1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Автократијата расте во време на пандемија

1 мај 2020

Убаво им дојде вонредната состојба на властите за да отвораат и затвораат, дозволуваат и забрануваат, прават се’ што сакаат без никаков дијалог. Едноставно, контролираат додека игнорираат. Колумна на Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/3bdyY
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Кризата предизвикана од коронавирусот фаворизира еден нов вид на моќ, нов поредок кој се’ почесто се базира на злоупотреба и немање граници во употребата на моќта. Вистинската паника, или криза, секогаш потекнува од некаква форма на страв. А властите го користат стравот со цел да ги деформираат границите на својата моќ. Дури и кога не станува збор за авторитарни или апсолутистички пулсации кај властите, туку само едно веќе добро познато злоупотребување на кризата за тесни економски или политичко-партиски интереси, ете како низ таквите пракси демократијата повторно се заразува.

Фактички, излегува дека ние луѓето, граѓаните, потиснати од стравот и импотетноста, всушност ја декретираме кризата. Така всушност бараме спас во државата која потоа лесно ги преминува своите граници, кои во некое друго време самата си ги поставила, со цел да не забега.

Се движиме како низ мрак, низ непознатото, а во тој мрак сепак некој не’ чека. Нашата анксиозност и нашите барања секогаш завршуваат на масата на властите, која одеднаш гледа дека и’ е подарена досега невидена граѓанска потрага по решенија, валутации, мерки и предлози, забрани и олабавувања, нешто што се преточува во моментален пораст на нејзиниот авторитет, ако не и авторитаризам. На тој начин властите се наоѓаат одеднаш засилени со една абнормална квота на моќ, еден вид на вонреден мандат. За демократските влади тоа засилување, или подарување дополнителни квоти на моќ од страна на граѓаните, всушност му доаѓа како некој вид на неочекувано честење по години и децении на општа политичка недоверба. Во исто време, за демократите тој подарок е горчлив, доаѓа како еден вид казна, затоа што треба неполитички и непопулистички, навремено и без претеризми да одговорат на барањата на јавното мислење кои не произлегуваат од преголема доверба кон властите, туку од страв и немоќ. Тоа значи дека ваквата контрадикција кај граѓаните може утре да ги казни и најодговорните власти.

Од владеење во командување

Кај автократите пак, станува збор за вонредна состојба која им дозволува да ја заробат оваа абнормалност, ова делегирање без граници, и потоа истата да ја трансформираат и зацементираат во нов или старо-нов авторитарен модел на владеење. Просто кажано, од владеење преминуваат во командување.

Во многу земји низ светот токму таков е случајот. Благодарение на вонредната состојба, ограничувањето на другите институции и карики на власта, преку специјалните закони и декрети, автократите успеваат да експериментираат специјални мерки против критичарите и дисидентите, да ги замолчат медиумите, да ги забранат протестите, да си носат економски и финансиски мерки кои немаат врска со здравствената криза, да ја потиснат и исклучат од политичкиот и општествениот живот опозицијата.

Во Америка, Трамп ја инструментализира кризата за да ја зајакне и конечно забетонира својата домородно-интегралистичка нарација, да ја поддржи екстремната политичка и религиозна десница, да се заканува со рестриктивни мерки за оние држави кои се под власт на Демократите, да ги дискредитира и напаѓа научните и здравствените работници, да го дозволи ширењето на белиот супрематизам.

Популистичкиот наратив се потпира на 4 точки: Измислување на непријателот, кој денеска е Кина и која е обвинета дека го произвела вирусот. Форсирање на реториката на „Америка пред се’“, создавајќи поделби меѓу емигрантите и „добрите" американски работници кои се ограбени. Да се нагласи домашниот непријател, кој до вчера беше муслиманот, а денеска е латиноп-опулацијата. Да се измисли борба против „социјализмот“, тврдејќи дека мерките против вирусот не се социјални, туку социјалистички.

На Филипините, пред протестите на граѓаните од Манила заради недостатокот на храна, претседателот Дутерте на телевизија ќе соопшти дека и’ дал наредба на полицијата и на војската да „пука за да убие“ врз секој оној што го прекршува полицискиот час.

Во Бразил, Болсонаро пред некоја недела јавно ја поддржа манифестацијата на која се бараше враќање на диктатурата преку државен удар на војската.

