1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Тајни информации, митови и новиот десничарски терор

Кристофер Неринг
21 февруари 2020

Новиот вид на десничарски терористи, на кои припаѓа и оној во германскиот град Ханау, манифестира склоност кон верување во постоење тајни сознанија, полни со спиритуелна мистика и теории на заговор.

https://p.dw.com/p/3Y8Wv
Symbolbild Illuminati Verschwörungstheorien
Фотографија: Imago/Chromorange

Тобијас Р. во саботата вечерта околу 22 часот влета во два наргиле-барови во Ханау, уби девет луѓе, а потоа мајка си и себеси. Единаесет мртви и шест ранети е билансот на најголемиот терористички напад во последните неколку децении во Германија. Инаку, четврт по ред во помалку од една година.

Само неколку часа по делото, се појавија видео порака и „манифест“ на 24 страници од Тобијас Р. Во нив тој пружи увид во својот болен умствен свет. Свет полн со теории на заговор и омраза, кој цути во помалку познатите ќошиња на интернет и одамна не е веќе маргинална појава.

Видео пораката на Тобијас Р. е снимена на англиски јазик, јазикот на интернетот, и со неа тој се обраќа до американскиот народ. Безимени тајни организации од подземните бункери ја презеле контролата над САД и светот, тврди Тобијас Р. Нивната моќ се крие во „тајни информации сознанија“ со кои останатото население „го држат како робови.“ Постои и сопствена „тајна служба“, која не е идентична со познатите германски или американски служби како БНД, ЦИА и компанија, а таа го надгледува и следи Тобијас Р. во чекор.

Тајни сили

Тајни организации, заговори и тајни сознанија се она што внатрешно го држи светот заедно: „Единственото што игра некаква улога е ние луѓето да допреме до вистината и информациите што всушност овде се случува.“ Така напиша Тобијас Р. во неговиот очигледно уште во 2019 година објавен „манифест“ на германски јазик на интернет. Тој самиот дошол до овие сознанија и тоа преку гласови во неговата глава, кои му се обраќале уште на негова неколкугодишна возраст. Освен тоа, тој очигледно верувал и во силата на телеперцепција, односно комуникација на големи дистанци чисто преку силата на мислите. Овој „паранормален феномен“, кај народот познат и како јасновидство, стана светски познат преку експериментите на тајната служба на САД, ЦИА, во 1970-те години.

Но, додека ЦИА телеперцепцијата и нејзините одлики ги анализирала од аспект на оружје во Студената војна или во откривање на исчезнати лица, Тобијас Р. се обратил до еден „Институт за телеперцепција“ за да ги соопшти своите сознанија за светот и прогонот на кој бил изложен од тајните служби. Атентаторот од Ханау се гледал себе си како привилегиран „гениј“, кој успеал да проникне во заговорите и корелациите во светот. Затоа, бил принуден да дејствува, што пак го водело кон омраза. Омраза кон Евреи, кон странци, кон жените.

Замрсен и хаотичен свет во главата на Тобијас Р.

Светот може да биде спасен само доколку неколку „раси“ и народи бидат комплетно уништени, уверен бил Тобијас Р. Турците, Ирачаните, Авганистанците, Арапите и Евреите морало да бидат протерани, истребени, убиени. Тобијас Р. притоа бил воден не само од личните негативни искуства со турски или арапски сограѓани, туку дал и натамошно искривено образложение: феминизмот води до помал број раѓања, што пак предизвикува масовни преселби, a за што, како што тврди тој, одговорни се  Евреите.

Hanau Gedenken deutschlandweit / Hanau
Протест во Ханау против нападот предизвикан од расистички мотивиФотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

Евреите, феминизмот, миграцијата и тајните сознанија биле столбови на замрсениот и хаотичен поглед на свет на Тобијас Р. Тој е мешавина од теории на заговор. Експертот за теории на заговор, Михаел Бутер, професор на Универзитетот Тибинген, сфаќањето дека една тајно оперирачка група од ниски побуди се обидува да контролира или уништи одредена институција, земја или дури целиот свет, го смета за срж на секоја теорија на заговор. Тобијас Р. направил микс од одделни „класични“ теории на заговор, како на пример Еврејски заговор против светот, со нови примери, како верувањето дека феминизмот е дел од етноморфоза, смена на народи преку преселби.

Повеќе: 

Ханау: Заедништвото е најсилно средство против омразата

Ханау: Меркел најави битка против „отровот на расизмот“

Унгарија е европски првак во теории на заговор

Mашини за лажни вести

Тајните отсекогаш предизвикувале посебна фасцинација. Тајните знаења, или верувањето во нив, врши поделба на луѓето во упатени и „нормални“, во владеачи и владеани. Во своите пораки Тобијас Р. испраќа слика на човек кој се чувствува беспомошен наспроти светот, наспроти туѓинците, жените и општеството. Сѐ додека, благодарение на своите специјални способности, не добил „моќ“ која сакал да ја изживее. Атентаторот од Ханау јасно ја предочува опасната привлечна сила која верувањето во постоење на тајни информации и теории на заговор може да ја изврши врз самотниците.

Спиритуелна мистика и теории на заговор

Притоа, Тобијас Р. не е изолиран во тоа. Уште во 2017 година во јужна Германија беше уапсена шестчлена група на т.н. рајх-граѓани. Кај нив езотериката и паганските обичаи беа помешани со антисемитизам и расизам. И атентаторите од Хале или Крајстчрч веруваа во теории на заговор. Новиот вид на десничарски терористи манифестира склоност кон верување во тајни сознанија полни со спиритуелна мистика и теории на заговор.

Меѓутоа, не секој кој верува во теории на заговор, истовремено станува и терорист. Да се направи разлика меѓу безопасните будали и опасните лудаци станува мамутска задача за органите на безбедноста. Нивната работа ќе треба да биде проширена, имајќи ги во вид „алтернативните факти“, теориите на заговор и наводните тајни информации. Но, за атентаторот од Ханау и неговите жртви, тоа е секако задоцнето.