САД и ЕУ бараат именување на тимот на Јанева
13 октомври 2015Советот на јавни обвинители треба да си ја изврши законската задача и да го именува тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева, побараа денеска преку соопштение Амбасадата на САД и Делегацијата на Европската Унија во Скопје.
Брисел и Вашингтон го поздравуваат досега постигнатиот напредок по однос на спроведувањето на законот за јавниот обвинител за истраги за прислушуваните комуникации, што е клучен сегмент од политичкиот договор.
Брзото именување на Катица Јанева на функцијата јавен обвинител за истражување на прислушуваните комуникации и фактот што таа достави навремен предлог за тим на обвинители до Советот на јавни обвинители, и општи планови за работа, за тимот и за финансиите до Собранието, до Владата и до Советот на јавни обвинители, претставуваат позитивни моменти, велат претставниците на САД и ЕУ.
„Од суштинска важност е Советот на јавни обвинители да ја изврши својата улога согласно законот за водење на истраги за прислушуваните комуникации и да го именува тимот на Јанева, за да може нејзиното обвинителство да почне да го извршува својот мандат и своите задачи независно и без да трпи било каков облик на политички притисок“, потенцираат претставниците на САД и ЕУ. Оттаму уште нудат и техничка помош за јавниот обвинител.
Според информации во повеќе македонски медиуми, денеска се одржува состанок на Советот на јавни обвинители на кој треба да се аминува тимот на Јанева.