Кина го искористи моментот за зајакнување на својата контрола врз Јужнокинеското Море, да ги уапси најпроминентните демократи во Хонгконг и дополнително да се вмеша во внатрешните работи на полунезависниот град и да ги дерогира нивните закони и слободи.

Во Полска, популистичката десница ги трансформираше изборните единици надвор од Уставот и воведе гласање преку пошта, нешто што Европскиот суд на правдата го оцени како опасно поради можноста за измами, и го стави судството под уште поголема контрола од извршната власт.

Други колумни од авторот:

Пандемија на осиромашување

Граѓаните и политиката контра науката: еве зошто мислиме дека знаеме сѐ

Европа поделена на „север и југ“ опасно танцува на чекор од амбисот

Во Унгарија, каде што Орбан во речиси една деценија веќе го потчини судството, Уставниот суд и медиумите, ја искористи кризата со коронавирусот за да воведе вонредна состојба без временско ограничување, целосно суспендирајќи го парламентот. Потоа ги испрати специјалните сили и војската да ги држат под контрола најголемите приватни компании, ги пресече парите за општините, на тој начин задавајќи и‘ удар на опозицијата која почна да се реогранизира и обединува околу градоначалниците. Како врв на се’, воведе нови закони за цензура со кои се забранува каква било критика, нареди ревизија на учебниците, каде повторно враќа писатели познати по својот антисемитизам, додека во исто време го брише од историјата и образованието славниот унгарски писател и добитник на Нобелова награда за литература Имре Кертес.

„Економист“ во својот текст „Автократите гледаат шанса во катастрофата“, изброи 84 земји во кои се воведени вонредни мерки и специјални закони, и гласно ги пријави злоупотребите кои автократите низ светот ги спроведуваат, искористувајќи ја трагедијата на пандемијата. Од Кина до Боливија, Гвинеја, Азербејџан, Того, преку Јордан, Оман, ОАЕ, Јемен, да не говориме за автократската пандемија низ Азија, особено на Филипините, во Тајланд и Мјанмар, сите овие земји ги забранија печатените медиуми.

Станува збор за реализација на Путиновата доктрина која ја објави пред некој месец во „Фајненшел Тајмс“, односно, дека идејата за либералната демократија е надмината и дека е во конфликт со интересите на огромното мнозинство на електоратот и популацијата, која се спротивставува на емигрантите, отворените граници, тежите и контратежите, поделбата на власта и мултикултурализмот.

Овој авторитарен експеримент како што видовме не ја поштедува ниту Европа, каде легитимната власт, само затоа што победила на избори, не ги препознава границите и ограничувањата на легитимитетот во рамнотежа со другите центри на моќ или општествените групи, и одбира да ја наметне својата доминација токму преку злоупотребата на пандемијата. Тоа може да се нотира во поблага форма во секоја онаа земја која вонредната состојба ја злоупотребува трансформирајќи го вирусот и јавното здравје во политика, а трагедијата ја претвора во уставна категорија.

Притоа, ваквите злоупотреби не се прават тајно, туку отворено, пред очите на сите, властите дури и се фалат и се перчат со новостекнатата моќ, сметајќи или тврдејќи дека оваа путинистичка дистопија одговара на духот на времето.

Постдемократија

Во овие ситуации е најлесно за властите - што поради оправданието за потребата од експедитивност и одврзани раце, што поради бегање од реалните напори и воздржувања кои демократијата ги бара за да може да функционира - да инкарнираат алтернативна форма на моќ од заморените или нефункционални демократии, прогласувајќи ги за неефикасни, и со самото тоа, за непотребни.

Така доаѓаме до она што се нарекува постдемократија. Односно, политички систем кој ги задржува формалните аспекти и принципи на демократијата, додека во суштина им служи на тесните интереси на малкутемина, им ја негира на работниците преговарачката моќ и ги привилигира големите инвеститори дали фискално, договорно или тендерски.

Нашата држава и власти кои нема да ги окарактеризирам како автократски, сепак припаѓаат на оваа трула логика и рамка, како една демократура. Злоупотребите не се повеќе од режимски тип, напротив, сосема одговораат на оваа постдемократска дефиниција, каде режимизацијата не е потребна или може да се нарече латентна или ползечка.

