1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денеска „на испит“ Договорот од Пржино

Катерина Блажевска14 октомври 2015

Разговорите за изборната регулатива кои продолжуваат денеска, паѓаат во сенка на седницата на Советот на јавни обвинители, на која ќе се решава за спроведување на плановите поднесени од специјалната обвинителка.

https://p.dw.com/p/1GnXl
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Помина уште една ноќ без постигнат договор за измени на изборниот законик. Вчерашната средба на Работната група се претворила во билатерални средби на европскиот олеснувач Питер Ванхауте со претставниците на партиите. Нова заедничка средба е закажана за денеска.

Реформите во изборното законодавство, кои не се договорени ни осум дена по договорениот краен рок - 6 октомври, денеска ќе паднат во сенка на друго решение: на затворена седница, Советот на јавни обвинители ќе ги разгледува трите планови поднесени од специјалната обвинителка Катица Јанева и треба да гласа за листата од 14 обвинители што таа ги предложи за нејзини помошници. За секој предложен обвинител ќе се гласа поединечно.

САД и ЕУ подготвени да помогнат

Mazedonien Skopje Peter van Houte
Питер ВанхаутеФотографија: DW/P. Stojanovski

До Собранието, Владата и Советот на јавни обвинители, во согласност со законската обврска Јанева достави работен, персонален и финансиски план. Тие документи во изминатите денови на чуден начин протекоа од некоја од споменатите институции и станаа мета на жестоки критики од провладините медиуми, кои ја обвинија Јанева за „мегаломанство“, споредувајќи колку помал буџет имало Обвинителството за организиран криминал.
Според финансискиот план, за работата на Специјалното обвинителство Јанева побарала четири милиони евра за една година - за плати, наемнини и надоместоци, услуги и расходи, а во кадровскиот план предвидела 124 вработувања. Во тимот, покрај 14 обвинители, треба да има 28 истражители, 30 обезбедувачи, советници и информатичари, чија работа треба да започне по исполнувањето на сите услови, а најдоцна до 2 ноември.

По оркестрираните напади врз финансискиот и кадровскиот план на Јанева, вчера со заедничка изјава се огласија Амбасадата на САД и Делегацијата на ЕУ во Скопје. Во неа тие го поздравија досега постигнатиот напредок во спроведувањето на законот за јавниот обвинител за истраги за прислушуваните комуникации, „што е клучен сегмент од политичкиот договор“.

„Од суштинска важност е Советот на јавни обвинители да ја изврши својата улога согласно со законот за водење на истраги за прислушуваните комуникации и да го именува тимот на г-ѓа Јанева, за да може нејзиното обвинителство да почне да го извршува својот мандат и своите задачи независно, и без да трпи било каков облик на политички притисок. Делегацијата на ЕУ и Амбасадата на САД се подготвени да помогнат доколку тоа се побара од нив и да обезбедат обука и техничка помош за канцеларијата на јавниот обвинител да води истрага за прислушуваните комуникации“, се вели во заедничката изјава.

Диктат врз институција“

Сега, покрај Јанева и тие станаа мета на критика. Денешен „Дневник“на насловната страница, под наслов „САД и ЕУ му издадоа наредба на Советот на обвинителите“ пишува дека двете амбасади „директно ставија под диктат македонска институција и тоа Советот на обвинители, кое е автономно регулаторно тело“, обидувајќи се нивното инсистирање за имплементација на Законот за специјално обвинителство да го претстават како „мешање во внатрешните работи на Македонија“.

Со слични тези и обвинувања се огласија и други провладини медиуми, а многу прашања отвори и „мотивацијата“ на вчерашната средба на обвинители со државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски. Тој објасни дека средбата се одржала по иницијатива на повеќе обвинители, кои се пожалиле на недостиг на кадар во обвинителствата. Со предложените кадри во тимот на Јанева уште повеќе ќе се зголемела потребата за пополнување на испразнетите места, како и на оние кои биле испразнети со заминување на некои обвинители во пензија.

Marko Zvrlevski, Staatsanwalt Mazedonien
Марко ЗврлевскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Извори од правосудството велат дека навистина недостигаат обвинители, но сметаат дека тајмингот кој е избран да се изрази незадоволството од тоа, буди сомнежи за суптилна опструкција на тимот на Јанева. Политиколози и аналитичари изминативе денови предупредија дека ако не се спроведе Законот за специјално обвинителство во целина, односно ако институцијата на профункционира поради евентуални опструкции на предложените планови од Јанева, во прашање се доведува целиот Договор од 2 јуни/15 јули.

Практично, Договорот од Пржино денеска е на 'испит' пред Советот на јавни обвинители, вели политикологот Горан Јовановски.

„Ова ќе биде еден вид 'меѓник'. Од исходот на денешната седница, односно oд тоа дали ќе биде спроведен планот на обвинителката, ќе зависи и судбината на целиот Договор. Тоj предвидува пакет решенија кои ефектот ќе го дадат само ако тие се реализирани во целина. Ако еден сегмент не функционира или биде изблокиран, тогаш нема да функционира целиот 'механизам'“, вели Јовановски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема