1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отров во сопствената земја

22 февруари 2020

Нападот во Ханау се чини дефинитивно им ги отвори очите на политичарите: Германија има голем проблем со расизмот и ксенофобијата, оценува Јенс Турау.

https://p.dw.com/p/3YBki
Hanau Gedenken deutschlandweit / Hamburg
Фотографија: Imago Images/J. Große

Ако им се верува на политичарите во Германија, ужасниот напад во Ханау во средата претставува навистина еден вид прелом. „Расизмот е отров“, рече канцеларката Ангела Меркел. Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер нападот во Ханау го нарече „расистички мотивиран терористички напад“. И политичарот на ЦСУ направи слично силна споредба како канцеларката кога рече дека десноекстремните, антисемитистичките и расистичките тези „се отров, отров кој предизвикува збрка во главите и подготвува почва за настап на злото“.

Со тоа и владата согледува дека хушкањето на интернет, десните пароли, но и агресивните говори на политичарите од „Алтернатива за Германија“ (АфД) во покраинските парламенти и во Бундестагот може да имаат директно дејство врз потенцијални атентатори. Толку недвосмислени оценки политиката во минатото не давала секогаш.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау

Феноменот на десничарски напаѓач поединец

Долги години, па и по серијата убиства извршени од „Националсоцијалистичкото подземје“ (НСУ), многу политичари, особено конзервативните, се задоволуваа со формулата дека државата ќе презема мерки консеквентно против секаков вид тероризам - оној од десно, како и оној од лево, или оној од исламистите. Сега се признава дека Германија во моментов има голем проблем со десничарите подготвени на насилство. За одговорните долго време насилството од десничарите беше феномен на напаѓачи поединци. Во ваквиот начин на гледање на работите организиран се чинеше пред се’ исламистичкиот тероризам, а претходно левичарскиот радикализам, како на пример Фракцијата на Црвената армија. Но дека за терор може да се зборува и кога можеби психички болни поединци се нахушкани на интернет или од затруената општествена атмосфера, е поглед на нештата кој дури сега полека излегува на површина. И, поглед на работите кој добива потврда од многу експерти.

Многу институции и сфери во општеството на свој начин придонесуваат ваквиот отров да станува се’ посилен. И ние, медиумите, придонесуваме за тоа. По вакви ужасни напади како во Ханау, повеќе внимание по правило добива извршителот, а помалку жртвите. Иако овојпат насекаде може да се забележи дека се прави напор  да се опише вџашеноста, ужасеноста и сочувството.

И, се разбира, брзо се слуша повик за преземање политички мерки, за помош која би дошла итно: поголема заштита на џамиите и синагогите, повеќе полиција, надзор над целата АфД од страна за Службата за заштита на уставниот поредок, а не само на делови од партијата ккао што се прави во моментов.

Структурен проблем со расизмот

Но, борбата против десноекстремното насилство и теророт, како што е и против секое друго насилство, на крајот е задача на сите. Прво мора да се согледа дека Германија одамна има структурен проблем со расизмот. Експертите веќе со години проценуваат дека потенцијалот за вакви ставови на населението е околу 20%. Се’ поголемата агресивност - на улиците, во дебатите на пример за градежни проекти, во разговорите на жителите на градовите и населението во провинцијата, си го прави остатокот. Според една распространета десноекстремна теорија, сите овие феномени не постоеле додека Ангела Меркел не ги пуштила бегалците во земјата.

Правото на оружје е заострено, владата ветува дека ќе презема поостри мерки против хушкањето на интернет. Тоа не е погрешно. Но, ако земјата сака вистинска детоксикација, тогаш сите треба да се вклучат- внимание кон најблиските, кон осамените соседи, пружање отпор во случај на конфронтација со луди теории на заговор. Кога станува збор за десничарската омраза, да дејствуваат се повикани сите, без исклучок. Почетниот чекор е направен - врвот на државата сфаќа колку е сериозен проблемот.