Ние имаме еден поинаков патолошки однос помеѓу власта и граѓаните. Ние изградивме и веќе со вонреднава ситуација ја потврдивме идејата дека човековите навики, активности, материјални и духовни потреби се една инертна материја, комплетно вон нашите раце и моделирана од страна на властите и политиката до најситниот детал.

Убаво им дојде вонредната состојба на властите за да отвораат и затвораат, дозволуваат и забрануваат, носат мерки и постојано ги менуваат, се скандализираат или закануваат, односно, прават се’ што сакаат без никаков дијалог, дебата, дискусија, а да не зборуваме активно прифаќајки некаква критика. Едноставно контролираат додека игнорираат.

Граѓанинот во целата работа или однос не е повеќе третиран како „персона натуралис“ способна за самоопределба, туку како „персона легалис“, изградена и исчеличена низ законот, или како што милуваат да кажат: согласно позитивните законски прописи.

Нашите животи денес се раководат според законските уредби и економските мерки, биле тие навистина законски или праведни. Тоа го правеше и претходната власт и без вонредна состојба, мислејќи дека човековите животни навики и потреби можат да се раководат само со закони, по брза или регуларна постапка, или донесени со декрет. Но, слабо се разбира дека човечките навики и потреби се менуваат само со други навики и реализирани потреби. Во секое слободно општество, законите без почитување на навиките и потребите, брзо потонуваат или кратко траат. Ако немате вистинска соработка од граѓаните, не само од клиентелистичките банди на партиите, декретите и законите остануваат само мртво слово на хартија или голема злоупотреба на власта.

Едно е послушноста, друго е одговорноста

Затоа пак ќе повторам, кај нас веќе не е проблем дека ни следува некаков си пуч, нова режимизација, авторитарност преку вонредна состојба. Новата состојба и неправда кај нас, нема потреба од тие отворени деформации, нашите деформации се и онака системски и тлеат длабоко во секој од нас. Имаме проблем со носењето реални закони и реформи, со неказнување на криминалците и злосторниците, со фаворизирање на одредени привилигирани категории, со заборавање или потчинување на работникот, со злоупотребување и цедење на добрите бизниси кои вработуваат, за сметка на тие кои само од државата се хранат и паразитираат.

И имаме проблем со таа аспирација на секоја власт, правно да не’ моделираат, како една аморфна маса која е пасивна и потчинета, ставена во улога на обичен набљудувач и раководена од легитимниот, но не и праведен законодавец, бил тој наметнат преку формата на собраниските гласачки машини, или преку законските уредби. Проблемот во нашата земја и злоупотребите кои се прават, остануваат длабоко етичко прашање.

Така, како што од нас се бара само послушност, речиси никогаш вистински не се бара одговорност. И нормално дека тоа се преточува и кај нашите властодршци. Но, власта еднаш мора да разбере: едно е послушноста, друго е одговорноста. Првото е правна категорија, ова второто е морална.

И двете претпоставуваат и некакви обврски, но со таа разлика што автономните обврски, свеста на граѓанинот и неговиот излез од материјалната мизерија или партиската потчинетост, се состојба која предвидува слобода, а потоа со слободата доаѓа и солидарноста. А нашите власти бараат солидарност од потчинетите и заробените, додека самите солидаризираат со привилигираните.

Какво и да му дадеме име на ова арбитрарно однесување, зборуваме за слични нешта. Било тоа нелибералната демократија на Орбан, демократура, апсолутизам или авторитаризам, системските проблеми на власт која сака да командува, а не да владее, која не дозволува мешање од ниедна друга конкуретна власт, инсититуција или општествена реалност, постојано се вртиме околу истата работа. Според политичката теорија, власта која излегува од инситуционалната рамнотежа се нарекува апсолутизам, власта која ги брише своите ограничувања се вика авторитаризам. Тука сме некаде, тука се препознаваме.

Што во поголема, што во помала мерка, злоупотребата постои и ја заразува нашата фрагилна демократија. А нашиот страв и немоќ, само и’ даваат повеќе моќ на власта, да продолжи да ги деформира своите обврски и одговорности.

Ете, таа трансвестија на моќта треба да биде испрашувана, критикувана, спротивставувана, а не само дефинирана, ако сакаме некаква промена повторно да биде замислива.