1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел најави битка против „отровот на расизмот“

БГ/ ДПА
20 февруари 2020

Германската канцеларка го осуди „отровот“ на расизмот откако осомничен неонацист застрела девет луѓе во два бара во градот Ханау.

https://p.dw.com/p/3Y4lF
Deutschland Berlin | Statement Angela Merkel, Bundeskanzlerin | Hanau Schießerei
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Сите девет жртви на нападот, на возраст меѓу 21 и 44 години, имале „мигрантско потекло“, иако дел од нив биле германски државјани, изјави сојузниот јавен обвинител Петер Франк. Уште шест други лица се повредени, од кои едно е во критична состојба.
Осомничениот, идентификуван како 43-годишниот Тобиас Р. е пронајден мртов во неговиот дом по повеќечасовна потрага. Во домот е пронајдено и телото на неговата 72-годишна мајка и се верува дека и таа била убиена.
Обвинителот Франк вели дека доказите, меѓу нив и видео и „манифест“ на 24 страници, укажуваат на „длабоко расистичко поведение“.„Расизмот е отров, омразата е отров и овој отров постои во нашето општество и веќе предизвика премногу злосторства“, изјави Меркел во Берлин.
Меѓу жртвите се неколку лица со курдско потекло, еден босански и еден бугарски државјанин.
Серијата убиства започнале околу 10 часот во средата вечерта, во наргиле-барот „Миднајт“ во центарот на Ханау. Убиецот зазвонил на вратата на барот и откако влегол почнал да пука кон гостите. Оттаму избегал со автомобил до следниот наргиле-бар оддалечен неколку километри и таму го повторил истото сценарио.
„Изваден сум од памет“, вели Инге Банк, 82-годишна жена која живее веднаш до барот.
„Доколку ни се враќаат нацистите подобро да ги пресечеме во корен“, вели Банк која ја преживеала Втората светска војна.

Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер кој го посети местото на злосторството најави дека вечерва ќе одржи состанок со министрите за внатрешни работи од сите 16 германски покраини со цел да се зголеми безбедноста поради опасноста од десничарските екстремисти.

Deutschland Hanau | Schießerei & Tote, Angriff auf Shisha-Bars: Sicherkräfte vor Eingang einer der Shisha Bars
Полицијата по убиствата во ХанауФотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Probst

Во „манифестот“ на 24 страници објавен на неговата интернет-страница, убиецот пишува дека треба да бидат уништени сите луѓе од повеќе од 20 земји во светот, меѓу нив и Израел и Турција. Тој пишува и дека никогаш не бил во врска со жена, поради тоа што постојано бил следен од некоја тајна служба.
Во повеќе германски градови за вечерва се закажани комеморации за жртвите. Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер порача дека ги поддржува „сите оние кои се загрозени од расистичката омраза“. „Не сте сами“, изјави Штајнмајер кој вечерва пристигна во Ханау.

Меркел најави битка против „сите оние кои сакаат да ја поделат Германија“. Таа потсети на убиствата на неонацистичката келија НСУ меѓу 2000 и 2007 година, како и на убиството на про-мигрантскиот политичар Валтер Либке во јуни, и нападот врз синагогата во Хале во октомври, како пример за опасноста која се заканува од десните екстремисти.
Германската полииција претходно идентификуваше 60 десни радикали како „опасни“ поединци способни да извршат насилни напади. Минатата недела беа уапсени 12 припадници на германската радикално десничарска група која подготвувала напади врз џамии.

Од бројните осуди на насилството во Ханау се издвои единствено ко-претседателот на десничарската АфД, Јерг Мојтен кој оцени дека убиствата „не беа ниту десничарски ниту левичарски екстремизам“, туку злосторства на „лудак“.
Останатите партии ја обвинуваат анти-исламската и анти-имигрантска АфД дека го нормализира говорот на омраза и дека поттикнува омраза против странците.