијата на Бајден има стрмен пат пред себе и многу да учи со оглед на неодамнешните предизвици со кои нивната демократија се соочи на домашен терен. 

Нападот врз Капитолот во јануари, координираните напори на Републиканската партија да спречи поголема излезност со рестрикции на рано и гласање по мејл или фактот дека само третина од Републиканците сметаат оти изборите биле фер, како што покажува неодамнешна анкета на НПР, се јасни индиции дека американската демократија е разнишана.

Со оглед на состојбите со демократијата дома и во странство, има куп прашања околу тоа што да се очекува од Самитот.

USA Trump-Anhänger stürmen Kapitol
Нападот врз Капитолот во јануари - слики кои ја шокираа Америка и светотФотографија: Leah Millis/REUTERS

Сценарио во најдобар случај

„Консензуално мислење изгледа е дека вакви самити се одржуваат примарно за да адресираат одредени проблеми, а не да ги решаваат. Не е многу веројатно дека ќе произлезат конкретни или значајни мерки”, вели Ерик Ветен, професор по геополитички науки и правда на Универзитетот во Џорџтаун. Тој смета дека настанот е симболичен и треба да ги акцентира приоритетите на надворешната политика на САД, меѓу кои е и демократијата.

Џејмс Леминд, директор на Програмата за демократска отпорност при Центарот за анализа на европски политики вели дека ќе постави две прашања во однос на резултатот од самитот: дали земјите и учесниците ќе настапат со конкретни обврски и дали тие ќе бидат значајни?

Глобален проблем

Речиси 70% од земјите во 2020 имаат регистрирано пад на индексот на демократија на Економист Интелиџенс Јунит – што е најниско ниво до сега откако се почнати мерењата во 2006 година.

Самитот отсликува колку е фрапантно  демократското назадување во изминатата декада. Ќе бидат вклучени 110 земји, неколку приватни компании и невладини организации. Но, особено паѓа во очи дека не се поканети земји како Русија, Кина и Унгарија. Во исто време пак ќе присуствуваат земји како Филипини и Конго – и двете пониско рангирани од Унгарија.

Hongkong Protest Menschenrechte
Масовни протести против кинеското влијание во Хонгконг, 2019 годинаФотографија: Tyrone Siu/REUTERS

Иако целта при креирање на листата можеби е чисто политичка, Лемонд во неа гледа наметнување дебата или создавање клима да биде пожелно да се биде во тоа друштво.

„Нема апсолутно никаков начин за да се направи листа на демократии која не би била спорна. Тоа секогаш ќе биде предмет на субјективна оцена,“ вели Ветен.

Останува да се види дали САД и де факто ќе спроведат стратегии кои другите земји ги користат за да ги заштитат своите демократии.

„Мислам дека одговорот е не,“ вели Ветен. „САД во основа имаат отпор кон тоа да учат од други земји. САД сакаат да мислат дека се најпаметни и најсветол пример за останатите.“

Клучна стратегија на самитот

Репутацијата на САД како клучен носител на демократијата е нагризана. По четири години под администрацијата на Трамп, каде демократските принципи останаа во сенка на неговите политички цели, Кина и Русија како одговор на тоа што не добиле покана веднаш ја адресираа американската хипокризија.

Во обид да им се спротивстави на Кина и Русија, администрацијата на Бајден организира самит во контекст на поголема борба за моќ, вели Воетен. Разликата за тоа како Европа и САД ги перцепираат овие големи борби за моќ „е нешто на кое треба да се внимава“, додава тој.

Самитот е значаен контраст во однос на годините со Трамп и фактот дека САД ги адресираат сопствените недостатоци е клучно за да се зачува функционалната демократија. Надвор од тоа, ова е сигнал дека се обидуваат да се етаблираат на глобалната сцена како борец против корупцијата и авторитаризмот и промотор на човековите права и слободи.

„Самитот зборува за тоа дека демократијата е континуиран проект на кој постојано треба да се работи бидејќи е латентно под ризик“, вели Лемонд.